Пишува: Слободан Томиќ

ЕУ “била бајка на хартија“, ќе изјави српскиот претседател Александар Вучиќ потенцирајќи, дека не постои голема меѓународна или европска солидарност, алудирајќи на светската пандемија Ковид 19. Оваа изјава на Вучиќ дадена на почетокот на октомври 2021 година, за време на словенечкото претседавање со Европската Унија во Брдо кај Крањ, го сврте вниманието на јавноста. За жал, се организира неуспешен самит ЕУ-Западен Балкан, во рамките на стратешката соработка на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Незаинтересираноста на ЕУ за проширување, ги поттикна лидерите на земјите од Западен Балкан да размислуваат за иднината и да бараат оптимални решенија во сложената ситуација. Тројца лидери, српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама одлучија во октомври 2019 година да “ја земаат судбината во свои раце“ и лансираа визионерска идеја за воспоставување “мини Шенген“. Кон крајот на јули 2021 година оваа идеја еволуираше во регионална иницијатива “Отворен Балкан“.

Иницијативата не претставува замена за членство во ЕУ, туку пат кон забрзано членство и искористување на постоечкиот, но недоволно искористен потенцијал, што ќе го олесни економскиот просперитет на земјите од Балканот. Лидерите на иницијативата за регионална соработка “Отворен Балкан“ се сретнаа на 21 декември 2021 година во Тирана/Елбасан за да потпишат неколку договори кои ќе го олеснат движењето на луѓе, стоките, капиталот и услугите меѓу трите земји, ќе го олеснат деловното работење.

Тие потпишаа Договор за работни дозволи што ќе им овозможи на работниците од Албанија, Македонија и Србија полесно да ги добијат потребните работни дозволи и документи.

Договорот за интегрирани електронски системи треба да им овозможи на граѓаните на трите земји да поднесуваат апликации во други земји од кое било место.

Понатаму, четирите договори поврзани со ветеринарни и фитосанитарни инспекции, кои исто така беа потпишани, ќе ја олеснат трговијата со добиток, како и со производи од зеленчук и животинско потекло.

Добрососедските и билатералните односи се клучни за економскиот просперитет, кој е незамислив без регионална соработка. Најголем дел од трговијата со стоки се одвива во регионот, што е силен поттик за подобрување на билатералните и регионалните односи.

Во несигурно и недоверливо соседство нема лидерство и просперитет. Како што во поновата историја регионот доживеа трагични вооружени конфликти, важно е државите да обезбедат соодветно соочување со минатото и да ја елиминираат реториката на омраза што создава тензии и ја одвраќа регионалната соработка. Затоа, важно е да се запре злоупотребата на универзалните надлежности во однос на гонењето на воените злосторници и да се дозволи судското гонење да се води во државата во која е извршено кривичното дело и/или во согласност со договор склучен меѓу државите, без никаква тајни или еднострани потерници и апсења. Едностраното упатување на случаите на воени злосторства од Србија до судството на БиХ е нова практика и позитивен придонес во процесот на соочување со вистината и развивање на меѓусебната доверба.

Иницијативата “Отворен Балкан“ е регионална иницијатива на Балканот за 21 век, бидејќи ќе ги елиминира граничните контроли и другите бариери со цел да го олесни движењето (луѓе, стоки, капитал и услуги) во регионот, ќе им овозможи на граѓаните да патуваат користејќи само лична карта како патна исправа.

Понатаму, иницијативата ќе им овозможи на граѓаните да се вработат каде било во регионот, доколку имаат доказ за нивните квалификации, ќе се обезбеди признавање на дипломите и подобра соработка во борбата против организираниот криминал и природните катастрофи.

Искуството со пандемијата Ковид-19 ја покажа важноста на соработката, а актуелната енергетска криза важноста на меѓусебната солидарност. Размената на искуства и помошта дадена меѓу земјите од регионот во рамките на интеграцијата во ЕУ е драгоцена….

