Васко Шутаров

Погорелиќ во Скопје!

Кога умре Тито во 1980 година, мојата генерација беше во најубавите средношколски години. Пукањето на југословенскиот систем по сите рабови, во политичките, идеолошките, економските и меѓуетничките односи се чувствуваше насекаде, но никој од нас немаше доволно време да се занимава или нешто посебно да се грижи за тоа. За година-две потоа, во уште поубавите студентски години, поважно ни беше да ги уживаме плодовите од освојувањата на слободите што во пукнатините од распадот ни беа дарувани –процветаа Студентските културни центри во Белград, Загреб и Сараево, се ослободија театрите за новото од модерниот светски и европски драмски израз, грмна „Младина“ во Љубљана и „Надреализмот од Сараево“, се разгоре моќна и автентична рокенрол и панк-сцена, се снимија мноштво култни филмови и ТВ-серии, Домот на младите „25 Мај“ во Скопје започна да наликува на она што е денес, вистинскиот МКЦ! Европа и светот преку културата навлегоа низ сите општествени пори, а и ние преку нив, во светот и во Европа. А веќе знаевме, преку култниот хит од едно исто наше време, дека и во мракот често знае да никне ретко убав цвет!

Кога умре Тито таа 1980 година, комунизмот, сè уште, жилаво се бореше за своите неприкосновени позиции на моќ, на Истокот од Европа. Политиката на Варшавскиот комунистички блок, не оставаше ништо на случајности, дури ни во спортот а ни во културата. Таа 1980 година, токму во Варшава, се одржуваше престижниот 10-ти меѓународен музички натпревар „Шопен“. Центрите на моќ и партиските тела задолжени за култура одлучуваат уште пред да започне натпреварот, дека редот е, млад пијанист од Северен Виетнам да ја освои првата награда! И покрај тоа дискретно укажување, еден млад југословенски пијанист, овенчан веќе со меѓународни признанија и награди, одлучува да учествува на тоа натпреварување. Харизматичен и егоцентричен, ноншалантен, со неизбежната мастика за џвакање и приватно и на јавни настапи, но она што е најважно,  со виртуозното „демонско“ свирењe на пијано, блеснува како најголема ѕвезда на тој престижен конкурс. Луис Кентнер, лауреат од натпреварот „Шопен“ во 1932 година, поднесува оставка по првиот круг, објаснувајќи му на претседателот на жирито дека „ако луѓе како Погорелиќ стигнат до втората фаза, нeма понатаму да учествува во работата на жирито.“ И кога Иво Погорелиќ ги поминува елегантно првите две фази и е елиминиран во третата фаза од натпреварувањето, најмногу благодарение на диктатот на политиката, славната пијанистка и член на жирито Марта Аргерич го прогласува Погорелиќ за генијалец и се откажува од натамошното учество во жирито како невиден чин на протест! Така, ѕвездата-гениј блеснува и никогаш потоа не згаснува!

Денес, 43 години потоа, постои само еден камен во вселената, едно ледено и камено небесно тело со ознака „1554“ во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер, наречен „Југославија“ (уште во 1940 година откриен од белградскиот астроном Милан Протиќ). Постои и, сè уште, силно светната ѕвезда на светското музичко небо, онаа на пијанистот гениј, Иво Погорелиќ, кого и публиката и критиката низ светот, сè уште, го паметат и често го чувствуваат како најголемата ѕвезда од времето на Југославија.

Погорелиќ за првпат во својата долга и богата кариера, на 22 април оваа година, одржа свој концерт во Скопје. Негови обожаватели дојдоа од цел регион да го чујат Шопен во негова изведба, да уживаат во таа единствена евокативна интерпретација со огромна палета на тонови, интерпретација која допира барем по една жица од душите на секој од армијата поклоници на неговата уникатна уметност. Македонската филхармонија повеќе од еден час беше исполнета со музика која на моменти во соло-делниците на пијано звучеше колку цел еден оркестар од звуци и бои, а истовремено одекнуваше како осамен човечки глас кој може да го модулира само една високо облагородена душа, истовремено и Маг и Слуга на композиторите што ги свири. Музичарот гениј чија ѕвезда блесна кога врвната култура со елегантна леснотија го победи грубиот политички и идеолошки диктат во Варшава 1980 година, во Скопје во 2023 година доживеа со долги стоечки овации да му аплаудира скоро цела музичка, културна и академска јавност, инаку, редовно присутна и на сите други значајни културни настани! Меѓу таа егзалтирана публика немаше ниту еден претставник на македонската политичка јавност! Таа јавност, политичката, редовно отсуствува од настаните што ги нуди македонската културна сцена. Нејзините егзалтации, очигледно, се од подруга природа!

Ниту се чудам, ниту се исчудувам – само забележувам и констатирам!

Зошто е Погорелиќ важен во приказнава за поврзаностa на политиката и на  културата?!

