Васко Шутаров
Кога растевме како деца, имавме само една телевизија и сите, од најмладо до најстаро, гледавме исти цртани филмови, исти реклами и исти вести! А на тие вести, секако главни и ударни беа државничките или партиски средби на Тито, па, така од најмали, го сакале тоа или не, знаевме за политичари од сите светски меридијани и за држави, за кои денес се бара напредно знаење од географија. Тито беше неформален лидер на Движењето на неврзаните, а Југославија заедно со Индија и Египет беше основач на тоа движење, па плејада африкански и азиски политичари, секоја вечер спомнувани на вести, уште како деца ги знаевме наизуст: Сиримаво Бандаранаике, Секу Туре, Хајле Селасие, Џавахарлал Нехру или Анвар ел-Садат, но знаевме и за Шри Ланка, Гвинеја, Етиопија, Индија и за Египет!
А, денес?! Повеќе од интригантно е, како денешниве деца и млади би реагирале кога би им се спомнало името на индискиот премиер Нарендра Моди, кој на годинашниве избори во Индија (на кои гласаа 970 милиони Индијци или 10 % од светското население), победи и освои трет мандат! Денес, кога Индија е веќе и синоним и лидер во светот на информатичките технологии, кога индиските инженери работат секаде во светот, имаат исклучителна репутација и важат за најдобри компјутерски програмери, не само интригантно, туку и крајно иронично би било, држејќи ги во раце паметните дигитални уреди (кои во голем дел се продукт на некој индиски ум) денешниве деца и млади, да не знаат ништо (или да знаат сосем малку!) за Нарендра Моди и за Индија, за разлика од децата од едно друго време, со еден единствен тв-канал како извор на информации!
Деновиве, секаде во светот, ударна вест беше посетата на индискиот премиер Нарендра Моди на Полска и на Украина и посебно неговата изјава за „перспективите за мирно решавање на тековниот украински конфликт”! Втора најважна вест беше дека и полскиот политички врв верува во моќта на Индија и на индискиот премиер да бидат иницијатори за изнаоѓање мировна формула помеѓу Русија и Украина! И третата, последна, но не и најмалку важна, изјавата на секретарот во Министеството за надворешни работи на Индија, дека: „Ова е важна посета од која се очекува да биде катализатор на нашите врски во низа сектори“, наведувајќи ги економските и деловните врски, земјоделството, инфраструктурата, здравството и образованието, фармацевтските производи, одбраната и културата!
(Културата,… со земја која е во војна? Но, кога се Индија и Нарендра Моди во прашање, не треба никого да зачудува што културата и меката моќ се така високо позиционирани! Впрочем, како ви се звучи фактот, што после неколкудецениски конфликти и војни помеѓу Индија и Пакистан, денес, индиско-пакистанската филмска продукција работи под полна пареа, снимајќи филмови од сите жанрови и за публика секаде низ светот!)
Мекото е моќ!
Мека моќ е кога правите нешто и кога мислите дека го правите најдоброто и вистинското нешто за себе, без да бидете свесни, дека токму тоа нешто, некој друг веќе го осмислил и го очекувал од вас како однесување! И тој некој друг, исто така без да бидете потполно свесни, веќе ги освоил и вашето срце и вашиот ум, ненаметливо и трајно и ве натерал да постапувате така како што тој посакува и очекува!
Меката моќ, ако парафразираме еден знаен кинески филозоф, е кога без борба ќе победите и ќе постигнете одредена цел. Меката моќ, ако парафразираме еден познат американски политичар, е кога не станува важно колку непријателски војници сте убиле, туку колку пријатели сте успеале да стекнете! Меката моќ е, кога еден комунистички диктатор, како Сталин, (Генералисмус на тогашната најбројна армија во светот), преговарајќи со Рузвелт и Черчил за повоената геополитичка архитектура и местото на Ватикан во неа, прашал: „А, колку војници има Ватикан? ” Меката моќ е, кога токму еден ватикански папа, Папата Јован Павле Втори, без војска и без армија зад себе, ќе има стожерна улога во рушењето на Берлинскиот ѕид и падот на комунизмот во светот!