Отворен Балкан, ги потврди своите димензии и значење и на самиотот одржан во Охрид, јуни 2022 година. Охридскиот самит на Отворен Балкан стави уше еден печат на сигурен и визионерки проект кој треба д ги скрши сите бариери и стереотипи на предрасуди меѓу народите на Западен Балкан, без кој Европа и Европската Унија не може да функционираат, во моментов се’ повеќе ослабува и е се’ по осамена!

Јасна е пораката на Официјален Вашингтон кој е поддржувач на иницијативата Отворен Балкан. Пораките беа пренесени од американскиот дипломат одговорен за Балканот, Габриел Ескобар: Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан меѓу другото изјави дека САД го поддржуваат Отворен Балкан како економска иницијатива чија цел е создавање поголеми можности за луѓето во регионот. “САД поддржуваат Отворен Балкан да остане економска иницијатива. Тоа не е политички, туку важен економски проект, важно е да остане, да се фокусираме на создавање можности за луѓето во регионот“, – рече Ескобар во видео обраќањето до учесниците на самитот “Отворен Балкан“ во Охрид. Тој, исто така, рече дека прекуграничната соработка на Западен Балкан треба да биде насочена кон поголема европска интеграција и повтори дека САД ги поддржуваат сите иницијативи кои го приближуваат регионот кон ЕУ и промовираат стабилност.

За иницијативата да биде успешна, додаде Ескобар, неопходно е да биде отворена за сите и мора да ги вклучи “сите шест земји на исто ниво“.

Ескобар потсети на неодамнешниот стратешки билатерален дијалог меѓу Македонија и САД, на кој беше договорено Вашингтон да направи се’ што е во негова моќ да го стабилизира регионот и да создаде нови можности за граѓаните на Западен Балкан.

“САД не го гледаа Западен Балкан од перспектива на проблемите од 1990-тите, туку низ призмата на можностите на 21 век. А, можностите во Западен Балкан се огромни. Западен Балкан е благословен со одлична географска положба, прекрасни ресурси, но и голем претприемачки дух“, – рече Ескобар.

Тој оцени дека Западен Балкан има потенцијал да биде центар за обновливи извори на енергија, што ќе помогне да се “справат“ со климатските промени, има капацитет да биде центар за течен природен гас и да и’ помогне на Европа да се ослободи од рускиот гас, можност да биде центар за транспорт и технологија. Тој посочи дека Западен Балкан е најбрзо растечкиот дел од Европа. Не изостанаа и изјавите на тројцата лидери и иницијатори на овој проект Отворен Балкан, премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама.

“Главна политичка цел на сите од регионот е: Западен Балкан, мора да стане дел од ЕУ! Земјите од Западен Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок и во другите земји. Европски е да си помагаме, а не да се кочиме и блокираме. Војната во Украина е ризик за зголемено влијание на трети земји во регионот. Затоа, сите мора да бидеме внимателни и подготвени. Оставањето на геостратешка празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние од Охрид, испраќаме јасна порака, дека од исклучителна важност е ЕУ и земјите членки, максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е стратешко и безбедносно прашање. Бараме ЕУ да го подржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми “, рече Ковачевски.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ рече дека на регионот како никогаш порано му е потребна меѓусебна соработка, поради актуелната состојба со недостатокот на храна. “Ние речиси и да немаме меѓусебни билатерални проблеми. Успеавме да решиме одредени проблеми кои беа меѓу нас, седумдесет години. Ние немаме барања спрема никого, освен да соработуваме и да работиме во интерес на нашите граѓани. Ова е толку добра идеја што од година во година ќе има се’ повеќе поддржувачи во нашите земји и во регионот. Сите останати се добредојдени. Сакам да формираме работни групи веднаш или на следната средба, кои ќе се погрижат околу тоа како да ги надминеме тешкотиите од областа на снабдувањето со храна и од областа на енергетиката. Како меѓусебно да си помогнеме да ја преживееме зимата“, рече Вучиќ.

