Петар Поп-Арсов
„Ова ќе биде бонбона бизнис!“.
Така некако започнува оваа приказна некаде на почетокот од 2006-та година. Тогашната македонска влада предводена од СДСМ реши да го продаде дистрибутивниот дел од ЕСМ.
И, го продадоа!
„Кој нема да биде сериозно заинтересиран да купи вака добар бизнис?“, беше втората „сериозна“ теза со кој владините првенци ја бранеа и аргументираа сопствената намера да го продадат ЕСМ.
Тоа им беше почетокот на крајот во таа пресвртна 2006 година. Свесни дека политички многу губат, дека револтот кај граѓаните е голем и реален, дека цената на струјата која што ќе ја плаќа Македонецот значително ќе порасне, тие не отстапија од намерата за продажба. Ниту блокадите на македонските улици, ниту аргументите против оваа продажба кои што секојдневно беа презентирани од политички партии, невладини организации, од граѓани, од „Гласот на светлината“, ниту пак анкетите кои покажуваа стрмоглав пад на рејтингот на власта не беа доволни да ја запрат реализацијата на проектот „Бонбона бизнис“.
Ова е нешто за кое што многу пати досега се зборувало, пишувало, дебатирало, и пак зборувало и пишувало, повторно и повторно. Таква е темата, вонвременска, со постојана финансиска импликација врз џебот на граѓаните.
Но, една работа е интересна во целиов овој случај. Една работа која што е исклучително актуелна во моментов. Една позиција на влададта, која што во времето на продажбата на ЕСМ се чинеше како најлогичниот и најцврстиот аргумент за тоа зошто треба да се продаде дистрибутивната компонента на македонското електростопанство.
Со продажбата на ЕСМ ќе прекине праксата на неплаќање струја и приклучувањето на диво!
Тоа беше реченицата која претставуваше сламка за спас и едно од најголемите оправдувања пред граѓаните за продажбата на ЕСМ. Со влегувањето на странска компанија се најавуваше прекин на праксата на диви приклучоци или пак прекин на праксата на неплаќање на сметките од страна на оние легално приклучените. Покрај останатите обврски кои ќе ги превземат новите сопственици, пред се во поглед на модернизација и осовременување на дистрибутивната мрежа, од владата не убедуваа дека ниту една странска приватна компанија нема да дозволи постоење на неплатени сметки, ниту пак ќе дозволи приклучување на диво. Токму онакво како што денес го гледаме во разни населени места од типот на Слупчане, Студеничани и Арачиново.
Што имаме денес?
Модернизација на дистрибутивната мрежа? Можеби има, а можеби не во онаа мера која што е обврска на ЕВН. За тоа нека говорат експертите. Но гледајќи ја онаа пајакова мрежа од електрични кабли и бандери низ македонските градови, не се стекнува впечаток дека европската компанија донесе европски стандарди во осовременувањето на дистрибутивната мрежа. Пајаковата мрежа е наше секојдневие, природен амбиент во кој што живееме, опкружување на кое што сме навикнати и кое што не го забележуваме. Тоа е такво нешто кое што може да го забележи само некој што доаѓа од страна, некој навикнат на поинаков стандард, од некоја ЕУ земја, од земја како Австрија на пример.
Но, она што со сигурност го забележуваме и она кое што дефинитивно има финасиски импликации по секој лојален македонски граѓанин е продолжувањето на праксата на диво приклучување и неплаќање на сметките за струја.
Пред неколку месеци тоа беше Арачиново, денес тоа е Слупчане, утре Студеничани! Кое населено место е следното? Каде е крајот? Да не се случеше инцидент и хаварија немаше ниту да знаеме дека таму, во некое село, постојат диви приклучоци кои што ги толерира владата и странската компанија. Допрва ќе се правело увид и анализа за тоа колкав е бројот на диви приклучоци кои ја преоптоваруваат дистрибутивната мрежа. Тоа треба да се прави на месечно ниво, во од, тековно од страна на екипите на ЕВН, а не да се чекаат хаварии и инциденти кои добиваат етнички контекст далеку поширок од само оној, криминалниот.
Во приказнава особено иритира изјавата на премиерот Ковачевски, кој како ној со главата во песок изјави дека проблемот во Слупчане не е проблем на државата туку е проблем на приватна компанија. Како да се работи за некоја приватна компанија која продава сладолед и која не може да ја развие својата дистрибутивна мрежа во овие летни горештини или пак не може да ги наплати своите побарувања. Зборува како да не се работи за ЕВН, монопол за дистрибуција на струја, компанија која има обврска да ги снабдува сите домаќинства, особено оние кои легално се приклучени и редовно ги подмируваат сопствените обврски, без разлика дали тие се во Слупчане, Арачиново, Студеничани или било каде во Македонија.
Иритираат неговите политички калкулации, движењето по линија на послаб отпор и стравот од евентуалниот судир со коалициониот партнер за прашања кои што ги тангираат гласачите на ДУИ. Иритира неговиот мек пристап со исклучително низок напон во однос на прашањето кое требаше да биде ад акта уште со продажбата на ЕСМ во 2006 година, а за кое што се даваа гаранции дека повеќе нема да има диви приклучоци и неплаќачи на струја. Но, тоа е! Тешко е да се очекуваат решенија од премиер кој и самиот, без избори, е на диво приклучен на премиерската фотелја.
Иритира неговото игнорирање на проблемот, отсуството на план за решавање и префрлањето на обврската само кај компанијата дистрибутер. Иритира фактот што токму партијата на која тој е претседател, партијата која што ја продаде ЕСМ само заради решавање на проблемот со дивите приклучоци и неплаќачи, воопшто не нуди решение за надминување на овој сè уште присутен проблем кој предизвикува постојани тензии и конфликти. Иритираат забелешките на сметките за струја на која ЕВН ни кажува колку тоа пари платила владата на Ковачевски за нас за да нашите сметки бидат со помал износ.
Многу работи иритираат, но каде е тука решението?!
„Бонбона бизнисот“ не ги даде ветуваните резултати. Барем не за нас граѓаните. Компанијата дистрибутер нема намера да води војна со неплаќачите и дивите приклучоци. Таа ќе си ги наплати парите од нас останатите, лојалните граѓани на оваа држава. Вака или онака, од џеб или од буџет.
Но, се поставува прашањето до кога ќе трае ваквата пракса на игнорирање на проблемот со дивото приклучување и не плаќање на сметките? До кога владата, која е раководена од партијата продавач на ЕСМ ќе нема никаков план и стратегија за решавање на проблемот и еднаков третман на сите граѓани на Македонија? До кога владата ќе ја толерира ЕВН која пак ги толерира дивите и неплаќачите?
Можеби е дојдено време за евалуација на ефектите од продажбата на ЕСМ?! Дојдено е време за евалуација на остварувањето на превземените обврски од страна на ЕВН, како и за евалуација на она кое што не очекува во наредните години?! Можеби е дојдено време да се преиспита оправданоста на приватизацијата на дистрибутивната мрежа и за причините зошто сè уште постојат црни дупки кои до сега требаше да бидат решени?! Можеби е дојдено време за враќање на дистрибутивната мрежа повторно во сопственост на државата поради не исполнување на обврските на приватната компанија?! Сериозна држава нема да дозволи ваков циркус со сопствената дистрибутивна мрежа.
Можеби е дојдено време за национализација?
Или малку претерувам?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.