Македонија, есен, 2024-то Лето Господово. Студени и дождливи ноемвриски денови во главниот град на Македонија. Темни облаци се надвиснати над Скопје. Граѓаните на метрополата го живеат своето секојдневие исполнето со редовните работни обврски. Дождливото есенско време влијае врз расположението на луѓето и во долгите ноќи, во паузата помеѓу омилените телевизиски емисии, можеби понекој и ќе се сети на некои настани од поблиската или подалечната историја на Македонија. Оваа година се навршија годишнини од повеќе значајни настани за историјата на Македонија и македонскиот народ на кои нашата држава им посвети достојно внимание во нивното одбележување и празнување. Но, соодветните државни институции како да подзаборавија на еден трагичен настан од пред 75 години, настан кој ја потресе не само Македонија, туку и целиот регион, а неговите последици траат и до денешен ден. Споменот на тој трагичен настан остана да биде зачуван и одбележуван само од поединечните здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија (за жал разделени помеѓу себе) за што треба да им се изрази посебна почит! Иако поделени и на посебни настани само овие здруженија во 2024 година ја одбележаа 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција, настан што остави трагични последици за Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Несомнено, една од причините за невбројувањето на овој настан во календарот на значајни датуми од македонската историја за оваа година, се и трагичните одредби од фамозниот Преспански договор, чиишто негативни последици допрва ќе ги чувствува нашата држава Република Македонија. Македонската јавност веќе знае дека договорот во себе содржи и таков парадоксален дел според кој Република Македонија и признава на Република Грција дека сѐ што е јужно од денешната македонско- грчка граница, припаѓа на т.н. хеленска историја. Согласно тој дел од договорот, Граѓанската војна во Грција (1946- 1949) е дел од хеленската историја и нема никаква врска со историјата на македонскиот народ! Теза- неодржлива, ненаучна и антицивилизациска!
Но, да одиме постепено, со аргументи, факти и неспорни историски докази кои ќе ја срушат оваа беспредметна теза. Официјалниот почеток на Граѓанската војна во Грција се случил во 1946 година, а за тоа постоеле повеќе причини. Најважната причина за почетокот на војната било формирањето на десничарската грчка влада, со доминантен број на министерски места и голема надворешна помош и покрај фактот што ЕЛАС (Грчката национално ослободителна војска) составена претежно од борци, членови на КПГ- на свои плеќи го извојува ослободувањето на Грција за време на Втората светска војна. Во редовите на ЕЛАС се бореле и голем број на Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Со заминувањето на германската војска од Грција во есента 1944 година, најголем дел од територијата на државата се наоѓал под контрола на ЕЛАС, се до моментот на истоварувањето на англиска војска во Солун и Атина. Единиците на ЕЛАС неколку недели давале отпор на англиската војска. Во февруари 1945 година бил склучен договорот во Варкиза, предградие на Атина, договор со кој единиците на ЕЛАС се обврзале да го предадат оружјето на грчките владини сили и англиската војска. Тоа било повод да се разгорат непријателствата во државата и да се создадат услови за нова, овој пат граѓанска војна во Грција. Ако за грчките политички фактори, претстојната војна имала таков карактер на граѓанска, за Македонците во Егејска Македонија, тоа била борба за живот или смрт. Уште една година пред официјалниот почеток на војната, во 1945 година, македонските воено- политички фактори во Егејска Македонија веќе имале формирано самостојни партизански одреди во Костурско, Леринско и Воденско кои го бранеле македонскиот народ од нападите на разни грчки паравоени формации на ПАО, ЕДЕС и ЕККА. Македонците во Егејска Македонија во април 1945 година формирале и политичка организација НОФ (Народно ослободителен фронт) која ги формулирала барањата за рамноправност на македонскиот народ и негова национална афирмација. Во рамките на НОФ и во македонските партизански одреди кои дејствувале во Егејскиот дел на Македонија се истакнале повеќе раволуционери и дејци: Паскал Митровски, Михаил Керамитчиев, Атанас Коровешов, Џоџо Урдов, Павле Раковски, Минчо Фотев, Стерјана Вангелова, Евдокија Фотева- Вера и други. Во 1946 година во борбата со грчките владини сили била заробена и егзекутирана македонската партизанка Мирка Гинова, случај и трагичен настан што меѓу првите ја открил голготата и борбата на Македонците во Егејска Македонија за човекови права и опстој на нивните родни огништа. И додека Македонците војувале за да не бидат физички уништени или истерани од нивните домови во Егејска Македонија, грчките комунисти сеуште тактизирале со нивните ставови и се двоумеле дали отворено со оружје да се борат против грчката влада и странските интервенционисти или да ја продолжат политичката дејност во услови на диктатура. Тоа покажува дека македонските воено- политички дејци во Егејска Македонија, една година порано успеале да увидат дека кризата во земјата води кон војна, која за Македонците имала одбрамбен, а не идеолошки карактер, иако меѓу нив имало и комунистички партиски членови во КПГ.
