Васко Шутаров

          Само што пркнувавме и почнувавме да „стануваме свои“, таму некаде од пред полуматура, а посебно во годините до матура, ќе чуевме прилично сериозни прекори кои требаше да звучат општо, но да допрат подеднакво до секого од нас: „Немојте да стрчите толку многу, бидете секогаш дел од мноштвото!   ̶  Знаете што им прават на дрвјата кои стрчат од војводинските шуми?  ̶  Ги кастрат, што друго?!“ Или, подоцна низ животот, во војска, низ студентските денови и годините на барање соодветна работа: „Гледај не влегувај многу во око, може на заб да те земат“ или: „Не бранувај без причина, ќе потонеш брзо!“, или онаа познатата: „Кој високо лета, ниско паѓа!“ Крилатицата „Во јато до НАТО!“  ̶  дојде многу подоцна, колку уште еднаш да потсети, дека во земјата што ја избравме за наша вечна Татковина, или ќе бидеш дел од јатото или ќе одлетуваш далеку и во непознато?!

Така систематски се создаваше еден свет и век во кој помалку надарените со таленти, умеења, вештини, квалитети и богатите со знаење, доблести и вредности стануваа препорачлива мера за добар и за успешен живот, стануваа посакуван талон покрај кој се отвораат сите потребни врати низ нерамните животни патеки и свет во кој се факторизираат просечните и сервилните кои единствено се прашуваат и одлучуваат за сите поважни општествени прашања. Во таквите „царства на просечните“ владеат и токму такви „цареви“, кои од просечноста создаваат култ, а од граѓаните армија од полтрони и клиенти кои ќе го кажуваат само она коешто царот ќе сака да го чуе: „Царе, ти си лав!“ или „Шефе, ти си цар!“

Таквите „просеци“ низ историјата, ги носеле на раце римските императори, паѓале во креативен транс од стиховите на еден потпросечен поет император, каков што бил Нерон, или се нуделе да умрат место „нивниот Маршал“ кога ќе бил сериозно болен, како што еден познат црногорски генерал еднаш му се понудил на Тито  ̶  да умре за него?! Од антиката, преку комунизмот до модерниот неолиберализам, просекот бил златен пресек преку кој најлесно и најслатко се владеело.

Денес околностите со ништо не се променети, па не ни останува ништо друго, освен како што вели големиот Конфучиј, да им се „восхитуваме“ на луѓето кои по цел ден се шетаат со полни стомаци, а со празна душа?! Такви има многу! Премногу…

Живееме во време во кое владее просечноста, време со кое владеат заплеткани побуди, притаени страсти, кои кога ќе излезат на виделина, косат сѐ пред себе. На умот и на срцето не трошиме многу, но затоа со сервилноста купуваме сѐ! Сервилноста е „вредноста“ еквивалентна на знаењето, ставот, карактерот. Тие „мали луѓе од златниот просек“ токму со сервилноста наоѓаат место во сечие срце, особено на она со многу мани. И стануваат главни советници, мислители, двигатели, критичари што судат сѐ што е над нивниот просек. Тие модерни демијурзи на нашите животи се како инсекти, а инсектите, како што вели Ниче, касаат не поради злоба, туку затоа што сакаат да живеат.

И така, она што е вистински вредно, талентирано, образовано, вешто, умешно, квалитетно и доблесно останува далеку од „пазарот и славата“, или од нив се купува само онолку колку што на „златниот просек“ му е потребно да искачи уште некое животно скалило на сопствениот успех и лична слава.

Големиот Меша Селимовиќ кој, и самиот на својот грб, ја осетил болката од отровниот осарник во кој некогаш се создавал посакуваниот комунистички морал, бил, можеби, и најгруб кога пишувал за таквите луѓе: „Просечните ласкавци за мене се најлошиот вид луѓе, најштетните, најрасипаните. Тие поддржуваат секаква власт, тие и самите со тоа се власт, сеат страв без милост, без никакви обѕири, ладни се како мраз и остри како нож, како кучиња верни на моќните, како курви неверни на поединците, најмалку луѓе од сите луѓе. Додека нив ги има, нема да има среќа на овој свет, бидејќи толку совршено знаат да уништат секаква вистинска човечка вредност.“

Да не бидеме доведени во заблуда, „нашите златни просеци“ ни случајно не се неталентирани! Напротив, тие се обдарени со натпросечно развиен талент за осуда и елиминирање на сѐ што им пречи во нивните зацртани животни планови и успеси, најнапред преку креирање критичен, доминантен, а со тоа и владеачки морал. Нашите драги златни просеци се во суштина натпросечни морализатори и совршени беседници на темите: скромност, искреност, чесност! Колку само слатко би думале за скромност, чесност и искреност, патем, кршејќи ги каде стасаат и колку пати сакаат овие високи морални принципи кои, за жал, се сѐ поретки.

Освен што се обдарени со двоен и колку-слоен-треба морал, „просеците од нашите животи“ имаат уште еден вроден талент, а тоа е натпросечната дарба за додворување и упикување под кожа. Просечните се натпросечни ласкавци! Никој така умешно, како нашите златни просеци, не умее да му се пикне под кожа, а и под скут на својот шеф, да склопи со него психолошки договор, со кој, во замена за својата лојалност, понизност и обожување, ќе добие редовни отстапки во поглед на работната дисциплина или во однос на ефектурирањето работни резултати. Да се биде просечен денес, значи единствен начин да се биде слободен од вложување во себе и вложување додадена вредност во општествениот (и политичкиот) живот. А со такви златни просеци и според Монтескје, државата би била среќна што има такви идеални поданици.

