Васко Шутаров
Уште недоброени беа жртвите и уништените домови во крвавите југословенски војни, помеѓу дотогаш братските републики и покраини, кога почнаа здушно да се креваат илјадници раце во ист балкански ритам, понесен од тогашните најпознати балкански силиконски гради: „Кога би бил ранет и крв би ти дала – и пред врата би ти спиела ко пес!“, се умножуваа илјадници копии од телевизиското ток шоу „Пулсот на асфалтот“, каде под светлата на сцената инстантно се коваа во ѕвезди дотогаш мрачните ликови од асфалтот и подземјето, се умножуваа илјадници и илјадници видеокопии од филмот „Рани“ во кој малолетните Пинки и Шваба влегуваа во светот на подземјето и криминалот, мечтаејќи еден ден да заслужат да станат ѕвезди во популарното шоу посветенона славните криминалци!
Така, во нашето најнепосредно соседство, се раѓаше едно ново и заразно Пинк – време, во кое забавно стана сѐ она што во нормални времиња и нормални држави би опстојувало само по маргините на општеството, како повеќе жално и трагично, отколку забавно! Стана најважно по секоја цена да бидеш моќен, да бидеш славен, да бидеш богат, да бидеш набилдан со стероиди, да заведуваш со силикони! И кому треба да му е гајле што еден потполно наопаку свртен систем од дотогашни вредности, така масовно и толку лесно се препушти на емотивното турбо – фолк лудило, емотивното брутално од култните филмови и серии, до доминантното емотивно ништожно, за кое денес, ама баш на никој не му е гајле?! А ниту лудилото, ниту суровото и бруталното, а уште помалку ништожното, знаат за граници!
Во срцето на Белград, сред разгорот на најсуровите војни, меѓу дотогаш братските држави и народи, во едно и дотогаш елитно основно училиште, својот директорски мандат го започнува проф. Весна Фила, сопруга на прочуениот белградски адвокат. Токму во тоа време, тоа училиште станува познато како проевропско и уште толку станува престижно: наставата е билингвална, се одвива на француски и на српски јазик; се воведува настава и на италијански јазик; почнуваат нови педагошки пракси за воведување ученички дебати по примерите на Оксфорд и Кембриџ; учениците се учат да мислат со своја глава; да умеат да се изразуваат; да освојуваат слободи; да бидат информирани и да умеат да дебатираат. Тоа училиште станува уште толку престижно, бидејќи за секое понатамошното школување, вработување и стекнување општествен статус значи најсилна можна препорака. Денес, стотици познати дипломати, министри, лекари, научници, уметници, со гордост сѐ уште нагласуваат дека се поранешни „рибникарци“.
Деновиве и почесто отколку вообичаено, на телефонска линија сум со мои добри пријатели од Белград, за чии деца знам дека беа ученици во најелитното белградско основно училиште „Владислав Рибникар“. Горди се дека израснаа добри, надарени и одговорни деца! Ова белградско училиште, деновиве ги наполни главните вести на сите светски медиуми и, за жал, стана познато по нешто сосем друго – по најгрозоморното масовно убиство воопшто извршено од малолетно момче. Од пријателите, го разбирам она што би требало да претставува една од најважните алки во грозоморниов синџир на монструозно насилство, дека долгогодишниот чувар на училиштето Драган, кој бил прва мета на малото момче – монструм, немал сопствени деца, бил вистинска инкарнација на добар и на грижлив човек, ги знаел сите поранешни и сегашни ученици по име и така ги ословувал. И станал прва жртва на крвавава пресметка помеѓу доброто и злото!
Запалениот аларм, дека рафално испуканите куршуми од дете, се пораки кои најургентно треба да се најдат на политичкиот и општествен дневен ред, отворија бројни дебати на српските и на сите телевизии во соседството. Среќа е, во целава несреќа, што по долго време и умни глави се јавно прашани зошто дојде до овие масакри за само три дена, а чии извршители се толку млади луѓе?! Во една вистинска рашомонијада од секакви толкувања, анализи и согледувања, тешко е дури и од најголемите авторитети од науката да се разбере севкупниот причинско – последичен контекст за крвавите настани – најголемиот дел од нив просто се уморија од силните укажувања и предупредувања, но најмногу се уморија од уште посилните игнорирања и неуважувања, да биде барем слушнат гласот на умните и учените. Бидејќи сиве овие години, поважно беше да се чујат: силиконските старлети, проблематичните момци набилдани со стероиди, рeалити ѕвездите и инфлуенсерите од секакво потекло и вид!
Од хрватските медиуми разбираме дека целото сплитско подземје последниве две децении било креирано преку идентификување и имитирање на идолите од српскиот филм „Ране“?! Разбираме, дека во Хрватска уште од време на војните, илјадници парчиња секакво оружје се чуваат во фијоки, остави, гаражи, оружје чуваат поранешни бранители, работници, земјоделци, но и академски граѓани, универзитетски професори, лекари, оружје држат ловџии, но најмногу оние склони кон фетишот да погалат пократка или подолга студена цевка, како замена за некои свои скриени пориви и прикриени агресии. Скоро во 20% од хрватските семејства има легално пријавено оружје, а колкав е вистинскиот број на непријавеното илегално оружје, само Бог знае?!
