Атанас Кирјаковски

За оваа колумна потребен ни е еден измислен лик, лик кој никаде физички не постои, ниту на планетава Земја, ниту во целиот универзум. Чирибу чириба — нека се вика Чкљнѕр Сфрџњски. Кога е веќе измислен, нека му биде и името такво. И пак некако, на некој чуден парадоксален начин, сепак тој постои, тука некаде се крие меѓу овие редови, ѕирка и прогледува кон нас низ буквите о и а, измислен е таму далеку, а тука е – во нашата глава!

Чкљнѕр е одличен ученик и ги има прочитано сите непостоечки книги на светот. Сите се чудеа кога за само минус два дена успеа да го прочита невидливиот том од 1200 страници за влезот на Арктичка Македонија во ЕУ. Тој не само што чита, туку и ужива да пишува цели романи, страници и страници и страници, шарени секојневни авантури во сивиот град каде што живее и тоа без ниту една печатна грешка или поправки. Секогаш прво ги пишува на запареното огледало во неговото купатило, а по неколку дена ги препишува и зачувува на својот дрвен лаптоп. Неговиот типичен ден започнува кога ќе се разбуди во 8 часот навечер, ќе скокне возбудено од својот кревет и ќе седне на неговото омилено десетножно столче за да си ги облече ракавиците на стапалата. Веднаш се спушта на подот и не прави десет склека, а потоа оди право во купатилото и пет минути внимателно не си ги мие забите. Откако ќе заврши, оди во кујната и сече неколку тенки парчиња од невидливиот леб што го нема низ продавници и си прави сендвич од сув воздух и без премногу путер – да не речам ич.

Младиот Сфрџњски потоа за едно петнаесетина минути поминува 1300 км до неизграденото училиште каде што учи, тетеравејќи се со чантата полна учебници кои никој не му ги дал уште од септември. Иако сѐ уште не се испечатени, сепак некако му тежат и кога би можел, би ги споил предметите историја и општество во еден учебник – за да не носи три (види подолу околу математиката за да ти стане јасен збиров). Кога пристигнува во дворот на училиштето, Чкљнѕр обично проверува дали има дојава за бомба и за чудо, дента немаше нешто такво. Првиот час обично внимателно го преспива, слушајќи го тенкиот глас на неговиот учител, а најмногу се радува кога учат за славната антифашистичка историја на соседната Буругарија. Всушност во измислената земја на овој измислен лик, освен историја и општество, други предмети и не се изучуваат – математиката, логиката, физиката и биологијата сѐ уште не се откриени како дисциплини.

Родителите на Чкљнѕр се многу горди на него. Г. Сфрџњски и г-ѓа Сфрџњска се типично непостоечко семејство во непостоечката држава коешто раскошно живее од плата, не плаќа радиодифузна такса и безгрижно пере и готви на скапа тарифа. Татко му работи во фабрика која се затвори пред повеќе децении, а мајка му веќе неколку години работи за инвестицијата на Гугл која требаше да се случи пред точно три години (како хаусмајсторка). Ако човек подобро размисли, тие не ни мора да работат бидејќи повеќе од доволни им се сумите коишто ги собираат преку апликацијата МојотДДФ за перјаст и удобен живот, создадена од најдобрата, најбезгрешната, најнапредната, најспособната и најобразуваната (на Харвард) влада на светот. Но животот, како и сѐ во животот, не им е секогаш песна. Во време на корона пандемијата, иако беше вакциниран дури и пред да бидат произведени и набавени вакцините, Чкљнѕр се разболе дотолку што мораше да го однесат во клиничкиот центар кој никогаш не се изгради и каде што мораше да лежи неколку дена. Во таа паничност и анксиозност, Г. Сфрџњски и г-ѓа Сфрџњска за првпат помислија да се иселат од измислената држава, но тогаш им текна дека тука има правда, има мир, најмала инфлација на планетата, скоро бесплатно гориво и најниски цени, па се пишманија, а откако им текна и тоа дека владата субвенционира сметки за струја, дури беа и благодарни што се нашле во најсеверниот рај на светот.

Иднината за Чкљнѕр Сфрџњски е светла и од него се очекува само да оди напред, да ита кон ЕУ, на крилата на авионите од НАТО, да има најдобри резултати на писа тестот и лепче на масата. Сета среќа што ваквите измислените ликови постојат и се наоѓаат насекаде околу нас. Да не постоеја, ќе мораше да ги измислиме.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.