Атанас Кирјаковски

Според конвенционалното сфаќање на работите, договарањето има за цел да ги уреди работите, да го отстрани конфликтот меѓу договорните страни и да најде решение за споровите. Но тоа има смисла само во „добрите“, етички договори, односно оние коишто се постигнати во фер процес и чии страни се чувствуваат еднакви, слободни и за кои договореното е прифатливо. Лошите и неправедни договори се полоши дури и од немањето договор. Полоши дури и од самиот спор кој се обидуваат да го решат: лошиот договор може дополнително и далекусежно да ги искомплицира состојбите, да создаде нови проблеми и да ја направи ситуацијата уште пострашна од претходно.

Историјата, особено поновата, ни дава незанемарливи примери за тоа како лошите договори може да доведат до уште поголеми проблеми. Можеби најзначаен од сите е Версајскиот договор од 1919 г. чија намера била да стави крај на Првата светска војна (1914–1918). За потсетување, овој договор произлегол од Париската мировна конференција со цел да ја оконча војната. Бил потпишан во палатата Версај (оттука и името) меѓу сојузниците, пред сѐ Велика Британија, Франција и Русија, и губитниците сочинети главно од централните сили Германија и Австро-Унгарија. Она што е битно за овој договор е што начелно е испреговаран без учество на губитниците од војната, при што Германија била задолжена да признае најголема вина и да плати огромни репарации за нанесените штети во војната, истовремено губејќи околу 10% од својата територија на европско тло и сето тоа проследено со конфискација на прекуокеанскиот имот и неутрализирање на нејзините колонии. И покрај тоа што од договорот произлегле и важни меѓународни институции како Лигата на народите, Меѓународната организација на трудот и Меѓународниот суд на правдата, сепак бидејќи бил наметнат и потпишан под присила од страна на победниците, договорот ја оставил Германија силно незадоволна и огорчена. Поради тоа, наместо да обезбеди долгорочен мир и стабилност, Версајскиот договор несакајќи создал услови за пораст на фрустрациите и преточување на незадоволството на губитникот Германија – во нацизам. Генерално е прифатено дека Втората светска војна е последица на неодржливиот Версајски договор кој создал чувство на пониженост кај Германиците засилено и од Големата економска депресија (1929–1939) подоцна, што довело до Хитлеровото доаѓање на власт и неговиот нацистички режим. Последиците од овој историски (лош) договор ги чувствуваме и ден-денес, стотина години после неговото потпишување, бидејќи тоталитарните идеологии како нацизмот и комунизмот сѐ уште се присутни и имаат значително влијание и во 21-от век.

Договорите мора да исполнуваат некои основни етички принципи за да се наречат „добри“ договори. Прво, договорните страни мора да се сложат на заеднички дискурс, односно взаемно прифатлив процес и услови во кои преговорите би се одржале. Второ, етичките договори во суштина подразбираат размена на вредности, односно и двете страни мора да бидат согласни подеднакво да дадат и примат нешто според нивната заеднички прифатена дефиниција на вредноста (да има некаква взаемна корист). Во контекст на договорањето, една од најприменливите етички теории е т.н. „етика на дискурсот“ (discourse ethics) која најчесто се поврзува со делата на германскиот филозоф Јурген Хабермас (кој патем сѐ уште е жив со полни 93 години). Според оваа теорија самиот формат на комуникација, односно заедничкиот дискурс мора да се одвива според неколку етички предуслови кои му даваат валидност на договорот и на нормите кои произлегуваат од него. Етичките предуслови се:

Договорните страни треба взаемно да се третираат како еднакви и нивните интереси да се сфатат како еднакво важни (еднаквост на страните);
Не смее да има директно ограничување под присила или пак индиректен, институционализиран или структурен притисок (отсуство на присила);
Единствената прифатлива форма на убедување треба да биде рационалното аргументирање (рационална аргументација);
Сите предлози треба да бидат достапни за проверка (транспарентност);
Предлозите во договорите може да се земат како прифатени само со согласност на сите страни (сестрано одобрување);
Ниту еден авторитет или институција не може да прогласи дека некое прашање е решено засекогаш (менливост на договорите).
Врз основа на етичките постулати наведени погоре, да се обидеме да ги класифицираме договорите кои ги потпиша владата на СДСМ/ДУИ со Бугарија и Грција, договори кои длабоко задираат во македонскиот идентитет (се работи за т.н. „Преспански“ договор и договорот за „Добрососедство и пријателство“ со Бугарија). Ајде да се обидеме да утврдиме дали се добри или лоши, односно етички, според критериумите наведени погоре.

