Васко Шутаров
Велат дека Ото фон Бизмарк прв ја употребил онаа легендарна мисла: „Најмногу се лаже пред избори, за време на војна и после лов“! Велат и дека, според Божјата промисла, било замислено политиката да биде најблагородната работа на светот, но дека лагата била побрза од промислата и дека токму во политиката си пронашла привилегирано поле за свое непречено дејствување. Велат и дека вистинољубството никогаш не спаѓало во редот на најпосакуваните политички доблести, а дека вистинокажувачите се ретка (исклучителна ретка појава!), против која политичките лажговци од сите политички бои и блокови, најпрво и најлесно се усогласуваат и здружуваат!
Прашањата за интригантната поврзаност на лагата и политиката се стари колку што се стари политиката, политичката филозофија и политичката наука, но одговорите зошто е тоа така, никогаш не биле поконтроверзни, како што се денес? А, нели токму денес, живееме во свет на лесна и брза достапност до секоја информација и ќе беше сосем природно и нормално, вистината да биде подостапна и полесно проверлива за секого?! И нели живееме во време во кое, покрај информацијата и знаењето станува најважен ресурс, па уште и покрај толкавата експанзија од високообразовани луѓе, уште да живееме со фактот дека сè уште лагата останува суверена и на толкаво високо ниво, сеприсутна?!
Прв Платон се обидел да го дефинира знаењето како „оправдано, вистинито верување“. Лагата, според него е „спротивна на вистината и таа постои со намера другиот да биде доведен во заблуда!“ Платон, наследникот на вистинољубивиот Сократ, во своето дело „Држава“ запишал и дека за развојот и опстанокот на човековите заедници, неопходно потребна е одредена доза на лаги, т.н. благородни лаги, кои во одредено време и одредени прилики, привилегирано ќе ги дошепнуваат најмудрите, а во тогашното време тоа биле филозофите! Само оние кои ќе се стекнат со вистинско знаење, може да спознаат што е добро и за другите, а бидејќи тие (другите), сами не можат да ги досегнат вистинските знаења за доброто, на нив им се нуди вистина, „облагородена“ со митови и лаги!
Лагата, прв се обидува да ја дефинира Св. Августин и според него „лажливец е оној што има двојно срце и двојна мисла-лажливецот мисли едно, а зборува друго, знаејќи дека она што го зборува е лага! И оној кој лаже од незнаење и оној кој свесно лаже, според Августин се „подеднаква опасност за општеството, подеднакво опасни како некој кој прави зло, намерно или од незнаење!“
Меѓутоа, идеалите за добрина, убавина и вистина никогаш потполно не ги напуштиле ниту општествата ниту политиката и никогаш конечно не ù го препуштале местото исклучиво на лагата-тој неверојатно податлив и леплив материјал од кој се градат бедемите и кулите на интересите и моќта, во сите времиња и во сите власти! Вистиноборците, од антиката, ренесансата и просветителството, преку ерата на научните откритија и големите ослободувања на народите од лагите на големите и моќните, до технолошката и дигиталната ера, го менувале и го придвижувале светот во склад со трите исконски идеали на човештвото! Но, дури и кога барем малку светот се придвижувал кон идеалите за подобро, за поубаво и повистинито, секогаш лагата била побрза и успевала неколкукратно да го обиколи и повторно да го раздвижи светот, според сопствените потреби и интереси! Така било отсекогаш, така е и денес!
Вистинољубецот Исус Христос, вљубениците во вистината како Сократ, Марко Аврелиј, Свети Августин, Галилео Галилеј, Имануел Кант, до витезите на вистината на 20 век, Никола Тесла, Махатма Ганди, Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мандела, Ајнштајн или Хана Арент, успевале да му ги пренесат на човештвото моќта и убавината на вистината, но лагата скоро секогаш успевала посилно и поубедливо да заведе и да ги испише страниците од човековата историја, станувајќи многу често неодвоив украс од секоја важна човекова лична или колективна вистина и промена кон подобро!
Историјата и политичката филозофија сметаат дека немало поголем вистинољубец меѓу владетелите, од римскиот цар Марко Аврелиј, кого и во негово време заради чесноста, скромноста и доминантниот принцип на владеење: „Ако не знаеш како, подобро не чини ништо и ако не зборуваш вистина, подобро ништо не зборувај!“, го нарекувале Verissimus (Вистинољубец!). Но, дури и тој, во клучни моменти на крајот од својот живот кога морал да избере свој наследник, се самозалажал и ù потклекнал на лагата – и така ја направил најголемата и кобна грешка, како за себе, така и за Римската империја!
Еден од столбовите на модерната политичка наука, големиот ренесансен мислител Николо Макијавели, чие дело „Владетелот“ и денес претставува задолжително градиво за секој што има намера да се занимава со политика и во кое тој успеал да ù направи целосна вивисекција на анатомијата на политиката како вештина и како наука, на крајот од својот живот успеал да се самозалаже и да излезе наивен пред лукавствата и непредвидливиот сплет од лаги на тогашните власти. Макијавели силно се надевал и се убедил дека со развластувањето на семејството Медичи и со враќањето на власт на републиканците во Фиренца, ќе му бидат вратени одземените политички функции што порано ги имал, но се излажал-токму републиканците биле сомничави кон неговите ретки и конфликтни контакти со семејството Медичи! Сурова може да биде лагата во политичката пракса, посурова и од најсуровата теорија испишана за неа!
Имануел Кант низ целиот свој филозофски опус го осудувал лажењето и тврдел дека човек кој лаже, не само што се одрекува од својата особеност, туку дека со лагата станува само лажлива појава на она што вистински треба да биде! Себелажењето и самозалажувањето за него претставуваат најсериозен прекор кој заслужува постојана осуда, „бидејќи ако еднаш врвното начело на вистинитоста биде нарушено и повредено, злото на невистинитоста се шири како реа од постојан гниеж“.