Мека моќ е кога милиони деца од сите светски меридијани си играат Каубојци и Индијанци, сакаат да носат шерифски значки, кога милиони девојчиња сакаат да си играат со Барби, кога милиони тинејџери сакаат да носат џинс, сакаат НБА и холивудски филмови, ги сакаат Тина, Мајкл Џексон и Мадона, (денес, Тејлор Свифт), сакаат да летуваат на Флорида и да живеат во Калифорнија, сакаат постојано да го чувствуваат „она вистинското со ‘кока- кола’” во едната рака, а со другата- да лајкнуваат!
Мека моќ е кога 100.000 Британци (и уште толку индиски кафеави сахиби!), владеат скоро повеќе од два века со стотици милиони Индијци, благодарејќи на влијанието на културата, на англискиот јазик, на престижните универзитети, на модата, на музиката и спортот! Мека моќ е кога еден човек ќе успее, без оружје и без борба, таа моќна империја да ја победи и да ја избрка од Индија и кога, она што тогаш служело за потсмев (неговиот начин на исхрана и неговата животна филозофија), еден ден ќе стане инспирација за милиони Британци и милиони луѓе, ширум светот!
(Махатма Ганди, Таткото на модерна Индија и денес претставува симбол за ненасилен отпор секаде во светот и амблем на индиската мека моќ и во 21 век!)
Длабочината на индиските корени на мека моќ
Денес, никаде на друго место, меката моќ во меѓународната политика не се применува толку умешно како во Индија: индискиот интеркултурен дијалог, меѓуверскиот соживот, јогата и ајурведата, Шива, Аладин, Боливуд, Гоа, Рави Шанкар, Зубин Мехта, индиската демократија, 32-милионската индиска дијаспора, будизмот, бенгалските тигри, индиската кујна и крикетот – сето тоа е ставено во функција на актуелната индиска дипломатија.
Пред само десет години, токму сегашниов индиски премиер Нарендра Моди стратешки мудро ја пласира идејата за „цивилизациската држава Индија“ на светската сцена и се обиде да ја устоличи меката моќ на Индија! И успеа во намерата, бидејќи: „Индија не е само нација, туку и идеја и култура!“ А вистината е таа, дека и преку хималајските бариери, токму Индија му ги подари на Западот граматиката и логиката, филозофијата и басните, хипнозата и шахот, броевите, нулата и децималите!
„Доволно ќе беше само броевите да им ги подареше на светот, за да ја сметаме денес за лулка на сите подоцнежни цивилизации“, ќе речеше во една прилика, Алберт Ајнштајн!
И токму овој неисцрпен индиски трезор за меко и ненаметливо влијание низ цел свет, Нарендра Моди сака да биде најглавното „оружје“ во позиционирањето на Индија како светска (и миротворна) сила на меѓународната политичка сцена!
Исклучителна придобивка за индиската мека моќ во 21 век е што исклучително познати и влијателни имиња од културата, уметноста и од политиката, биле фасцинирани од Индија и тоа го манифестирале и преку своите дела и во своите јавни настапи. Дали е доволно во овој контекст да се потсетиме што пишувал за Индија, легендардниот американски писател Марк Твен, дека: „Индија е земја на илјада народи и сто јазици, илјада религии и два милиона богови! Индија е колевка на човечкиот род, родно место на човековиот говор, мајка на историјата, баба на легендите и прабаба на традицијата!“
Или што пишувал за Индија, еден од најголемите умови во француската книжевност и култура, Ромен Ролан: „Ако постои едно место на лицето на земјата каде што сите соништа на живите луѓе нашле дом уште од најраните денови кога човекот го започнал сонот за постоење, тоа е Индија.“’
Или што кажал во една прилика Ху Ших, поранешен кинески амбасадор во САД: „Индија ја освојуваше и културно доминираше со Кина 20 века, a да нe мораше да испрати ниту еден војник преку нејзината граница“.