“Секогаш кога доаѓа Европскиот совет се спремаме како за свадба. Албанија веќе не се спрема за свадба. Ако се случи, ќе одиме како што сме облечени, нема да сме свечено, нема оркестар, нема да трошиме на банкети и сватови, па да нема кој да дојде по невестата или нема да дојде зетот. Отворен Балкан е младоженецот, а невестата е ЕУ. Ова е лошо за нас, подобро да бевме невеста побрзо ќе не земеа. Кога си маж со толку проблеми, со такво минато, е голем проблем. Но, нашиот пат е многу јасен – ние сакаме Европа да ја изградиме овде, наши системи на функционирање и потоа кога тие ќе сакаат свадба ќе бидеме подоготвени“, рече Рама.

Инаку тројцата лидери во Охрид потпишаа неколку договори и меморнадуми за соработка, како што се взаемно признавање на дипломите и научните звања издадени во високо образовните институции во регионот, со што ќе за забрза постапката за создавање и на единствен заеднички пазар на трудот.

Отворен Балкан ќе се промовира и како регионална туристичка дестинација, а ќе се потпишат и договори за соработка во областа на културата и туризмот, како и договор со кој ќе се обврзат на здружена борба против затајувањето на данок.

Во функција на набљудувачи, во Охрид присутни се и црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ, кој веќе најави дека не ја исклучува можноста за приклучување на неговата земја во иницијативата, како и босанскиот претседавач на Советот на министри, Тегелтија. Тој пред да дојде во Охрид, побарал согласност од Претседателството на БиХ за пристапување на земјата во регионалната иницијатива. За сега единствено Косово одбива да биде дел од истата.

Отворен Балкан е глас и можност за сите. Земјите од Западен Балкан треба да воспостават посилна политичка, економска, научна, културна, спортска и секоја друга форма на соработка и да дејствуваат кон ЕУ како група земји со јасно дефинирани барања и интереси. Што се однесува до процесот на проширување на ЕУ, неопходно е да се дефинира кога ќе се случи проширувањето, бидејќи ЕУ не може бескрајно да го одложува.

Во овој контекст, важно е да се нагласи, регионалната соработка не подразбира дека земјите од регионот се откажале од својот европски пат и членство во ЕУ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика сите членки на таканаречената “Балканска шесторка“ (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија, Албанија и Србија) да се приклучат на иницијативата “Отворен Балкан“, независно од сите разлики што постојат во однос на прашањето за признавањето на независноста на Косово.

Во своето функционирање, иницијативата “Отворен Балкан“ може да се потпира на искуствата од соработката во таканаречената Вишеградска група на држави (Унгарија, Полска, Чешка и Словачка), кои често следат заеднички пристап во рамките на ЕУ со јасно артикулирани барања и ставови. Понатаму, беше формирана Вишеградската група (В4) за соодветните земји, полесно и побрзо да станат членки на ЕУ и НАТО, таа цел ја постигнаа.

Затоа, важно е земјите од регионот да продолжат со заеднички пристап кон ЕУ и/или други надворешно-политички иницијативи во еден глас, бидејќи активностите на поединечните земји се недоволни и не гарантираат успех.