А токму политиката денес е област и дејност во која, за жал, најмалку важат моралните принципи и доблестите од типот: „Подобро е да умреш исправен на нозе, отколку на колена!“ или „Подобро еден ден да одживееш како лав, отколку илјада години како овца!“ Кога ја освојуваат власта, властодршците како пијани за плот прво се опкружуваат со „златните просеци“  ̶  полтрони и клиенти. Само политичари кои се изградени или по природа се силни личности, се опкружуваат со слични такви силни и стручни луѓе!

Моќта, а посебно асиметричната општествена моќ, просто обожава такви „златни просеци“ и има неверојатно голема потреба од нив. Тоа што го исмејувале Албер Ками, Ерих Фром или Анри Лефевр си има своја општествена неопходност, курентност и цена, преку кои „господата просечни“, клекнати пред своите претпоставени богови, деспоти, паши, кнезови, шефови и секакви други авторитети кои ведрат и облачат, своите привилегии и статуси ги стекнуваат неврзано со нивните вистински резултати, вложен труд, вредности или работни вештини. Таквиот агресивно-поданички менталитет на просечните во нашите животи, тој морален кукавичлак и тоа беспоштедно додворување регенерираат цело едно мноштво слични такви, кои во една немилосрдна предаторска борба за привилегии, создаваат едно апсолутно мнозинство од просечни, но жилави „морални пешкири“ кои се секогаш подготвени да му се пикнат под скут на својот избран авторитет. Така се создава систем и режим од мнозинство идејно-празни и морални-гнили „златни просеци“, околу кои не вирее ништо што умее и знае, ништо квалификувано и ништо вистински вредно.

Од просеците и полтроните се полоши само оние на кои таквите им се неопходно потребни! Општествата во кои лицемерното додворување има повисока цена и признание од авторитетниот и автентичен пркос и крик, се идеално место за вдомување на клиентелата и полтронеријата. Потребата од просеци, полтрони и клиенти е посебно изразена во оние општества во кои граѓаните изложени на постојани разочарувања не препознаваат и не признаваат авторитети, дури ни кога се тоа избрани формални авторитети. Во такви ситуации „авторитетите“ чувствуваат дека немаат стабилно тло и позиција, па својот систем на владеење го потпираат врз армија од свои лојални клиенти и полтрони. Таквиот шеф почнува природно да се стабилизира, така што се опкружува исклучиво само со свои луѓе, кои во замена за својата лојалност бараат и добиваат привилегии и трансфер на моќ кои врз својот грб најмногу го чувствуваат оние што отскокнуваат од посакуваниот владејачки просек на однесување, дејствување и мислење. Патем, најважното прашање е: како да се надмине тоа морално и додворувачко исцрпување кое толку моќно удира врз човечкото достоинство?!

Следејќи го домашниот македонски пример за постојано продуцирање златен владејачки просек и постојана армија од лојални полтрони и клиенти, осознаваме не само за немоќта од надминувањето на оваа тешка општествена аномалија и болест, туку и за нејзиниот природен трансфер од домашен, на севкупен меѓународен план, во кој, нашите домашни авторитети, шефови и лидери со невидена леснотија первертираат во полтрони и клиенти на меѓународните центри на моќ и авторитетите поврзани со таа моќ. Домашниот (толку добро однегуван) двоен и повеќеслоен морал, како и арсеналот од лесно совладливи полтронски флоскули со кои точно се кажува она што сакаат да го чујат меѓународните авторитети, од нив создаваат извонредно златен меѓународен просек и совршена клиентела, толку многу потребни во денешнава криза од авторитети на меѓународен план. И така, патем, одвај приучени и истренирани да декларираат фрази и флоскули од меѓународните: право, воена наука и доктрина, дипломатија, културна дипломатија, а посебно од сопствената традиција, јазик, култура и историја, нашите домашни просеци влегуваат на меѓународниот „пазар и слава“ и скапо ја наплатуваат својата слепа лојалност спрема горенаведените. Од нив ги добиваат очекуваните привилегии, благодарение на својот домашен систем на негување поданичко-полтронски и клириншко-клиентелистички врски.

П.С. Во меѓувреме, се случи уште еден Оффест и се случи повторно Оливер Белопета! Чудо е, како опстојуваат во сиве овие „години на просеци“?! Настапи и бравурозната Марија Мацота од југот на Италија која ја вивна македонската публика до височини каде што се игра само чистата радост на уметноста. Во тие височини, таа вечер разбравме дека за Марија Мацота постои име на една ѕвезда, на која и денес таа ѝ се поклонува.

Истата таа ноќ, на стотина метри од девастираната „Спомен куќа на Есма“, во МСУ, се случи малку квир-култура и се случи оној голем огнен испрдок од гол задник, кој за миг ги покори сите социјални мрежи. И се случи оној класичен трансфер на срамот, типичен за морализаторската култура на владејачките златни просеци. И типично скандализирање на наш начин, кое си ја постигна целта. За прилично пари, се разбира!

А споменот за Есма, идолот на неповторливата Марија Мацота и понатаму тивко ко за себе, со нескриен вознес ќе го споделуваат вечните трагачи и сладокусци по натпросечно убавото и возвишеното, како истата таа ноќ во МОБ. Ете  ̶  и тоа е Македонија!

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.