Ристо Никовски
Изборите во Америка се секогаш светско шоу. Овој пат поатрактивно бидејќи резултатот беше крајно неизвесен. Изненадување е што победникот се знаеше веднаш, иако голем дел очекуваа дека ќе има пребројувања… Ако се случеше тоа, ќе се зборуваше за местенки и балканизација на САД. Американското општество е длабоко поделено, што е нов феномен и Трамп веќе најави надминување на разликите.
Резервите кон Трамп се бројни. Демек е контраверзна и непредвидлива личност, не е доволно политичар… Европа дури и стравува од него. Сето тоа не е случајно. Трамп стана претседател како личност која не беше од нивниот естаблишмент. Претходно, за претседател се наметнуваа лица – од една фамилија (Кенеди), кои се менува (Буш), по брачна врска (Клинтон)… Тоа заличуваше дури и на некакви квази династии. Не мора да асоцира баш на Северна Кореја!
Во првиот мандат, Трамп не беше прифатен од естаблишментот, и цело време се водеше тивка војна. Слободно може да се каже дека „стандардниот“ американски естаблишмент е синоним за ткн. „длабока држава“. Тешко е да се тврди колку е таа функционална, но дека има вистина во тоа, нема сомнеж. Трамп, и сега, ќе се соочува со естаблишментот и тоа ќе му биде една од главните битки на домашен план, барем на почеток.
Белата куќа е секако центарот на гравитацијата, ама прашање е колкава вистинска моќ е концентрирана таму, барем во нормални услови? Голема улога во надворешната политика имаат корпорацијата РАНД, Надворешно – политичкиот совет… корпоративниот сектор…
Трамп се обиде уште во првиот мандат да ги менува тие традиционални стереотипи, ама без многу успех. Пречки имаше на секој чекор. И главните медиуми (SNN…) беа отворено против него, исто како и на овие избори. Естаблишментот и сега ќе се бори бидејќи се загрозени неговите интереси. На пример, тој сака војни а минатиот пат, Трамп не започна ниту една нова. Играше улога на миротворец, без оглед дали и колку беше успешен на тој план.
Силен е впечатокот дека денес можеме да заклучиме дека изборот на Трамп е добро решение и за САД, и за светот, и за Европа а, според тоа, и за Балканот. Тука мораме да ја вклучиме и Македонија, иако нашата ситуација е специфична. Веќе 30 и нешто години, Вашингтон е целосно, директно и длабоко ангажман во третирањето на нашата држава и посебно на македонскиот народ. Искуството, воопшто не е позитивно за нас.
Неговиот избор е добар за Американците – тој веќе најави дека за нив доаѓа – „златно доба“. Нема поголема бесмисленост од американското фрлање стотици милијарди долари во бурето без дно, наречено Украина. Тие пари можат поарно да се потрошат. Трамп веќе најави крај на војната.
Светот би требало да се соочи со порелаксиран период доколку САД навистина престанат да се мешаат и каде треба, и каде не треба. Кога беше неизвесен резултатот од овие избори, некој луцидно прокоментира – американците многу полесно ги избираат претседателите на другите држави, отколку своите!
За ЕУ, во целина, изборот на Трамп е своевиден удар. Познати се неговите претходни коментари за Унијата а не им одговара и повторената негова политика – Америка пред сѐ. Ова е, меѓутоа, исклучителна прилика Брисел да излезе од сенката на Вашингтон и односите да ги постави на рамноправна основа. Доста беше американска доминација, не само на безбедносен план, за што тие имаат и аргументи како гаранти на европската безбедност, туку и на дипломатски, политички… Користејќи ја некохерентноста на Унијата, САД дури и не кријат дека се нејзини политички ментори!
Тезата дека ова е шанса Унијата да се ослободи од туторството на САД не е нова. Во 1967 година, со војната меѓу Израел и Египет, започна првата голема енергетска криза. Додека сите ги гледаа последиците предизвикани од недостигот на бензини, Кисинџер оцени дека е тоа шанса светот да почне да бара алтернативни и обновливи извори на енергија! И беше во право. И Брисел сега има можност – да се ослободи од американската доминација.
