Васко Шутаров

Зошто тривијалното од нашите продавници за брза ментална храна со толкава страст го окупира нашето (и не само) слободно време?!

Што е тоа толку примамливо, што од утринското прво отворање, па до полноќното затворање очи, просто нè мами и нè влече кон жолтила, црнила или весели шаренила од малите екрани на нашите паметни дигитални уреди? Исто како што примамливо нè влечат мирисите и вкусовите од вештачките жолти, розови и со бои на карамела обоени засладувачи и разноразни мирисни заведувачи од нашите мали продавници за брза храна?! Навистина, зошто е толку моќна зависноста од тие секојдневни црни, жолти или розово-прошарени вести, по кои не ни е добро, но како да мораме да го живееме тој секојдневен ритуал, дозиран со редовни порции дневни ментални отрови?! Исто како со брзата храна од нога, од која знаеме дека подоцна нема да ни биде добро, но не ја испуштаме од рака, додека со другата пребаруваме по екранот од нашите мали уреди за брза ментална храна.

Следејќи го словото на еден од најголемите умови на денешнината, филозофот и лингвист Ноам Чомски, можеме да откриеме дел од одговорите, каде се кријат корените и причините за таа наша зависност од „фаст фуд информациите“?! Препрочитувајќи ги неговите луцидни 10 стратегии за манипулација врз луѓето, подоткриваме една силна и цврста вмреженост меѓу високата политика, големиот бизнис и малите и големи креатори на информации и вести, ─ и разбираме дека зад она што нам ни се нуди како мала продавница за брза ментална храна, всушност, стоjат големи и исклучително добро организирани кујни, во кои многу внимателно се крчкани сите можни манипулации што модерново време ги овозможува, а на кои ние секојдневно доброволно им се подаваме.
Рецептурата на Чомски за манипулациите со информациите, изгледа вака…

Најпрво во функција се става пренасочување на вниманието на јавноста, од важните и суштински проблеми, кон помалку важните и несуштинските! Да се ​​преоптоварува јавноста со наплив на небитни информации, за луѓето да не размислуваат и да не можат да стекнат основни знаења за разбирањето на светот!

Потоа, во функција се става создавањето проблем! Овој метод се нарекува и „проблем-реакција-решение“. Потребно е да се создаде проблем, за да реагира дел од јавноста на тоа! На пример: да се провоцира и пренесе насилство, со намера јавноста полесно да ги прифати ограничувањата на слободите, да заборави на економската криза или да најде оправдување за колапсот на социјалната држава.

Постапноста на промените е следниот чекор, со кој, за да може јавноста да се согласи на некоја неприфатлива мерка, таа мора постепено да се воведува „на лажичка“, со месеци и години. Промените, кои би можеле да предизвикаат отпор, се спроведуваат со политика на мали чекори. Така, светот се менува со текот на времето, а луѓето одвај се свесни за настанатите промени.

Одложувањето е само уште еден начин да се подготви јавноста за непопуларни промени, со тоа што тие се најавуваат многу порано и секогаш однапред. Луѓето не ја чувствуваат наеднаш тежината на промените, бидејќи претходно се навикнуваат на самата идеја за промена. Дополнително негуваното чувство за „заедничката надеж во подобра иднина“ го олеснува нивното прифаќање.

Многу интересна состојка во репецептурата за манипулација е обраќањето кон возрасните со употреба на детскиот јазик, со кој се постигнуваат, барем, две цели: јавноста ја потиснува својата критичка свест и пораката има понепосреден и посилен ефект врз луѓето.

Будењето на емоциите, т.е. нивната злоупотреба е класична техника што се користи како „краток спој“ во рационалното расудување. Критичката свест се заменува со емоционални импулси (лутина, страв, гнев итн.). Користењето на таквиот емоционален регистар овозможува пристап до несвесното (ирационалното е царство каде што владее стравот!), па подоцна е можно да се имплементираат идеи, желби, грижи, стравови или принуда на тоа ниво.

Незнаењето е една од најважните состојки во рецептурата за манипулација, посебно на посиромашните слоеви, на кои треба по секоја цена да им се оневозможи пристап до механизмите за разбирање на манипулацијата со нивната согласност. Квалитетот на образованието на пониските општествени слоеви треба да биде што послаб или потпросечен, за да остане непремостлив јазот помеѓу образованието на повисоките и пониските општествени слоеви.

Глорифицирањето на глупоста, колку и да изгледа несмасно и депласирано, има важна улога во поттикнувањето и убедувањето на луѓето дека е во мода, т.е. пожелно е ‒ да се биде глупав, вулгарен и неук! Истовремено, таа „модерност“ предизвика отпор кон културата и науката, што е исклучително пожелно во манипулативните стратегии и техники.

Создавањето чувство на вина е неизбежен дел од арсеналот манипулативни техники со кои е неопходно да се убеди секој поединец, дека само тој лично е одговорен за сопствените проблеми и несреќи, поради слабото знаење, ограничените способности или недоволниот напор! Таков несигурен и потценет поединец, оптоварен со чувство на вина, ќе се откаже од потрагата по вистинските причини за својата позиција и бунт против актуелниот економски систем.

И иако последно, но не и најмалку важно, злоупотребата на науката и знаењето! Брзиот развој на науката во последните 50 години создава сè поголем јаз меѓу знаењето на јавноста и оние што го поседуваат и го користат тоа знаење. Благодарение на биологијата, на невробиологијата и на практичната психологија, „системот за манипулација“ има пристап до напредни знаења за човекот и на физичко и на психолошко ниво, како и голем број начини тие знаења да ги инструментализира.



