Васко Шутаров
Во филмската уметност Американците се неспорни кралеви, па освен филмските актерски ѕвезди кои во најголем дел се од англиското говорно подрачје, и во филмскиот жаргон, што станува дел и од нашиот секојдневен јавен говор, доминира терминологијата од англо-саксонското говорно подрачје. Освен еден, единствен збор, со широка употреба во уметничкиот, а посебно во филмскиот јазик, кој има потекло од рускиот јазик и за кој останатите јазици не се ни обиделе да му најдат соодветна замена. Тоа е зборот натуршчик, што нема пандан во останатите јазици, па ни во англискиот – и во времињава на строго контролирани руски културни и јазични влијанија, само со него се објаснува повеќе отколку со цела дузина други зборови и термини, од другите светски јазици.
Во македонскиот јавен говорен простор, олеснителна околност за актуелните дежурни цензори кои внимаваат на секое, макар и најмало руско присуство и влијание, е што во исклучително ретки случаи може да се сретне зборот натуршчик и на прсти може да се изброи неговото спомнување! (барем според пребарувањата во интернет-пространството).
Најмногу наслови за зборот натуршчик се поврзани со нашиот Северџан Бајрам, филмски актер-натуршчик, познат од филмовите на Столе Попов „Џипси меџик“ и „До балчак“, па од филовите на Емир Кустурица „Црна мачка, бел мачор“ и „На Млечниот пат“, филмот „Како убив светец“ на Теона Стругар Митевска, па „Трето полувреме“ од 2012 година на Дарко Митревски, документарниот филм „Книга на рекорди на Шутка“ на Александар Маниќ, ТВ-серијата „Преспав“ и актуелниот српски филмски хит „Недела“ каде имаше своја улога во филмот посветен на Џеј Рамадановски.
Северџан Бајрам, македонски актер-натуршчик со ромско потекло (за публиката попознат како Др Кољо, како Перхан, Мазлам, Барам-Коџак или Лоренцо), во 2021 година стана добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија, бидејќи Северџан стана исклучително познат и препознатлив лик од филмското платно секаде на Балканот, но и во Франција, Италија, Шпанија, Јужна Америка.
Името пак на Љубица Аџовиќ, освен за пасионираните филмски сладокусци, не верувам дека на некој друг нешто посебно му значи?! Но, за сите оние кои ги паметат филмовите на Кустурица и посебно ликот на Баба Кадија (кој стана своевиден филмски амблем на една цела ера во филмската уметност), ќе се сетат која беше Љубица, инаку Ромка родена во Скопје, која познатиот режисер ја запознал во една ромска населба во близина на Сутоморе, каде била позната гатачка на карти.
Многумина и не знаат дека Љубица, иако не била професионална актерка, добила награда на Канскиот фестивал, а со само две филмски улоги се стекнала со голема слава и понуди за снимање за многу познати европски кинематографии. Љубица Аџовиќ која го фасцинирала Кустурица и неговата бројна филмска публика ширум светот со нејзиниот природен талент и харизма, беше филмски натуршчик и по успесите на светските филмски подиуми, се врати повторно на својата работа по која беше и најпозната, гатачка на човечките судбини со карти.
Филмските стории од животите на Северџан и Љубица се точно она што го означува зборот натуршчик – тоа се актери кои немаат формално актерско образование и кои најчесто толкуваат ликови од социјалното и класно милје на кое и самите припаѓаат – тоа се ликови на кои тие најмногу приличат и без да вложуваат посебни актерски вештини во нивното создавање!
Првобитно, поимот натуршчик кај Русите бил употребуван за модели кои им служеле на ликовните уметници за позирање, а подоцна поимот се проширил во филмската уметност како назив за сите актери, природни модели, кои режисерите или продуцентите ги пронаоѓале некаде од реалниот живот, за да ù додадат на филмската магија една поинаква, пред сè, оригинална и поубедлива реална димензија.
Кои се тие причини и зошто се случува некој, просто, да биде откорнат од својот дотогашен живот (или „црпнат“, од поновиот македонски јавен наратив) за да биде ставен во центарот на вниманието, преку чудата и магијата на филмската и другите визуелни уметности?! На големите магови на филмот, понекогаш им затребува токму таква боја и нијанса и таков тоналитет, различен од стандардните појави и начини на однесување, мислење и зборување, кои публиката би ги доживеала понепосредно, поблиско и како неодвоив дел од нив самите, нешто што не би претставувало само филмска или визуелна фикција, туку просто како магија од реалниот живот!
Натуршчиците се способни да се внесуваат или да имитираат ликови кои личат на нив самите (но за разлика од актерите кои можат да глумат ликови многу поразлични од нив и нивните карактери), тие најчесто не можат да бидат обучувани за нешто повеќе од тоа – нивната игра не може да се подобрува, ако играат ликови кои не личат на нив самите!
Она што е најчудно, но и најболно во приказната за натуршчиците, кога веќе се оттргнати или црпнати од нивната природна и реална средина и кога им се одредува одреден лик што треба да го играат, е што може да се случи уништување на еден, дотогаш нормален човечки живот, кој (повторно според најновиот македонски јавен наратив!) доживеал повеќекратни квантни скокови и почнал да не личи веќе на себе – и се изгубил потполно!
