Деновиве се потсетувам на два фантастични документарци, едниот на славниот Вернер Херцог со наслов „Го сретнав Горбачов“, а другиот, од ништо помалку славниот руски документарист Витали Мански, со наслов „Горбачов. Рај.“ И двата филма, некаде овој период од годината, првиот во август 2019-та , а вториот во септември минатата година, можеше да ги види и македонската публика. Деновиве, по смртта на Михаил Сергеевич Горбачов, овие филмови стануваат повторно актуелни и исклучително многу гледани. Ги одгледав и јас повторно. Уште како студент бев силно заинтригиран од политичкиот ангажман на тогашниот најмлад советски лидер, кој како никој друг политичар во втората половина од минатиот век, за само шест години владеење, ги создаде најголемите геополитички промени во светот – промени, чии влијанија ги живееме и ден денешен. Или, како што се вели во една секвенца од филмот на Херцог: „Сè се случуваше толку бргу штo, противниците беа стаписани од реалната ситуација“.

Паметам добро, во тие години од владеењето на Горбачов светот беше зафатен од серија разорни земјотреси, некои и со сила од 7 Рихтери: Еквадор, Ерменија, Иран, Кина, Соединетите Американски Држави, Филипините, се броеја десетици и десетици илјади жртви, стотици илјади луѓе беа останати без домови, а штетите се проценуваа во милијарди долари. Но, ниту еден од овие потреси не затресе толку многу, како што тоа му успеа на политичкиот земјотрес предизвикан од владеењето на Михаил Горбачов. Тој политички земјотрес ја промени геополитичката карта на светот, стави крај на една ера и ја промени животната судбина на стотици милиони луѓе. Тоа време и денес се нарекува ерата на Горбачов!

А, таа необична ера и почна така, сосем необично како за дотогашното советско комунистичко владеење. Најмладиот советски лидер, на само 54-годишна возраст, рака под рака со својата сопруга Раиса, почна да го освојува светот на високата политика со непосредност, елеганција и насмевка. За разлика од строгите и скоро па мумифицирани ликови под шубари на дотогашната комунистичка номенклатура, која бевме навикнати да ја гледаме на дефилеата на Црвениот плоштад во времето на Сталин, Хрушчов и Брежњев, Горбачови на општо чудење на светската јавност, пленеа со една нова енергија, нова нормалност и свежина, британска отменост кога беа во друштво со Маргарет Тачер и американска лежерност на средбите со Роналд и Ненси Реган.
Политичкиот и светскиот џет-сет, веќе во 1985 година, ја имаа својата нова ѕвезда, Раиса Горбачова! На модна ревија на Ив Сен Лоран во Париз, специјално организирана за неа, таа на најубав и најдостоинствен можен начин ја враќа претставата за убавината и елеганцијата на руската жена, а со елоквенцијата и интелигенцијата уште толку ги плени светските медиуми. По првите исчудувања по кршењата на стереотипите и клишеата за геронтократите и „бабушките накитени со воени ордени“ од онаа страна на Железната завеса, блеснаа новите ѕвезди на светската политичка сцена, добивајќи статус на планетарно популарни поп-икони, Раиса и Михаил Горбачови. Тоа беа први ликови од големото комунистичко пространство на истокот, кои се стекнаа со таков статус. Ерата наречена Горбиманија можеше да започне!

Деновиве, светот повторно е зафатен од старата добра Горбиманија. Но, и којзнае кој пат по ред е зафатен со преоценување на политичкото наследство на Горби, како што од милост го нарекуваа на Западот. Михаил Горбачов, од неговото насилно симнување од власт во 1991 година, до неговата смрт на 30 август, се носеше со тој огромен товар на постојано политичко и морално преоценување на неговата политичка оставнина. Во документарната сторија на Витали Мански, „Горбачов. Рај“, снимана во неговата вила на периферијата од Москва, во само еден кадар, во кој Горбачов со своето помагало бавно и отежнато поминува покрај портретите на својата сопруга, се доловува сета осаменост и тешка обременост со она, што Кенеди во една друга политичка прилика го нарече, „така паѓа товарот на сето небо и сите ѕвезди врз мене“.
Михаил Горбачов, а за тоа се согласни сите политички аналитичари како од Истокот така и од Западот, комплетно ја промени севкупната политичка, воена, стопанска и културна архитектура на светот создадена по Втората светска војна. Неговата 6-годишна политичка ера ја обележаа: договори меѓу тогашните две светски велесили, САД и СССР, за ограничување на нуклеарното вооружување, прекинот на советската контрола врз Источна Европа, падот на Берлинскиот ѕид и повторното обединување на Германија, како и распадот на Советскиот Сојуз и Источниот блок, преку серија од мирни револуции, кои еден натпис во Прага во 1991 година, накратко ги изрази вака: „Полска — 10 години; Унгарија — 10 месеци; Источна Германија — 10 седмици; Чехословачка — 10 дена. А потоа, после една седмица ужас, Романија — 10 часа“. Ужасот од поделбата на југословенското наследство дојде нешто подоцна!