Со официјалниот почеток на војната во март 1946 година и со формирањето на Демократската армија на Грција (ДАГ), Македонците во Егејска Македонија, масовно се вклучувале во редовите на оваа воена формација. Грчките комунисти веднаш влегле во преговори со НОФ, при што бил склучен договор за заедничко дејствување со ветување дека КПГ и раководството на ДАГ ќе ги признаат Македонците како рамноправен партнер во борбата против владините сили и англиската војска која се вмешала во внатрешните работи во Грција. Дека војната во Грција имала и многу македонски национални обележја покажува и фактот што најголем дел од борбените операции се воделе токму во Егејскиот дел на Македонија. Селата во Егејска Македонија биле најголемата организациона база на ДАГ, а Македонците како народ, главната поддршка на грчката левичарска армија. Бројката на војници на ДАГ се движела од околу 15 000 во 1946 година, до околу 45 000 во 1948 година кога таа го достигнала најголемиот раст. Од вкупната бројка во активниот состав на ДАГ, една третина биле Македонци по националност и тоа го докажуваат сите документи од архивата на КПГ и на оваа армија. Ваквата огромна поддршка на ДАГ помеѓу Македонците се должела на две работи: прво, Македонците во нивната борба за рамноправност немале други сојузници и второ, раководството на ДАГ и КПГ имале делумно правилен став кон македонското прашање во Егејска Македонија кој се движел од признавање за отцепување на Егејска Македонија и присоединување кон идната независна обединета македонска држава- до македонски малцински права во рамките на грчката држава. Во однос на националноста на Македонците, грчките комунисти ја употребувале формулацијата „Словеномакедонци“ или „Славомакедонци“, со што и тие како и грчките десничарски партии, сакале да направат разлика и дистинкција на терминот „Македонци“ во тогашните услови со античките Македонци кои и тогаш ги сметале за дел од грчката хеленска историја. И ваквите ставови претставувале еден вид тактизирање со Македонците во Егејска Македонија, единствените сојузници на грчките комунисти во нивната граѓанска војна со десничарските политички партии. За таа цел, кога била формирана и левичарската Привремена демократска влада на Грција, Македонците од Егејска Македонија добиле едно министерско место што повеќе имало формално отколку суштинско значење, иако таквата влада имала ингеренции само на слободните територии на ДАГ, претежно на планинските масиви во Егејскиот дел на Македонија: Воденско, Костурско, Леринско. Единствената принципиелна привилегија и право што Македонците го добиле од оваа левичарска влада било образованието на македонски јазик на слободните територии во Егејска Македонија каде во учебната 1947/48 година се описмениле околу 10 000 македонски дечиња. Тоа претставувал максимумот, кулминација на човековите права на Македонците во Грција за време на Граѓанската војна.
Во 1947 година војната се наоѓала на пресвртница која имала погубни, трагични последици за Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Таа година, согласно т.н. Труманова доктрина, во војната во Грција се вмешале САД, најмоќната светска воена сила која застанала на страната на грчката влада и регуларните воени сили. Дури и американски генерали застанале за чело на борбените операции на владините трупи на Грција во решавачките големи битки во Граѓанската војна. Пролетта 1948 година се случил првиот трагичен, во исто време и хуман настан кој најмногу ги засегнал Егејските Македонци. Согласно одлуката на ДАГ, КПГ и Привремената демократска влада биле евакуирани децата од семејствата кои живееле во близина на местата каде требало да се случат најжестоките борби во војната. Околу 20 000 македонски дечиња биле евакуирани и преселени во земјите од поранешниот источен комунистички блок и поранешна Југославија, со што, овие деца физички се спасиле од сигурна смрт, но во исто време се разделиле со нивните родители, а голготата на овие македонски деца- бегалци траела со децении во неможноста на некои од нив, никогаш повеќе да не се сретнат и видат со своите мајки и татковци, со своите браќа и сестри- со своите семејства. Напоредно со ова, раководствата на ДАГ и КПГ ја направиле најголемата стратегиска грешка во војната- започнале отворена фронтална борба со далеку помоќниот непријател и од војничка и од техничка гледна точка. Се случиле големите битки на Кајмакчалан, Грамос и Вичо во текот на 1948 и 1949 година, во кои силите на ДАГ претрпеле тешки војнички порази. Во овие борби загинале или биле ранети и голем број на Македонци, борци на ДАГ. Згора на тоа, генералниот секретар на КПГ, Никос Захаријадис ги влошил односите на партијата и ДАГ со единствениот сојузник до тогаш- Југославија, застанувајќи на страната на резолуцијата на Информбирото. По ова, Југославија ги затворила границите и не дозволувала повеќе од нејзина територија да доаѓа воена и материјална помош, како и помош за ранетите и изнемоштени борци на ДАГ што дотогаш ја укажувала.