Или што напишал познатиот британски историчар д-р Арнолд Тојнби: „Веќе станува јасно дека историското поглавје кое започна на Западот, ќе мора да има индиски крај, ако не сака да заврши со самоуништување на човечкиот род. Во овој крајно опасен момент во историјата, единствениот начин за спас за човештвото е индискиот начин!“
Или луцидната мисла на германскиот физичар Вернер Хајзенберг, дека: „Откако зборувавме за индиската филозофија, некои од идеите за квантната физика кои изгледаа толку луди одеднаш добија многу повеќе смисла.“
(Намерно цитирав петмина видни претставници на пет актуелно најмоќни дипломатии кои ја разбираат и ја протежираат меката моќ во модерниве меѓународни односи, за барем малку појасно да се исцрта непресушниот потенцијал од мека моќ кој се наоѓа во индиски посед.)
Индија, во меѓувреме, за време на претходните два мандати на Нарендра Моди, институционално го зајакна својот пристап кон меката моќ, формирајќи Оддел за јавна дипломатија во 2006 година во рамките на Министерството за надворешни работи, Министерството за туризам ја иницираше кампањата „Неверојатна Индија“, а во ноември 2014 година, беше формирано и Министерството за Ајуш, или со други зборови Министерство за ајурведа, јога и хомеопатија!
(Треба ли уште нешто да се каже за нештата да станат појасни дека Индија се враќа на голема врата, со еманација на мека моќ, на која малку кој ќе може да ѝ се спротивстави и да ѝ одолее!)
А дека Индија и Нарендра Моди се позиционираат како идни лидери на новиот свет, беше повеќе од очигледно на минатогодишниот Г-20 самит, со мотото „Една земја, едно семејство, една иднина“ и со паролата „Индија-Мајка на демократијата!“
Владата предводена од Моди се обидува да ја зајакне меката моќ на Индија на глобалната сцена преку промовирање на позитивни хуманистички вредности прифатливи за сите, во време кога светот е длабоко поделен со новата американско-кинеска студена војна и вистински бруталната војна меѓу Русија и Украина! Моди, благодарение на декларацијата дека „ова не е време за војна“ и мировната филозофија дека „целиот свет е едно семејство“, секојдневно стекнува бројни приврзаници ширум светот!
Меката моќ на Индија е многу жива и сеприсутна, а пристапот на Индија кон меката моќ, можеби е најдобро сублимиран од угледниот писател и дипломат, автор на бројни есеи за индискиот идентитет, Паван Варма: „Ние, Индијците, полека се појавуваме како важни фактори на полињата на политиката, економијата и воената моќ. На полето на културата, отсекогаш сме биле велесила, заради нашата цивилизациска длабочина!“.
Индија и Нарендра Моди, денес играат голема светска геополитичка игра! Започнувањето на неговиот трет мандат со посета на Москва на 8 јули и посетава на Украина деновиве, само ја потврдуваат специфичната индиска политика „врзана со сите светски клучни играчи”, но така умешно избалансирана помеѓу геополитичкиот Запад и Исток и присутна на сите важни геостратешки платформи, вклучувајќи го проамериканскиот QUAD, руско-кинескиот BRICS, а кога треба да се унапредат сопствените национални интереси, и со Иран!
Индија денес, најбројната нација во светот, светската воена и нуклеарна сила, петтата светска сила по БДП, својата вистинска моќ допрва ќе му ја претставува на светот, најмногу преку нејзиното неисцрпното богатство од мека моќ! Навистина ќе биде и грев и срам, денешниве деца и млади, а и генерациите кои некогаш знаеја за Нехру, Махатма Ганди, Индира Ганди и Тагоре, да не знаат ништо денес за Нарендра Моди и за она што денес, а утре уште повеќе, ќе значи Индија во светот!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.