Атанас Кирјаковски

„Срамотааа е луѓеее!“ се дереше на сиот глас потписникот на срамниот таканаречен „преспански договор“, на еден од оние патетични предизборни партиски митинзи за локалните избори во 2020. Во екот на целата таа корона-какофонија и политичко дерење, некако пропуштивме да забележиме еден од основните принципи на којшто функционира „северната“ пропаганда – (зло)употребата на срамот и постојаното јавно срамење на Македонците, дополнето со предизвикување на чувство на вина. Од каде повикувањето на срамење? Зошто некој којшто треба самиот да се засрами би ги терал другите да се срамат? Во колумнава сакам да продискутирам како политичките демагози и идеолошките автократи ги користат ваквите морални емоциии во функција на сопствената пропаганда и манипулацијата со широките маси. Вреди подлабоко да се размисли за срамот и срамењето и сродното чувство на вина кое е испреплетено со срамот, но суштински различно.

Срамот и сите негови синоними во македонскиот јазик (бламажа, резил, брука, леќе, зазор, итн. – види само колку ги има) е уште еден психосоцијален феномен кој е длабоко вкоренет во сите форми на човековото групирање и општење, збор кој можеби секојдневно го употребуваме, но за кој скоро никогаш не се запрашуваме што всушност значи, која е неговата емотивна и социјална функција и зошто воопшто постои. Како што веќе напоменав на почетокот, срамот е емоција која припаѓа во групата на т.н. „морални емоции“ во која влегуваат – помалку или повеќе – и други емоции како што се гадењето, гордоста, вината, срамежливоста, благодарноста, и сл. (некои од нив немаат само единечна морална функција, туку се посложени и имаат повеќефункционалност, како гадењето на пример, кое има и заштитна функција и јасна невербална експресивност). Срамот е исклучително непријатна емоција (или чувство во колоквијална смисла, нема потреба да ги објаснуваме разликите, не сме цепивлакна) која произлегува од препознавањето на тоа дека во сопственото однесување или расудување во дадени морални околности има нешто непочитувачко, непристојно, неприкладно или нечесно. Во поширока смисла, функцијата на срамот е да сигнализира јавно прекршување на моралните норми кое е проследено со осуда од другите. Бихејвиорално, срамот се карактеризира со повлекување од социјалните интеракции, криење, оддалечување, одделување од другите и свртување на вниманието од своето срамно дело. Оваа е емоција честопати е имплицирана и во разни патолошки состојби како што се депресијата, анксиозноста, а неретко и во нарушувањата во исхраната, некои видови на социопатија и често е присутен кај луѓе со ниска самодоверба. Понекогаш срамот има и позитивна вредност и корисна адаптивна функција кога станува регулатор на прекумерни и нападни однесувања и како амортизер на потенцијално опасно асоцијално однесување.

Иако чувството на вина е поврзано со чувството на срам, сепак постојат суштински разлики меѓу двете. Срамот е генерално чувство, најчесто неповрзано со специфични настани, претставува повеќе форма на самоперцепирање. Додека срамот се базира на стравот од осуда од остантите и се карактеризира со избегнување и социјална самоизолација, вината се јавува во контекст на специфични настани и луѓе на кои сме им нанеле штета или пак сме можеле да им нанесеме (на пр. прекршување на ветување, намерна или ненамерна физички или психичка повреда, итн.). За разлика од срамот, вината произлегува од чувството на емпатија за другиот и во суштина нејзината основна функција е надоместувачка и соработувачка, односно да мотивара обновување и поправање на човечките односи по настанатиот социјален прекин поради нанесената штета. Поради тоа, вината сосема спротивно од срамот, поттикнува средби и социјална интеракција со цел да се поправи нарушениот однос. Виновниот човек има за цел да удоволи, да надомести, да поправи, да си ја „одлежи казната – за разлика од осрамениот кој се крие. Начелно може да се заклучи дека срамот општокажано е негативна, „токсична“ емоција која е имплицирана во повеќе психопатологии, а чувството на вина е социјално-надоместувачка емоција која тежнее да ги возобнови односите преку надоместување на штетата (нема да навлегуваме подлабоко, но битно е да се помисли како вината би била еволутивно корисна во одржувањето на племенските односи за кохезија на групата и како тоа ги зголемува шансите за преживување).