Поразот на ДАГ во војната бил неизбежен. По битката на Грамос во летото 1949 година, единиците на ДАГ се повлекле на територијата на Албанија, а војната завршила со победа на владините сили потпомогнати од САД и Велика Британија. Ако за КПГ и останатите левичарски политички партии, војната и поразот имале идеолошки последици, за Македонците во Егејскиот дел на Македонија, последиците имале национален карактер, а трагичноста се граничела со апокалиптични размери. Според документирани податоци, во Граѓанската војна во Грција за период од три години загинале 21 000 Македонци, биле иселени околу 100 000 Македонци, а согласно првиот попис во Грција по војната, исчезнале засекогаш 46 села во Егејска Македонија, целосно населени со Македонци по националност. Македонските воено- политички раководители од НОФ и борците Македонци во ДАГ, по повлекувањето во Албанија биле изложени на дополнителни притисоци и репресии: од страна на тамошните власти биле прогласени дека се „Титови шпиони“, „империјалистички слуги“, „соработници на странски служби“ и уште какви не монструозни обвиненија. Голем дел од нив биле уапсени и присилно депортирани во СССР и земјите од тогашниот источен комунистички блок. Голем дел од македонските бегалци кои биле цивили, заедно со своите семејства биле прифатени и згрижени во поранешна Југославија, односно НР Македонија, а околу 20 000 од нив заминале и биле згрижени во Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија и СССР. Во текот на 70-тите и 80-тите години најголем дел од овие македонски бегалци од Егејска Македонија се вратија во поранешна Југославија односно во СР Македонија каде останаа да живеат до крајот на нивните животи. Во моментов, во Република Македонија живеат трета и четврта генерација на Македонци кои се потомци на првата генерација бегалци од Грција после Граѓанската војна. Според статистички податоци на здруженијата на Македонците од Егејска Македонија, денеска во Република Македонија живеат околу 300 000 Македонци по потекло од овој дел на Македонија.
По завршувањето на Граѓанската војна, започнал најтешкиот период за Македонците што останале како малцинство во Грција: политички прогон за тие што не побегнале надвор од земјата, судски процеси, притисоци, негирања и третман како непријателско настроено население кон грчкиот државно- уставен поредок. Дури во 70-тите години на 20 век, Република Грција ги ублажила мерките за населението кое во Граѓанската војна застанало на страната на ДАГ и со закон овозможила репатријација на политичките бегалци, но само под услов да се Грци по род. За Македонци по националност, ако се изјаснеле како такви, немало дозвола за враќање во Грција. Таквата грчка политика, со мали измени продолжила и во 90-тите години, по падот на комунизмот како систем во Европа, а со на поранешна Југославија и осамостојувањето на Република Македонија, грчките влади ја зацврстиле политиката на непризнавање на македонскиот национален идентитет, а на името „Македонија“ му припишувале само грчки историски и географски и регионален карактер. Тоа е една од директните последици од Граѓанската војна во Грција.
Ова се историските факти поврзани со Граѓанската војна во Грција кои можат лесно да се проверат, кои се објавени, а најголем дел од нив ја потврдуваат трагичната судбина на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Нашата држава Република Македонија не треба да ги изостави од вид овие неспорни историски факти кои се на наша страна, кои ја покажуваат објективната слика на овој настан од пред 75 години. Не можеме и не смееме да дозволиме некаков параграф од напишан договор на парче хартија да биде посилен од историските факти! Не смееме да дозволиме вештачки склопените клаузули од Преспа да бидат посилни и да ја погребаат македонската историска вистина за 1949 година! Овој дел од Преспанскиот договор директно негира постоење на македонско национално малцинство на грчка државна територија, а во согласност со тоа го негира и постоењето на околу 300 000 Македонци кои денеска живеат во Република Македонија, а се по потекло од Егејскиот дел на Македонија, која сега е област на територијата на Северна Грција. Дали ќе дозволиме некој од надвор, со наша дозвола и согласност повторно да ја прекројува македонската историја по негова мерка и да не натера да заборавиме дека на Грамос, Вичо и Кајмакчалан е пролеана и македонска крв за правдините на Македонците во Егејска Македонија?! НЕ! Од друга страна, со историските факти и документи за овие настани од пред 75 години, не треба да бараме ниту одмазда, а не смееме да шириме ниту омраза, напротив, да понудиме рака од наша страна и да ја покажеме македонската големина кон нашиот сосед Грција! Било некогаш, да не се повтори никогаш повеќе! Во интерес на едно сеопшто историско помирување за настаните од Граѓанската војна во Грција и грчката држава е потребно да направи гест од нејзина страна, гест со кој ќе се извини за неправдите кон Македонците од пред 75 години! Тоа ќе биде огромен исчекор кон трајно помирување на двата соседни народи! Ваквата политика е високо над сите одредби на договорот во Преспа, кој не реши ниту едно отворено прашање, а напротив ја продлабочи недовербата помеѓу Македонците и Грците. Крајот на Граѓанската војна во 1949 година може да биде нов почеток помеѓу Република Македонија и Република Грција!
Ние Македонците знаеме да простуваме, но никогаш нема да заборавиме! Во името на тоа, нека им е вечна славата на сите загинати Македонци од Егејска Македонија во Граѓанската војна во Грција! Нека е живо сеќавањето за сите раселени Македонци од Егејска Македонија! Нашите мисли нека бидат со сите Егејски Македонци ширум светот!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.