Да започнеме со првиот предуслов: еднаквост на страните. Република Македонија во моментов вкупно има 51 дипломатска мисија низ земјите во светот, вклучително со мисиите во меѓународните организации (според македонското МНР). За споредба, Грција има вкупно 135, а Бугарија 101 мисија (според Википедија). Со други зборови, погледнато само низ бројката на мисии, Грција е скоро трипати, а Бугарија двапати повеќе поприсутна во меѓународната дипломатија од Македонија. Ако се додаде и историскиот период на постоење на дипломатиите на овие земји, тие се барем 100-тина години порано присутни во меѓународните односи од релативно младата и малечка Република Макеоднија која постои околу 30-тина години како независна држава. Одредени истражувања за глобалната перцепција на влијанието на земјите, покажуваат дека Грција иако релативно мала, се наоѓа на релативно високото 18-то место во листата на меѓународно влијание според ова истражување на U.S. News, а Бугарија на 50-тото. Македонија воопшто ја нема на листата. Сето ова укажува дека влијанието на Грција и Бугарија и нивните лобиа е неколкукратно поголемо од влијанието на Македонија, што укажува на тоа дека страните во двата договори се сериозно нееднакви. Згора на тоа, двете земји се членки на Европската унија и со тоа имаат почетно-супериорна позиција во било какви преговори со нас.

Вториот предуслов за етичко договарање подразбира отсуство на присила, но и двата спора кои наводно се „решени“ со договорите ѝ беа наметнати на Македонија. Веднаш по референдумот за независност во 1991 г., на земјава ѝ беше оспорувано името, народот, јазикот и историјата. Беше уценувана со разни ембарга, непризнавање и блокади кога Македонија ќе се обидеше да пристапи кон некоја меѓународна институција или ќе истакнеше некаво свое идентитетско обележје (ова продолжува и ден-денес). Беше постојано укорувана од разно-разни нижоешалонски дипломати од кариера кои си ја градеа и си ја вежбаа на наш грб. Па следуваше внатреграѓански воен конфликт кој и самиот е етички спорен со оглед на неговите последици од присилно постигнатиот Рамковен договор (рамковна нееднаквост меѓу граѓаните и предност на еден етникум врз другите). Овој договор служеше и сѐ уште служи како Бабарога за заплашување и присилување на етничките Македонците секогаш да попуштаат. Накратко, Македонија беше присилена да седне на преговарачка маса за нешто што во суштина и не се преговара.

Дали се водеше рационална, аргументирана дискусија меѓу Македонија и нејзините соседи? Дали сѐ уште се води – ова се прашања од третиот етички предуслов. Дали е рационално да се преговара за материја како идентитет и дали воопшто може со договор тој да се дефинира како што е наведено во Преспанскиот договор на пример? Дали може да се ограничи јазик на една територија во 21-виот век, дали е рационално барањето една држава да се преправа дека не постојат нејзини малцинства во соседството? Дали е рационален дискурс да се тврди дека македонскиот народ е „измислен и создаден“ во 1945 г.? Дали е возможно македонскиот јазик да го „измислил“ Блаже Конески после Втората светска војна? Дали е разумно да се игнорира историската реалност и сегашноста на македонското постоење? Дали е рационално една историска комисија составена од неколку партиски полтрони да одлучува за постоењето и иднината на цел еден народ и култура? Оставам на тебе самиот да одлучиш, драг читателу, колку договорите го почитуваат третиот етички предуслов на рационалноста.