Иво Погорелиќ не е само парадигма за најврвното во современата светска музика и култура – неговиот пробој меѓу светските ѕвезди е парадигма за превласта на културната моќ над политичката моќ и за нивната суштинска дистинкција! Погорелиќ и неговата менторка и животна партнерка, грузиската пијанистка Алиса Кежерадзе, уште пред да се одлучат за настап на младиот Погорелиќ на Шопеновиот конкурс во Варшава во 1980 година, многу добро знаеле дека политиката сериозно е вмешана во овој исклучително познат музички натпревар и дека првото место веќе со политичка одлука му е доделено на некој друг! Дискретно им било укажано да се воздржат од учество на овој конкурс и дека следната година им е гарантирано првото место на големиот натрпревар „Чајковски“! Тогашната владејачка комунистичка номенклатура веќе го забележала лансирањето во музичкиот Пантеон на младото момче од Југославија, Иво Погорелиќ, и се обидела да кокетира и да манипулира со неговата слава и влијание, веќе во најава! Неприкосновената моќ на културата од која зазирале некогашните комунистички режими, во случајов преку Иво Погорелиќ како нејзина еманација, успеала да се спротивстави на политичката моќ, и пијанистот-гениј станува парадигма на таа победа, на боженственото и вонвременското во културата над ефемерното и баналното во дневната политика. Дошол, го елиминирале од игра и – победил!  Токму во тој момент цел културен (и помалку културен свет!) разбрал, колкаво е значењето и влијанието на врвното во културата, олицетворено преку младиот југословенски пијанист, Иво Погорелиќ.

……………………………………………………………..

Зошто, воопшто, би била важна македонската политичка елита, во овој редок и драгоцен миг на вистинско славење на врвното во културата, токму на  македонската културна сцена, сред Скопје?! Ако се појавеа, како што овој пролетен празничен период поитаа сосе своите пиар-служби по духовните храмови на палење свеќи и ифтар-вечери само за да бидат видени и камерите да ја забележат таа грандиозна почестеност што се и тие дел од големото славење – кусо нека беше таквото присуство! Но, ако некој од нив тивко и без помпа, непретенциозно, свечено, достоинствено и за своја душа, како на вистинско културно поклонение се појавеше на ваквиот и на други слични врвни настани, може и ќе оставеа искра надеж, дека барем еден момент или за еден час, сите сме еднакви во намерите одовде да излеземе како подобри луѓе, облагородени со великото во културата: Погорелиќ како слуга, во служба на Шопен, културната јавност во служба и како слуга на културата, политичарите во служба и како слуги на својот народ?!

……………………………………………………………………………………….

Културата е темелна вредност на секое општество и најмоќен инструмент за хармонизација на севкупните односи во него. Ако некој човек, обичен човек од народот, како што се вели, и не ја открил во себе културата како своја темелна вредност или никогаш не ја почувствувал како своја вистинска потреба и како начин за постојано себеоблагородување, тоа и не е најстрашната работа на овој свет! Ако тој човек си ја гледа својата работа и се надградува во неа; ако си е добар домаќин, добар работник, добар земјоделец, добар мајстор  или добар професионалец во некоја област во која се остварува како човек, ништо страшно ако културата не биде негов главен модус вивенди! Меѓутоа,  ако таквиот човек амбицира да се занимава со политичка, општествена или која било јавна дејност, тогаш и секој од нас поединечно и целокупното општество, имаат сериозен проблем!

Само вистински поклоници на културата, оние на кои културата им е органски потребна, можат да го разберат севкупното општество, сите негови вистински импулси и потреби, неговите очекувања и барања! Преубеден сум во тоа! Игнорантите на културата и културното се неспособни да го разберат мноштвото од културни контексти кое е органски вградено во македонското општество. Верското и религиското се само еден сегмент од таа голема слика во мозаикот од културни контексти! Ако не се согледува или игнорира влијанието на културата, ако не се разбираат сите контексти во кои е вградена културата, ни најдобрата политичка наука, ни најдобрите политички советници нема да можат да им бидат од помош на политичарите кои носат важни државни одлуки. Културата не се само културните содржини што ги реализираат субјектите од областа на културата, ниту се тоа само културните работници, авторите и институциите по кои често знае да посегне политиката, да се обиде да ги купи или да ги наведе на наклонетост! Само културата што е ослободена од политички диктат може да биде импетус во целокупниот општествен развој на државата и да биде двигател на едно сеопшто (по)добро! Ако нејзините моќи и својства, ако сите нејзини димензии и содржини не бидат препознаени од главните политички чинители во една држава, тоа сигурно значи отсуство на визија во која би се креирал амбиент на благосостојба за секој еден граѓанин на Македонија. Вистинска благосостојба без поклон кон културата, а само со купување на нејзината наклонетост, ниту некој постигнал, ниту во иднина некој ќе постигне!

Затоа не е, воопшто, неважно тоа перманентно и толку видливо отсуство на политичарите од културните настани! Затоа што без културата во себе и пред себе, ќе ни се појавуваат политички ликови, кои час в раце гордо го држат Благодатниот оган, час потоа бесрамно се фалат, дека сè што ни треба, се „само рацио и јајца“!

Мрак!!! Ништо поразличен од времињата во кои и во мракот понекогаш никнува прекрасен цвет!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.