Хана Арент, која со посебно внимание ги истражува лагите и вистината, посебно во тоталитарните општества во 20 век, доаѓа до истиот заклучок, дека „појдовна точка на сеопштото лажење започнува со првата самоизмама, првото себелажење, кое не е директна последица на некаква континуира измама на другите кон нас, туку измамата на другите секогаш започнува со нашата прва самоизмама“. Од првото, често наивно и доброволно самозалажување, до потполното предавање на заводливоста на лагата, најчесто се случуваат и драматични лични и колективни промени, кои покрај континуирано дозираните лаги имаме чувство дека нас воопшто и не нè засегаат! Под покритието на лагата, секогаш полесно и поподносливо се живеело, нели?!
„Тоа постојано лажење нема за цел народот да им поверува на лагите, туку целта е во ништо повеќе да не се верува! Бидејќи на таквиот народ, не му е одземена моќта за акција, туку моќта да мисли и да расудува. Со таков народ можете да правите што сакате!“
Оваа позната мисла на Хана Арент до срж ја погодува вистината за тоталната лага со која се обземени модерните општества, преку која се менуваат и (пре)обликуваат и личните и колективните вредности во животот на модерниот човек-барем сè додека во тој маѓепсан круг од лаги се наоѓа некаква егзистенцијална или животна смисла! Се изгуби ли и конечната, последна смисла, лагата и лагократијата мора да абдицираат и да дозволат општествените промени да бидат водени од личности кои ја љубат, ја зборуваат и ја практикуваат само вистината!
Кога од лагата и лажењето во политиката не останува веќе ништо благородно, кога малите и некогаш неопходни „мали бели лаги“ се потиснати од крајно социопатолошки, компулсивни и најприземни простачки лаги (да се владее, да се лаже и да се краде по секоја цена!), кога ни во траги не се случуваат суштински промени на подобро, кога лагата потполно го дехуманизира секој поединечно и го разјадува здраворазумското во секого – и уште ја разорува комплетната мисла на идните генерации, која станува посиромашна за мислата на своите предци, промените стануваат неминовност, а вистинољубието врвен приоритет!
…………………………………………………………………………
Македонија денес е дојдена до таа своја пресвртна точка, од која понатаму ништо не смее да биде, „како досега!“ Македонија е крајно контаминирана до највисоко ниво на токсичност од прекумерна употреба на лаги! А, Македонците не џабе велат, кој краде и лаже, а кој најмногу лаже и најмногу краде! И од првата голема лага, од онаа со несреќното „извлекување на зајачето од шеширот“ (кое волшебно требаше да ни ги реши сите проблеми!), пред седум години, до недоветните шарени лаги кои требаше да ги покријат сите наши понижувања и поништувања како народ и држава, преку масовниот македонски егзодус во странство и тоталниов грабеж на сè што е државно и народно, до последново безочно лажење деновиве, кога кампањски се лиферуваат лажни бројки за раст и развој, (небаре, за Лихтенштајн станува збор!) – родениве лажливци потполно ја опустошија и ограбија Македонија!
Професорката Гордана Силјановска Давкова, токму во овие седум изминати години на тотална македонска лагократија, беше еден исклучителен и репрезентативен вистинољубец, во годиниве на безумие – постојан глас на разумот, потсетник на сè она вредно што го имаме и не смееме да го изгубиме, патоказ кон интелигентното, умното, културното, господското и витешкото соочување со сопствените можности и потенцијали во меѓународниов контекст на модерни европски и светски држави!
Како и сите вистинољубци во времиња на суверено и сурово владеење на лагите и лажното, беше за очекување дека Силјановска Давкова ќе биде предмет на црна кампања и дека во шарените лаги против неа ќе се обединат сите кои заеднички се лепат кон владејачките центри на моќ и интерес!
Немајќи за што, најпрво удрија по тоа дека е жена, а потоа дека е жена во зрели години! И почнаа со една толку изветвена и некреативна црна кампања, да ù лепат фотошопови на нејзините фотографии од билбордите, да ја извлекуваат од контекст дека има нешто против старите лица (спомнувајќи во еден поткаст, дека ќе биде активна и дека нема намера да биде како двајцата старци од балконот што само седат и се мајтапат со сè – од некогаш популарните „Мапети“), дека ќе биде нејзин хендикеп како претседателка, тоа што сака да заталка и да се стопи со својата околина, со своите соседи и со своите сограѓани, патем, плаќајќи ги сама сопствените режиски трошоци (неброени пати сум ја среќавал како го прави тоа!) или сама избирајќи зеленчук и овошје од градските зелени пазари, за своето семејство!
Оттуѓените и одметнати лагократи удрија по нејзината нормалност и непосредност, по нејзината интелектуална принципиелност и високопрофилиран научнички интегритет, нејзиниот домашен и меѓународен углед, но, пред сè, кон човекољубивоста и вистинољубивоста кои несоомнено ја красат како политичарка и кои се широко препознаени од македонските граѓани! Сето тоа од неа прави, апсолутен фаворит на претстојните претседателски избори!
Македонија е презрела за вистинољубие и човечност и презрела за промени кон подобро! Македонија истовремено е прегладнета за нормалност, за достоинственост, за просперитетност – и за малку повеќе национална и државна гордост! Време е за конечно збогум со неподносливата леснотија на лагократско манипулирање со нашите животи, со нашите животни потреби и со нашите гласови!
И крајно време е за вистински промени кои ќе ги направиме сами и кои ќе започнат наскоро, со Гордана Силјановска Давкова – како прва македонска претседателка!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.