Таблоидиотизација

Крајниот продукт на континуираната и тотална манипулација со реалната стварност и вистинскиот живот, перманентното таблоидизирање на информатичкиот простор и севкупниот јавен простор, современите културолози го нарекуваат (колку и да звучи тоа грубо!) ‒ таблоидиотизација! Тоа е процес, во кој, од човекот како битие обдарено со разум и ум се создава човек-зомби, а од кичот, шундот и трачот се создаваат мали богови! Се разбира, овие процеси се одвиваат од другата страна на каква било етика и култура, токму на онаа широка општествена чистина од која отсуствуваат културата, забавата, информирањето, науката, образованието, спортот и поддршката за стекнување здрави и добри животни навики и вештини! Тој испразнет социјален и културен простор, како кај младите, така и кај повозрасните, во целост е окупиран од приземна, вулгарна и таблоидизирана култура која преку електронските медиуми и интернетот, а посебно преку социјалните мрежи, комплетно ги исполнува животите на луѓето!

Таквите алармантни социокултуролошки состојби што ги носи таблоидната култура, до посебен израз доаѓаат во државите од регионов! Академските заедници во Србија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина веќе десетина години алармираат за нездравото милје окупирано од таблоидната култура, преку која доминантно се промовираат како „насушна и длабока емоционална потреба на публиката“ само трачеви, гласини, афери, скандали и еден толку жилав и самоодржлив кич, како сушта спротивност од секоја зрела и одговорна критичка свест и култура!

Овде станува збор за воспоставување таков систем од вредности, кој е до таа мера искривен, што веќе не се знае кој е морална и човечка нула, а кој е човечки и морален габарит; кој е џелат, а кој е жртва; кој е криминалец, а кој херој; кој е порочен, а кој доблестен ‒ и што е лага, а што неприкосновена вистина! Во такви времиња и со такви културолошки милјеа, вие имате апсолутно право и да не знаете ништо, а богами и да не работите ништо ‒ а да имате сè!

Таблоидната култура умешно го користи секој социјален вакуум испразнет од култура и образование, од наука и развој на знаења и вештини, од спортска култура, но подеднакво успешно ги поткопува и кревките темели врз кои почиваат демократските институции и, воопшто, кревката демократијата во постојан зародок! Улогата на таблоидната култура не е одредена од вистинските и од автентичните интереси и потреби на граѓаните, туку е одредена од интересите на оние што владеат со граѓаните и управуваат со таквата култура! Тоа се цврсто вмрежените интереси на политичките, финансиските и криминалните моќници, кои токму преку таблоидиотизацијата држат под контрола армија од луѓе претворени во зомбија и креираат нова стварност со перманента вонредна состојба, во која под превезот на борба против криминалот и корупцијата, толку безочно се краде и се уништува сè што е државно и јавно добро!

И затоа, таблоидиотизацијата од малите луѓе ќе создаде големи формати за ‒ билборди и плакати; од ситните души ќе направи филантропи, а од сиромашните и гладните ќе создаде лесно обработлива маса, секогаш повеќе гладна за сочен трач, отколку за парченце вистина! А достојните, непоткупливите и вистински богатите со знаења и вештини (ако веќе не ги избркала државата) ќе ги дроби, ќе ги ситни и ќе ги рециклира на мали парченца од кои никој повеќе нема да може да ја види големата слика за нив и за нивните вистинската вредности! Во таква однегувана таблоидна погубна површност, слоевито и длабоко е само подземјето а високо ценето само тоа што го промовираат како вредност и стил, ‒ политичките и финансиските елити. Тоа е Балканот денес, податлив за сите можни модерни манипулации, приспособени кон овдешните балкански околности!

Во македонската академска средина, „ни зуц ни муц“ за таблоидиотизацијата! Како таа да се случува некаде зад седум мориња и седум гори, ‒ а никако овде! Тоа што вчера една омилена тв-најавувачка на министерот за надворешни работи експресно беше испратена во дипломатска мисија во странство ‒ и тоа стана вест, тоа што завчера техничкиот премиер (а истовремено и пратеник?!) се сликаше и ликуваше покрај својот портрет во масло на платно, па и тоа стана топ вест, тоа што пред некој ден струшки приватен универзитет доби (па за два дена изгуби!) акредитација за Факултет за здравствени науки ‒ и тоа стана вест и тоа во ист ред вести со најновите кавги меѓу Цеца и Карлеуша, оперираното колено на Новак Ѓоковиќ и здравствената состојба на Кејт Мидлтон! Што е тоа, ако не типична таблоидиотизација на наш, македонски начин?!

Да не се лажеме дека сме помалку контаминирани со таблоидна култура од која било од соседните држави, во години во кои сите мајстории на белосветската, регионалната и домашната кујна за манипулации со вистината беа применети и врз нас, само дозачинета уште и со домашни пикантни трачеви и со други наши, типично, македонски приказни.
………………………………………………………………………

Последните парламентарни и претседателски избори ја разбудија надежта, дека во Македонија може да се разгори една поинаква креативна и критичка свест кон наопаку поставениов систем од вредности, во кој негативната селекција, кичот, шундот и трачот, помогнати од таблоидното негување јавна и индивидуална свест, го доведоа до крах функционирањето на државата и општеството во целина. За многумина ова е една од последните шанси, за што повеќе просветителство и што помалку манипулативност со вистината, со стварноста и со реалноста, за што повеќе отвореност кон вистината во јавниот простор, кон јавниот наратив и посебно во управувањето со јавното добро, за што поисполнет социјален простор со вистински добри и корисни (и секако, хармонизирани со новото време) културни, образовни, информативни, едукациски и спортски програми и содржини, за што повеќе меритократија и што помалку негативна селекција и партократија, за што повеќе демократија и што помалку клептократија, на коишто што бевме подложени толку долго време сите заедно!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.