Кирил Лазов
Аплаузи! Восхит! Поклон до земја! Симнување капи! Благослови и суперлативи од епски размери за хероите во белите мантили. За оние кои ги жртвуваа своите животи и ризикуваа деноноќно борејќи се за многу човечки животи во екот на пандемијата предизвикана од корона вирусот.
И покрај тоа што пандемијата не е завршена, а корона вирусот е се уште присутен и испишува дневни биланси, аплаузите стивнаа, а сето чудо за три дена, па и жртвата на лекарската фела и медицинскиот персонал се заборави. Балкански синдром! Впрочем кај нас и ретко кога доброто се помни, освен додека се има корист!
Додека се обидував да ја опишам актуелната состојба во нашиот здравствен систем и да направам една слика на се она што се случува во македонското здравство првата компарација која ми дојде на ум е еден наслов од романите на Достоевски, „Понижени и навредени“. И можеби не постои подобар епитет за медицинските лица во моментов од понижени и навредени, од деградирани и изманипулирани.
За да си го купат мирот и да не си ја разнишаат удобноста на функционерските столчиња, здравствените власти ги деградираат здравствените работници со мизерно покачување од 2000 денари кое во однос на хиперинфлацијата која ни се случува не е ниту покачување.
Ниту министерот Сали, ниту замникот Рендевски, ниту „престолонаследникот“ на Заев, Ковачевски не покажуваат никакво чувство на одговорност кон здравствените работници. Дали е тоа нивното благодарам? Дали на овој начин се оддава почит кон здравствените работници?
Да не заборавиме дека во екот на пандемијата специјализантите и младите лекари ги покриваа најголемиот дел од дежурствата низ јавните здравствени установи ширум државата. Истите тие не можат да остварат право на надомест на дежурство. Во таа насока неопходна е корекција на колективните договори, но истовремено и нивно усогласување со кои државните специјализанти вработени во ЈЗУ ќе добиваат надоместок за дежурства кои ги обавуваат на клиниките за време на турнусите. Здравствените власти треба да најдат решение да се прекине оваа дискриминација. Но никој од нив нема сензибилитет за решавање на оваа проблематика. Затоа и тонеме. Затоа го допревме секое дно.
Состојбата со условите за работа и болничките услови за пациентите е уште помизерна. Медицински сестри и лекари заминуваат секојдневно низ Европа во потрага по подобра егзистенција и подобри услови за работа. Оние кои остануваме тука секојдневно водиме иста битка.
Пациентите на инфективното одделение во Велес оставени на милост и немилост да смрзнуваат, наместо да се лекуваат се доразболуваат од студот и мизерните услови. Инфективното одделение во Битола се затвора поради немање инфектолози. Каков апсурд! Зарем инфективните одделенија не понесоа најголем товар во пандемијата? А поплавата на КАРИЛ?
Чувствувам потреба да ве потсетам на еден расказ на Чехов. Се сеќавате ли на „Павиљон бр.6“.
Павиљон бр.6 претставува критика за општеството и лицемерието на социјалната грижа. Чехов го критикува општеството кое воопшто не се грижи за болните, општество во кое не се знае кој е навистина луд.
Павилјонот е редуциран модел на светот, намален модел на општество без перспектива и речиси сите ликови можат да се разберат во контекст на општествените улоги што ги претставуваат.
Павилјонот како запуштено место кое служи како место на фрлање отпад за неупотреблива облека што е фрлена во куп, која скапува и шири смрдеа, а тоа е во корелација со ликовите – болните како симбол на општествениот отпад кои се маргинализирани и оставени да скапуваат и распаѓаат од гадење. Бројот шест сугерира на безначајноста на тоа место, безначајна бројка која нема никакво значење, а со тоа ја нагласува безначајноста на неговите жители кои се само бројка во бирократскиот систем.
За жал, морам да констатирам дека нашиот здравствен систем, нашите јавни здравствени установи не се далеку од Чеховиот „Павиљон бр.6“.
Уште колку остана за уништување да се доуништиме? Уште колку има за рушење да го срушиме јавното здравство? Ќе се освестиме ли?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.