Политичарите од Србија и регионот, изгледа дека вистински и не ги разбраа пораките од огнените рафали испалени од двете млади лица?! Да, факт е дека масовното убиство не се случи во некои крајни градски четврти каде сиромашни деца на работници, стечајци или земјоделци ќе изгубат контрола и ќе го излеат насобраниот гнев преку некаква препознатлива манифестација на незадоволство, својствена за нивната возраст. Монструозниве ужаси се случуваат меѓу кремот на кремовите, меѓу кајмакот од сите благодети и поволности што балканскиве елити можат да си ги дозволат! Тоа се општествени милјеа, на ситите и од сѐ заситени конзумери, од најмладо до најголемо!
Но, затоа еден млад и талентиран истражувач, кој имал и наставничка пракса во елитното школо „Рибникар“ и ја прoучувал новата иновативна педагогија на која така помодарски лесно се лепат новите балкански квази – елити, суштинскиот проблем го гледа во отсуството на вистинска домашна грижа и воспитание на децата, заради кое, уште дома се создаваат мали фараони, кои се задоволувани со сѐ што ќе посакаат, кои се добро информирани и се грижат само за своите права и слободи, но во тој свој нарцисоиден свет остануваат и потполно изгубени за секаков самостоен социјален живот, во кој треба да се препознаваат и преку правата и слободите како на другите врсници, така и на повозрасните, пред сѐ нивните наставници. Добар дел од тие генерации воспитувани со новиве педагошки методи, вели младиот магистранд, воопшто не се подготвени за вистински живот, бидејќи не се оспособени да истрпат ниту најмала неправда или ситница која не им е по волја! Ако кон ова се додаде и некритички преземеното од западниот свет на конзумеризмот како културен образец, тогаш со комбинацијата од филмови на насилство, виртуелни игри со насилство од најмали нозе, промоција и идентификација со разноразни херои од општественото подземје, тик – ток инфлуенсерско перење на мозокот–станува лесно запалив молотов коктел?! Нормално, не е добра ниту една генерализација, па ниту оваа, но токму во ваквите социо – културолошки контексти најмалку допира гласот на разумот и грижата за авторитетот на: родителот, воспитувачот, учителот, професорот!
Политичарите од Србија и политичарите од регионот побрзаа да изразат загриженост, но ниту во овие моменти не препознаа одговорност околу најважната и најсуштинска грижа на секое општество кое претендира да биде здраво: на постојаната грижа за односот родител – дете; грижата за односот воспитувач – дете; грижата за односот учител, наставник и професор – дете! Каква е таа општествена и политичка грижа во која најчувствителните и најболните теми во едно општеството би се решавале само со контроли и забрани, најнапред на оружјето, па на употребата на мобилните телефони или содржините кои се споделуваат на интернет платформите, а сево ова во услови на сеопшта ерозија или тотален распад на институциите одговорни за грижата на семејството, грижата за младите родители и за младите од најмали нозе до застанување на здрави нозе, грижата за нивните негуватели,воспитувачи, учители, наставници! Овој наопаку завртен вредносен систем не е паднат од небо, колку и да глумат политичарите „богови, паднати на теме“! Лажните вредности, лажниот морал, лажните авторитети и модели за идентификација, лажните информации и креирањето лажна перцепција за реалноста, како и безидејноста и отсуството на визија за создавање вистинско општество на благогосостојба за сите,се (не)дело на политиката и власта! Таквиот систем некому совршено му одговара полесно да владее, таквиот систем некој внимателно го негува, а грижата да остане сѐ исто е токму најголемата грижа на актуелниве политички елити, подеднакво секаде во државиве од регионот.
Ништо чудно што во Македонија и по трагедијата, не се отвори ниту една сериозна дебата (со исклучок на една, до две!), за ужасиве од нашето најблиско опкружување! Да, ние сме длабоко забраздени во нашите сопствени економски и политички проблеми за кои немаме никакви решенија, но кој друг да разговара за болните теми кои мора, сега и овде, ако ние самите не ги отвориме?! Да се правиме и понатаму недоветни дека тоа нас не нѐ засега, или да нѐ засега повеќе каков пост напишала Јелена Карлеуша за масовниве убиства, или конечно да го чуеме гласот на нашата стручна фела од социолози, културолози, психолози, педагози, политиколози?!
А, проблемот е и наш! Наше е, да престанеме да го игнорираме фактот дека ништо помалку оружје не е складирано токму во домашните сефови, шкафови, остави, подруми и тавани! Наше е да не игнорираме сериозни научни истражувања дека 25 % од адолсцентите имаат развиено самоповредувачки мисли и дека дури 42 % од нив имаат умерени до тешки симптоми на анксиозност! Наше е да не се правиме дека не го регистрираме акумулираниот бес, евидентното меѓуврсничко насилство и отсуството на елементарна емпатија и солидарност кај сѐ поголем број деца и млади луѓе! Наше е да си признаеме дека генерациски се разминуваме, не се препознаваме и не ги разбираме вистинските потреби на новите млади генерации! Наше е да се позанимаваме најсериозно со аномалиите во вредносниот систем што им го оставаме во наследство, а кое продуцира општество на постојани аномии.Наше е да не го игнорираме отсуството на поддршка и грижа за воспитно – образовните установи, наше е најсериозно да се позанимаваме со непрестаната ерозија на здравствениот систем! Наше е да си ги зграпчиме и сопствените животи и севкупното општество и да се потрудиме конечно, сите заедно, да создадеме систем од сопствени, подобри, поздрави и потрајни вредности и идеи од овие што сега ги имаме – бидејќи тоа е сѐ што имаме!
И конечно, наше е, да не бидеме толку културолошки безрезервно податливи кон културните матрици од соседството и нивното влијание, кои почесто ниту се за поддржување, ниту се за следење!
Наше е, ама како да не е наше!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.