Со сигурност може да се каже дека ниту еден документ поврзан со преговорите не ѝ беше достапен на македонската јавност. Македонските граѓани се држеа во темница за тоа што всушност се преговара. Честопати делови од содржините протекуваа преку неформални канали во форма на „нон-пејпери“ и разни други магионичарски трикови. Всушност, повеќе информации пристигнуваа од условно кажано нашите „непријатели“ со коишто преговаравме, кои за разлика од режимот на СДСМ/ДУИ покажаа поголем демократски капацитет внатре во своите земји со тоа што редовно ги брифираа медиумите и своите граѓани, а секоја поважна одлука во однос на преговорите ја донесоа само со претходни консултации и насоки од нивните парламенти. Истовремено, власта во Македонија го заобиколуваше собранието и целосно ја исклучи опозицијата од процесот. Тукашните власти постојано ја криеја содржината на преговорите и ги лажеа и сѐ уште лажат своите граѓани. Дури и ветувањето од договорите беше една дебела и сочна лага – дека ќе добиеме некаков си датум за преговори со Европската унија, нешто што и по пет мизерни години сѐ уште не се случило. За да биде ситуацијата уште полоша, СДСМ/ДУИ не само што не беа воопшто транспарентни во процесот пред македонските граѓани, туку и лажно глумеа транспарентност и отченост и делумно објавуваа информации само откако бидуваа договорени заткулисно. Сетете се само на последниот т.н. „Француски предлог“ (во реалноста Бугарски) за кој имаше повеќенеделна какофонија на парадоксални изјави од премиерот на владата, претседателот на државата и министерот за надворешни работи, честопати взаемно контрадикторни и противречни. Ден-денес не знаеме што преговараат и договараат историските комисии.

Петтиот етички предуслов предвидува сестрано прифаќање на договореното. Иако формално македонската страна учествуваше во преговорите и со нивното потпишување навидум се сложи со содржината на истите, сепак оваа влада настапи од позиција со оспорен легитимитет бидејќи евидентно е дека македонскиот народ не се сложува со договореното. Владата преговараше за идентитетот и иднината на Македонците, но самите Македонци никој не ги исферма во процесот. На пример, се организираше референдум околу прифаќањето на Преспанскиот договот (нема да навлегуваме во тоа колку беше нелогично, контрадикторно и збунувачко самото референдумско прашање) кој недвосмислено Македонците го бојкотираат бидејќи беше своевиден историски апсурд. Државната изборна комисија формално го прогласи за неуспешен и со тоа се испрати недвосмислена порака до владата на Зоран Заев дека македонскиот народ не сака дури ни да дискутира по прашањето, а камоли да гласа по истото. И покрај бојкотот, корупционерите на СДСМ/ДУИ одлучија да го игнорираат исходот од референдумот и продолжија да се однесуваат авторитарно. Да не заборавиме дека спорно е и самот формирање на владата во 2017 г. кога СДСМ освои помалку гласови од ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот блок и формираше влада само поради непринципиелното коалицирање на ДУИ со нив. Накратко, дека договорите се прифатливи за сите страни е само еден лош театар, бидејќи оваа власт не го претставува мнозинството Македонци кои најмногу се засегнати во случајов и секако дека македонскиот народ не се сложува и никогаш нема да се сложи и да ги одобри ниту со Преспанскиот, ниту со Бугарскиот договор.

Последниот етички предуслов зборува за менливоста на договорите. Ниту еден договор во суштина не е и не може да биде „конечен“ како што власта се обидува тоа да го прикаже. Самиот Преспански договор формално се нарекува „Конечна спогодба“, но историјата покажува дека нема конечност на договорите. Тие се создаваат и траат некое време, а ако се лоши како овие два, веројатно и нема да траат долго. Затоа е споменат како пример Версајскиот договор на почетокот од оваа колумна. Во суштина, и договорот со Грција и договорот со Бугарија мора да се гледаат како нова, дополнителна компликација на спорот кои овие земји го имаат со нас и никако како решение. Повеќе од јасно е дека Македонците не ги прифаќаат истите и дека и после пет години „Северна“ никако не може да фатат корен. Генерациите се менуваат, историските услови се менуваат, се менуваат и меѓународните институции. Се менуваат и договорите. Панта реи, нели Хераклит?

Како краток заклучок на крајот, двата договори ги нарушуваат сите принципи на етичкиот дискурс наведени погоре. Тие не создаваат взаемно прифатливи и договорени норми. Овие договори всушност не се договори. Тие не решаваат спорови, туку отвораат нови, уште пострашни и попроблематични за нас. Тие се само уште еден предизвик во историјата на македонскиот народ. Македонците се борат за своите правдини е најмоќната реченици од македонската химна и ако сакаме да опстоиме, мора постојано да ја повторуваме. Конечно мора да си се почитуваме самите себеси, да се бориме бидејќи сме еднакви со сите други луѓе на планетава. И ние имаме право на постоење. А тоа може да се случи само со раскинувањето на овие два мртвородени и неетички „договори“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.