За мирното обединување на Германија, во 1990 година Горбачов ја доби Нобеловата награда за мир, а поради мирното раздружување на земјите од т.н. комунистичкиот блок од контролата на Кремљ, остана до ден денешен миленик на европската и воопшто, западната јавност. И денес западните медиуми за него пишуваат дека „ќе остане запаметен како Петар Велики на 20 век“, единствен после великиот руски цар кој вистински посакувал хармонизирани односи на Русија со останатите моќни европски држави. Меѓутоа, дома, во Москва и Русија, него и денес, а и во иднина ќе го следат бројни контроверзи.

Политичката контроверза на Горбачов, можеби и најилустративно може да биде осознаена преку кратката, но култна реклама што и денес се врти на „Јутјуб“, а ја сними во 1997 година, најверојатно од материјални побуди. Цела година траеле преговорите помеѓу моќниот американски фаст-фуд синџир Pizza Hut и Горбачов, а во неа, додека тој ù подава парче пица на својата внука, се води жестока дебата помеѓу гостите во пицеријата: „Горбачов е овде, тој донесе економски хаос во земјата и политичка нестабилност“. Друг гостин ќе се спротивстави и подвикне: „Но, тој ни донесе и можности и слободи!“ 15 години по премиерното прикажување на оваа реклама, анкетите правени во Русија покажуваат и понатаму екстремно поларизирани чувства на Русите кон Горбачов: 46 % од анкетираните сметаат дека тој водел сметка за доброто на земјата, дека неговата Перестројка и Гласност значеле вовед во повеќе демократски права и слободи, но и дека направил неколку сериозни грешки, а за 25 % од Русите тој е „злосторник кој ја растурил тогашната моќна светска империја“. Дебаклот кој Горбачов го доживеа кандидирајќи се за претседателските избори во Русија во 1996 година и освоените 0,5% од вкупниот број гласови, само му го потврдија проклетството на стигмата, дека ќе биде почитуван и обожуван на Западот, но критикуван и понижуван дома. И тоа проклетство, ќе го следи до крајот на животот, а и потоа!

Она што денес е сосем јасно за улогата на Горбачов во поновата светска историја е дека неговата ревност за спроведување на политиката на Гласност и Перестројка не значеше и негова намера да го уништи комунизмот или да го распадне Советскиот сојуз. Тој остана до крајот на животот убеден социјалист, со неостварен сон за создавање „нов Советски сојуз-2“! За обединувањето на Германија, неговата согласност беше пресудна и покрај дискретното противење на тогашниот главен западен двоец, Роналд Реган и Маргарет Тачер („Толку многу ги сакам Германците, што навистина сум среќна што имаат две држави“, ќе му каже во еден телефонски разговор Тачер на Горбачов, сугерирајќи му да не го охрабрува обединувањето на двете Германии). Во Германија и ден денешен, најстрого чувана тајна е колку милијарди германски марки чинеше консолидацијата на советскиот буџет: „Можевме ли да речеме не, доколку Горбачов ни речеше, обединувањето ќе ве чини 50 или 80 милијарди?“, а најпосветените светски политичари кои беа дел од процесите на распадот на југословенската федерација, во јавни настапи или пишани мемоари сведочат, дека тој распад немаше да се случи без премолчана согласност на тогашен официјален Кремљ и лично Горбачов.