Откако подетално ги објаснивме срамот и вината во психолошка смисла (не кривично-правна), да се навратиме на тезата за како тоа политичките демагози и манипулатори ги користат во своја полза, односно како овие морални емоции можат да се злоупотребат во политичките пропаганди и тактики. Честопати ги користам тоталитарните режими, особено оние после Втората светска војна како модел за проучување на човековото зло на масовна скала (нацизмот и комунизмот) и веднаш да го спомнеме злиот говорот на Јозеф Гебелс од 1943 година со наслов „Евреите се виновни!“ чиј наслов самиот посебе е евидентен за тезата во колумнава дека срамот и вината често се користат во црна пропаганда. Во него, Гебелс ги обвинува Евреите дека ја започнале војната (ова е пишувано додека војната трае), дека ја управуваат, дека се виновни за секој загинат германски војник, дека нема милост за нив дури ниту по завршувањето на војната. Зло. Со ваквиот говор и со сличните тематики, нацистичката пропаганда се обидувала да го оправда ништењето на Евреите и како култура, и како народ, сумирајќи ги во фразата „виновните“ (изворот е Универзитетот Калвин од Мичиген, САД, кој објавува онлајн архива на германската пропаганда од периодот пред, за и по Втората светска војна). На другата страна од светот пак, во тоталитарниот комунистички режим на Мао Зедонг во Кина, јавното срамење на политичките дисиденти било особено честа појава при масовните собири. Целта на таквата практика била нивна казна и специјален вид пропаганда на сведоштво, преку показен пример, во кој јасно се укажувало што им следува на сите оние кои би се осудиле да кренат глава над Маоистичката контрола. Целта на ваквите јавни „сесии на борба“ со јавно срамење на „класните непријатели“, „контрареволуционерите“ и другите нелојалисти кон Мао и Комунистичката партија била да создаде култура на срамење и оттуѓување на секој кој противречел. Тактиката на јавно срамење во стилот на Мао продолжува и денес преку социјалните мрежи, најчесто од страната на таканаречените „воук“ („разбудени“) политички активисти и фундаменталисти на крајно левичарските идеологии кои го срамат секој оној кој ќе им застане на патот со цел да го замолчат.

Пропагаданта на срамот кон Македонците и нивната култура се чини постои неколку децении. Она пејоративно „Македонче“ беше стандарден израз при обраќање уште во бившојугословенските простори, израз кој сѐ уште се употребува и денес, дури и од самите Македонци, за да даде призвук дека сме мали, небитни, прости и незрели. Цело време ни се наметнува чувство на вина дека некого угнетуваме, дека крадеме нечија историја, црква, писмо, јазик, идентитет, култура, дека сме група „без образ“ (намерно изразот „група“ затоа што официјалната бугарска политика повеќе од век ја спори и нашата народност). Од таканаречената „шарена револуција“ па навака, Заевите „шути и рогати“ постојано зборуваа како сме прости, заостанати, како мора да голтнеме сѐ што ни се сервира само за да влеземе во секуларниот рај ЕУ, наратив кој го продолжува сѐ уште СДС и негласаниот премиер, а богами и некои странски амбасадори кои ни препорачуваа „да го затнеме носот и да голтаме“.

Идејата на она „Срамотааа е луѓеее!“ и сличните наративи е да ги демотивира и натера Македонците да се срамат од самите себеси што не сакаат да се откажат од сопственото име, идентитет, јазик и историја за некаков си ветен ЕУ морков. Да се срамат дури и кога не оспоруваат други, а постојано се оспорувани самите од другите. Преку пасивизирањето и наметнувањето на срам, „северниот“ режим сака да предизвика и чувство на вина за да го направи „Македончето“ помалеабилно, посоработливо, „меко како уше“ (да ја цитирам мајка ми за какво треба да биде тестото) – самото да има порив постојано да им се извинува на сите што е „заостанато“, што јаде ајвар, што не се однесувало „европски“. Режимските политички демагози и функционери хорски вриштат во ушите на Македонецот да се чувствува виновен што со несакањето да се откаже од својот идентитет „им ја уништувал иднитата на своите деца“, додека самите тие скоро двојно си ја покачија својата плата, нѐ презадолжија до немајкаде, додека нѐ паразитираат и крадат, нѐ оставаат да умираме по болници кои горат во корона пандемии. Нѐ тераат да се срамиме и чувствуваме виновни со цел да нѐ контролираат. Со цел да ни го доодземат тоа што останало. Во нивната пакосна политичка пропаганда, Македонецот е заостанат, глуп и тврдоглав, лесен за купопродажба, човек-предмет. Мора да се разбудиме и престанеме да се срамиме од самите себеси. Наметнатото чувство на вина мора запре. Не сме виновни што постоиме и имаме право на рамноправно постоење. Нема за што да се срамиме. Досега сме покажале дека сме биле на правпат во премрежјата на историските војни, сме покажале дека сме мирољубиви, дека имаме своја култура и дека сме горди на тоа што сме. Премногу отстапки направивме за задоволување на нечии национал-шовинистички апетити. Стоп на наметнатите срам и вина со цел да нѐ потчинат. Време е да си се цениме самите себе и да престанеме да се срамиме од самите себе. Запомнете – нема потреба од вина, а ниту и срам – што постоиме.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.