Такви трагични животни стории, посебно во филмската уметност има многу. Таткото и синот, натуршчици во антологискиот филм на Виторио де Сика „Крадци на велосипеди“, по светската слава постигната со овој филм, воопшто не можеле да се пронајдат во остатокот од своите животи, па скроз пропаднале, а момчето по име Џеки Куган, кој одиграл фантастична улога улога во филмот на Чарли Чаплин „Детето“, завршил трагично како комплетно изгубен и несреќен човек!
Има и исклучоци од ова правило, како што е големиот и славен Вуди Ален, кој не само што е единствен филмски натуршчик, најпопуларен на сите времиња, туку е и фантастичен режисер и писател кој, секогаш, самиот себеси се игра како главен јунак. Но, Вуди Ален е посебна приказна, исклучителен уметник од светски ранг, неверојатно луциден ум, уметник со раскошен талент, успешен и реализиран човек!
А за сите останати, случајно најдени и оттргнати (црпнати!) ликови од нивните животи, од нивните секојдневија и дотогашни занимања, за да бидат проектирани како ликови кои пред камерите треба да доловат некаква магија, да емитираат одредена порака или да донесат одредена промена, може да се случи да доживеат и сериозна морална повреда, бидејќи враќањето повторно во животот без рефлектори, без затемнети стакла на автомобили, без црвени теписи и без гала-коктели, за нив може да биде големо разочарување, кое може да донесе болка и чувство на лично изневерување!
…………………………………………………………………..
Натуршчици во политиката
Не знам точно кои филмски сценаристи и режисери ги измислија, одбраа и црпнаа, па им доделија толку важни политички улоги во политичкиот живот на Македонија, двата лика, натуршчици за политика, „Зоќе и Таче“, но дојде време во кое им е јасно ставено до знаење и на двајцата, дека рефлекторите над нивните глави ќе бидат згаснати, дека сцената ќе им биде одземена и дека полека ќе исчезнуваат од малите екрани, од социјалните мрежи, од билбордите и плакатите и дека ќе мора да се вратат дома, оттаму од каде што дошле! Нив публиката повеќе ниту им верува, ниту ги сака, ниту воопшто ги може!
А не е првпат македонската политичка сцена да ја окупираат апсолутни натуршчици за политика, т.е. ликови на кои им е доделена улога да одглумат одредена политичка улога, без елементарно познавање на политичките науки, без осет за општествените текови и пулсирања, без трошка административен сенс и без доволно совладани вештини за креирање и практикување политика. Таквите политички натуршчици функционираат само додека се добро и внимателно водени од некоја сигурна и вешта режисерска палка! И толку!
Во турболентните години по Втората светска војна во 1945 година, па во првите години од осамостојувањето од југословенската федерација во 1991 година, во годините на брутална политичка, економска и социјална транзиција и во годините по конфликтот во 2001 година, цела армија политички аналфабети-натуршчици, масовно го пополнуваа македонскиот политички простор, уништувајќи ја или потполно замолчувајќи ја македонската (и политичка и воопшто академска) интелигенција, што со гол терор (преку судови, изолација или ликвидација), што со системски „кадифен терор“ наречен негативна селекција на кадри, што со „олеснувања“ за нивно заминување во белиот свет!
„Зоќе и Таче“ се последен изблик на тој повеќедецениски катастрофален избор на политичари-натуршчици, кои можеа да се одглумат само самите себе – и тоа еднократно! Тие ја разбираат политиката крајно вулгарно и поедноставено, демек: „Ако го облечеш правиот костим, улогата сама од себе ќе се игра“, покрај најголемата примитивна глупост дека политиката е мегдан во кој треба само совршено да се лаже и да се краде, колку што се може!
Такви политички натуршчици, како „Зоќе и Таче“, секој модерен европски политички систем би ги исфрлил веднаш, или за неколку месеци по нивното оттргнување или црпнување по филмски одиграната поличка улога, затоа што е неприродно, а уште помалку општествено и политички одговорно, такви личности без политички поткованост и сенс да владеат со европска држава, па уште и цели седум години!
И што оставија зад себе, натуршчиците „Зоќе и Таче“?! Не оставија ниту километар нов модерен автопат, ниту метар модерна железничка пруга, но, оставија пропаднати „Македонски железници“ и „Македонска пошта“ уништено здравство, образовен систем без учебници, половина од севкупното население сиромашно и бедно, стотици илјади граѓани отселени во странство, преименувана држава, армија од тажни луѓе со проблематизиран идентитет, армија од неспособни директори и државни службеници, од кои некои не знаат да изустат ни збор македонски јазик – и конечно, оставија одлично организиран криминален систем кој совршено меѓусебно се разбира, на сите јазици, а најмногу на јазикот на насилството и парите!
„Зоќе и Таче“, политички натуршчици пар екселанс, ја уништија и државата и сопствената партија – партија која некогаш милуваше да се нарекува државотворна и од која произлегоа и вистински големи политички формати, способни, едуцирани и моќни политичари кои разбираа што е тоа политички систем и што е тоа меѓународен политички контекст, за што последниве двајца, црпнати ликови во политиката, останаа до крај политички аналфабети! Само тешки политички натуршчици, личности формирани во проблематичниот вредносен систем на македонската транзиција, можеа сопствената партија да си ја остават комплетно без идеологија, а државата и својата нација без идеја и претстава како да се развива и како вредносно и принципиелно да се обединува!
Затоа деновиве, насекаде Македонците велат: Збогум, Зоќе и Таче!
(За жал, ни ликот што требаше Вуди Ален да го одглуми, ептен не ни се погоди, па топтан сите ќе си одат!)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.