Проблемите со регионалната соработка се уште се присутни на Западен Балкан. Косово е најизолирана област во Европа. Косовскиот премиер Албин Курти одби учество во иницијативата “Отворен Балкан“ со образложение дека Косово веќе има јасно дефиниран пат, а тоа е членство во ЕУ и НАТО. Всушност, косовските власти, вклучително и косовскиот премиер Курти, изјавија дека ова е обид за формирање на четврта Југославија и “голема Србија“. Имено, Косово нема безвизен режим со земјите членки на ЕУ. Всушност, таа нема ни безвизен режим со Босна и Херцеговина, што предизвикува огромна штета на Косово и неговите граѓани. Косовските лидери мора да бидат свесни за фактот дека мора да се воспостави соработка и да се изгради заедништво во регионот, бидејќи на глобалната сцена актери се регионите, а не државите.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и некои водачи од Босна и Херцеговина понудија слични причини за одбивање на членството во иницијативата. Нови ветришта дуваат од Подгорица, премиерот Абазовиќ учествуваше на самитот во Охрид. Изненадувачки е што актуелната црногорска влада, која сè уште не направи значително отстапување од политиката и ставовите на Мило Ѓукановиќ, зазеде сличен став.

Истовремено, некои политички лидери во регионот веруваат дека иницијативата е насочена кон создавање на “Голема Албанија“. Поранешниот албански претседател Илир Мета изјави дека “(проектот за) Голема Србија пропадна, а тој за голема Албанија не е можен“.

Ширењето информации за таканаречените хегемонистички проекти, без разлика дали тоа се проекти за голема Србија, голема Албанија, голема Бугарија, голема Унгарија или голема Хрватска, го одвраќа регионот од неопходната соработка во сите области и создавање на крајно потребниот дух на соработка и заедништво.

ЕУ е регионална интеграција, додека “Отворен Балкан“ е економски кластер во правец. Веќе не е прашање дали ќе се вклучат, туку кога останатите земји ќе се приклучат на иницијативата “Отворен Балкан“, бидејќи секое одложување ќе значи огромни загуби за нивните економии и бизнисмени, кои како даночни обврзници плаќаат најмногу во буџетите на нивните земји.

Неприфатливо е Косово да прогласи 20-месечна вонредна состојба поради недостиг на електрична енергија, наместо да може да бара помош на солидарни бази во рамките на “Отворен Балкан“.

На крајот, не изостанува и пораката на Европската Унија претставена од Комесарот за проширување Вархеј, на самитот во Охрид. Вархеј рече дека се’ додека иницијативата се заснова на забрзување и на приспособување на правилата и нормите на ЕУ, Унијата ќе биде тука да помогне. “Отворен Балкан може да биде можност за забрзување на патот кон ЕУ. Според мене, ако работата ја завршиме добро, тоа ќе ја забрза и економската интеграција на регионот, а треба да ја забрза и реалната интеграција на регионот во ЕУ. Ова е многу важно достигнување на регионот, бидејќи регионот ја смисли. Не бевме ние, не беа САД, не беше никој друг, туку беше самиот регион. Може да помогнеме со економскиот инвестициски план и со заедничкиот регионален пазар, затоа што тоа е нашиот начин за Отворен Балкан. Но, додека дојдеме таму, сметам дека Отворен Балкан треба да продолжи понатаму. Гледаме како се потпишуваат договори и ги гледаме резултатите од претходните договори. Ова е важно особено во кризата во која се наоѓаме поради војната во Украина“, рече Вархеј.

Отворен Балкан не остана и без поддршката од првиот човек на американската амбасада во Србија, неговата екселенција Кристофер Хил, кој специјално дојде во Охрид да го поддржи Отворен Балкан. “Тука сум да го поддржам овој проект, бидејќи е оригинален проект за соработка и многу вреден за земјите учеснички“, рече Хил. Според американскиот амбасадор, Отворен Балкан е оригинален проект на соработка меѓу земјите од регионот. Коментирајќи ја изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Отворен Балкан е иницијатива што тој ја поддржува, Хил рече дека ја смета за “саркастична изјава која не е искрена“.

Во секој случај балканската регионална соработката е неизбежна, дури и нужна, предрасудите мора да се демистифицираат, во блискоста, во координацијата, размената на информации и искуства и соработката, во олеснетите процедури, ќар ќе имаат сите. Со еден збор: Така се калеше челикот!

Отворен Балкан како будилник на затворена Европа!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.