Како што честопати се случувало во историјата, во вистински момент на вистинска позиција се наоѓале клучни луѓе кои со својата моќ, визија и харизма можеле да влијаат врз промените, кои инаку можеби не би се случиле. Како што и подеднакво често, вителот на таквите експлозивно моќни промени безмилосно ги исфрлал што подалеку од понатамошна игра, токму нивните иницијатори и први поттикнувачи. Таква беше судбината и на Михаил Горбачов. Човекот што стави крај на Студената војна, доживеа непосредно пред својата смрт, ново оживување не само на студената, туку разгорување на вистинска пеколна војна помеѓу Русија и Украина, и тоа најмногу поради непочитувањето на никогаш потпишаното усно ветување од Западот, дадено лично кон него во процесот на обединување на двете Германии, дека НАТО „нема ни сантиметар да се проширува на Исток“.

Но, токму зад амблематичните и големи историски формати на политичари, секогаш останува нешто „загатливо“. Како што загатливи остануваат мноштвото прашања поврзани со таквите големи и длабоки историски промени, чии корифеи беа политичари, како Горбачов на пример. „Можеше ли една светска сила навистина да ја снема, како што во театар се спушта завесата, се гаси светлото и се оди дома?“, е едно од тие загатливи прашања. Советскиот систем и далеку пред појавувањето на Горбачов се распаѓаше и пропаѓаше однатре, а пропадна не поради Гласноста и Перестројката на Горбачов, туку затоа што сите години на постоење, економијата на СССР никогаш не беше конкурентна со економиите на САД и Западот. Советскиот систем пропадна и токму поради тоа што постоеше Западот – со подобра економија, поголема слобода, поради фасцинацијата на милиони советски граѓани кои сонуваа за западните производи кои не можеа да си ги дозволат. Можеби најголема грешка на советската пропаганда и идеологија беше што од почетокот се споредуваше со Западот, со што самите си ставија јамка околу вратот. На крај, таа јамка најдолго остана да виси околу вратот на Горбачов, бидејќи за милиони Руси тој беше инкарнација на гаснењето на светлото, во последната театарска претстава за семоќната комунистичка империја.

Трагедијата на Горбачов е токму во тоа што беше исклучително многу ценет во странство, а омразен и потполно осамен дома. И поради тоа беше огорчен!

„Не ми е лесно – 85 (години) се 85, велеше во едно интервју пред 6 години. Никогаш не мислев дека ќе живеам толку многу. Раиса и јас имавме договор нашата граница да биде 70 години. Потоа човек си е сам на себе товар, а не пак на другите. Раиса имаше среќа…!“

И Михаил Горбачов имаше среќа! Ги преживеа најтурболентните години на тектонските потреси во светската политика и ги надживеа сите поважни политички личности со кои учествуваше во тие процеси. Покрај себе, кога политичките земјотреси најсилно тресеа, ја имаше својата Раиса, со која споделија една од најубавите и најнежни љубовни приказни во светската политика. Беше истовремено и крајно луциден визионер, но и наивен и простодушен човек, а пред сѐ, човечен политичар кој никогаш, и кога беше со најголема политичка моќ, не се осуди да пушти тенкови и војска на својот народ! Беше убеден пацифист и до крајот од животот остана човек кој длабоко веруваше дека сите конфликти можат да се решат со дијалог и разбирање. Кога Путин во 2013 година тргна грубо да ги затвора невладините организации, гласно му порача, дека „ако некој сака диктатура нека си оди таму каде се практикува диктатура!“ Ја одобри руската анексија на Крим во 2014 година, но до својот последен здив, се бореше и не се помири со фактот дека рускиот и украинскиот народ мора да војуваат. И тоа го докрајчи!

И затоа, откога замина Горбачов, горбачовизмот допрва ќе му треба на светот! И допрва горбиманијата ќе го завладува и светот и веков, најмногу кога повторно ќе се исцртува и креира мапата на новиот светски поредок и мир. За време на својот живот и покрај огромниот политички капитал, Горбачов не доживеа ниту една улица или плоштад во Русија да го носат неговото име, не се подигна ниту еден, макар минијатурен споменик, во негова чест, како во Германија, на пример.

Толку далеку беше пред своето време, Михаил Сергеевич Горбачов!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.