Војната во Украина е класичен пример за дијаметрално спротивни интереси меѓу Европа и САД. Неа ја водат САД против Русија, и најголема жртва е секако Украина. Меѓутоа, не помали последици има и цела Европа, особено ЕУ. Историски факт е дека без Русија – нема обединета Европа. Првичните визии за европско обединување беа од Урал до Атлантикот. Неспорна вистина е дека Европа не може да биде безбедна, стабилна, со развојни перспективи… ако е конфронтирана со Русија. Благодарејќи на американска режија, точно во таква ситуација е доведена Европа денес. Впрочем, и природата се погрижила за европската неделивост: Русија е огромна, има секакви богатства и е максимално компатибилна со техничко – технолошкиот развој на остатокот од континентот.
Со војната во Украина, Вашингтон ја спречува и можната тесна руско – германска економска соработка, којшто беше веќе започната во времето на Ангела Меркел. Последица на тоа беа и двата гасоводи, „Северен тек“ коишто, не случајно – беа уништени. Тоа партнерство можеше да носи спектакуларни резултати, и токму затоа САД беа загрижени.
За Балканот, позитивните ефекти од изборот на Трамп се индиректни и доаѓаат од перспективите коишто се отвораат за Европа. Запирањето на војната во Украина е клучниот интерес за сите. Тоа би било ослободување и на Европа.
Во принцип, републиканците секогаш полесно се договараа со Советскиот Сојуз, отколку демократите. И сега, ако Трамп ја заврши војната во Украина, веќе ќе го оправда новиот мандат. Ова е веројатно прва војна која толку долго се води без да има паралелни обиди за мир. Со самиот почеток на судирите, обично започнуваат некакви преговори. Сега ги нема, бидејќи интересот на САД е Русија, по секоја цена, да се истошти што повеќе и така да се фрли на маргините на светските политики. Ако се исклучи нивниот сибирски синдром, од секој аспект се тоа крајно погрешни политики и за самите САД.
Судбината на Балканот не се решава во Белата куќа, освен во ретки случаи и кога тука се водеа војни. Само тогаш претседателот на САД е вклучен во нашите голготи. Обично, Балканот е во рацете на Стејт Департментот. Таму се решава нашата судбина. За време на минатиот мандат, Трамп се обиде да се вмеша и во балканските ујдурми и во Белата куќа ги построи Вучиќ и Курти, ама без успех. Ангажманот беше повеќе исклучок, отколку правило. Причините не се познати.
Како и до сега, Балканот нема да биде приоритетна тема за новата администрација. Тој ќе остане во рацете на државниот секретар а САД, и понатака, тука ќе бидат главен меѓународен фактор, којшто бескомпромисно ќе ги спроведува своите политики и интереси. Тоа ќе се промени само ако ЕУ ја интензивира својата регионална улога, за што нема изгледи.
Во однос на Македонија, американската политика е дефинирана уште на почетокот на 1990-тите години и упорно и доследно се спроведува до денес. Постигнаа неспорни „успеси“. Тоа се референцата, ОРД, договорите со Бугарија и Грција, Тиранската платформа, промената на нашето име…
Со оглед дека Трамп важи како прагматичен бизнисмен, и имајќи предвид дека нашата нова власт веќе има воспоставено добри односи со негови блиски соработници, крајно време е да се заинтересираме за нивните планови за иднината и на нашата држава, и на македонскиот народ. Ние немаме поим што сакаат САД да постигнат во Македонија!? Само насетуваме. Ги прогласивме за наши партнери, дури и стратегиски, ама тие ни пласираат решенија и влечат потези коишто се спротивни на нашите фундаментални интереси.
САД доминираат со светот. Секој разбира дека со нив треба да се гради пријателство. Во тој однос, сепак, мора да имаме и црвени линии и сопствени интереси коишто во никој случај не смеат да се загрозат. Ние, меѓутоа, од сите нив одамна сме се – откажале. Време е да се преиспитаме – каде сме и каде одиме. Додека не е предоцна.
Наводно, висок американски функционер коментирал – лошо е кога САД ти се непријатели, ама е страшно – кога ти се пријатели. Во шегите има вистина, нели?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.