Васко Шутаров
За неполни две седмици, последните две големи личности што го одбележаа 20 век си заминаа од овој свет, Михаил Горбачов – последниот претседател на големата советска империја и Елизабета Втора – последната британска кралица и најважен симбол на големата британска империја. Тоа беа политички икони, симболи на 20 век, претставници на две моќни држави – империи, чии влијанија се вградени во архитектурата на постоечкиот меѓународен поредок.
А првите претставници на актуелниот меѓународен поредок, испраќајќи ги последните два политички амблема, го поздравуваат како за последно 20 век, истовремено потсетувајќи нè дека сме на прагот, токму на најтешкото од истиот тој век.
Скоро цела година, како тивка и едвај чујна мантра, низ светот се шират предупредувања дека есенва, а посебно зимава, ќе бидат најтешки, слични на најтешките по Втората светска војна од минатиот век. Со ширум отворени очи, но бледо како низ перспектива обвиткана со магла, се гледа кон таквите предвидувања, но и предупредувања дека таквата зима ќе биде причина за големи социјални немири и масовни протести. Пречи ли тоа, со исто толку ширум отворени очи да се голтаат текстови и слики замаглени од тагата која деновиве го фрли во траор светот на богатите и славните, со заминувањето на најмоќниот симбол на светската моќ и слава, каков што повеќе од седум децении беше британската кралица?!
Но, нели отсекогаш било така?! Во последната и најтешка зима во Втората светска војна, полесно се поднесувал и студот и недостигот од храна, покрај сликата која му била понудена на светот како утеха и охрабрување-британската престолонаследничка станува механичар за поправки на борбени камиони и страда подеднакво како сиот останат свет! И сите подоцнежни гладни и студени зими, а ги имало многу по Втората светска војна, било полесно да се преживеат кога, покрај секојдневното парче леб премачкано со маст и нешто црвен пипер, или, малку шекерче и вода врз него, истовремено се голтале бајките од сликовниците за слатките маки на кралствата, на принцезите и на принцовите. Токму тој, толку далечен и недостижен, а така лесно достапен свет на моќ, богатство и сјај, знаел непогрешливо да маѓепса во магливото игнорирање на секојдневните јадови и беда – со ширум отворени очи! Нели, сѐ што требаше да научиме за животот, подготвувајќи се за него, требаше да научиме во забавиште? И зошто светот денес би раскажувал поинакви приказни од оние најпопуларните и најуспешните од минатиот век, кога толку лесно, природно и едноставно, светот може да стане едно големо глобално забавиште?! Трагикомично или не, важно треба да функционира!
Денешното глобално забавиште е идеална трагикомична сцена на која лесно се голтаат „приказните“ за најтешката зима во најава, покрај повторно раскажаната трагична политичка судбина на „добриот стар Горби“ или по којзнае кој пат прераскажуваните приказни за личните одрекувања, страдања и семејни драми на најдолголетната кралица во модерната светска историја. Денес, помалку се важни или потполно се заборавени клучните глобални процеси од 20 век, чии влијанија сѐ уште ги чувствуваме, а во кои директно беа вклучени и Михаил Горбачов и Елизабета Втора: разгорувањето и ставањето крај на Студената војна, падот на Берлинскиот ѕид, распадот на некогашната комунистичка империја, обединувањето на Германија, распадот и трансформацијата на некогашната британска колонијална империја во комонвелтската заедница на владеење и влијание, или Брегзитот, на пример!
Во актуелново глобално забавиште во 21 век, поважни се приказните за парите кои добриот стар Горби ги заработил од популарноста на Западот, приказните за потеклото на благородните камења од британската круна (ах, сега кога Јужна Африка, Индија и Зимбабве ќе си ги посакаат дијамантите назад!), состојките на омилениот коктел – џин на покојната кралица, повредениот глужд на новата кралица-сопруга, тоалетите и бисерите на принцезите и, секако, никогаш незаситената глад за пикантерии од дворските еротски интриги и игри. Каква совршена тема и содржина, да не се мисли, да не се возбудува или, не дај Боже, вознемирува за тешките зими што ќе ги носи и новиов век!
Има кој да се грижи за редот и поредокот во нововековново глобално забавиште, актуелнава занимална со тривијалности од светот на славните и богатите, додека времето на војни, сиромаштија, глад и студ сѐ погласно тропа на вратите на сите?! Секако дека има! Станува збор за една од најмоќните културни индустрии и културни дипломатии во светот која успеа од својата монархија, а посебно од кралицата Елизабета Втора, да создаде исклучително препознатлив и популарен симбол и бренд, кој така умешно го окупира севкупното внимание во светот, како во минатиот век, така и денес!
Брендот носи влијание, моќ и, пред сѐ, пари, а Елизабета Втора успеа и себе и британската монархија да ги устоличи на престолот на најмоќните и највлијателните светски брендови, покрај брендот „САД“, „Лондон“ и „Англискиот јазик“, исто така произлезени од истата или партнерска бренд-матрица!
Создавањето на брендот „Кралица Елизабета Втора“ започнува токму во најтешките години по Втората светска војна. Глорификацијата на Британија како држава победник во таа војна, својот симбол го пронаоѓа во својата тогашна престолонаследничка која била обучувана да биде механичар за поправка на камиони во услови на војна, а подоцна ангажирана и во санитетска служба. А кога по војната станува кралица, претставува симбол на британската победа и тој победнички дух од Втората светска војна внимателно се негува, а неа ја следи до последниот ден од нејзиниот живот.
Кога стапува на престолот Елизабета Втора веќе е реализирана и како мајка, па паралелно почнуваат да се создаваат два мита: првиот за нејзината комплетна посветеност на службата за народот и за државата, продолжувајќи ја легендата за саможртвата на нејзината славна претходничка Елизабета Прва („Јас се омажив за Британија!“) и вториот, не помалку важен мит, за пожртвуваноста во создавањето на многудетно семејство, преку кој станува симбол за препознавање на повоената „бејби-бум генерација“. За волја на вистината, во создавањето на брендот погодуваат и околностите: светот после долго време живее без големи војни, а мирот и благосостојбата за милиони млади семејства, посебно на Запад и во Европа, стануваат достижна реалност. Вградувањето и на двата мита во создавањето на брендот „Кралица Елизабета Втора“, беше исклучително успешно.
Затоа денес, кога љубопитно секој си дозволува да шпекулира за вредноста на кралското наследство што го остави брендот „Елизабета Втора“, треба да знаеме дека најмоќниот светски бренд токму во моментов нема цена! Бесценетоста на таквата моќ и влијание деновиве се огледаа и во отсуството на каква било критичност кон силните години на владеење на британската кралица, почнувајќи од инаку критичниот и влијателен британски сервис Би-Би-Си, па до скоро сите останати моќни британски и западни медиуми, кои во најголем дел го креираат светското мислење. Брендот носи многу моќ, влијание и пред сѐ пари, а најголемиот и најмоќен светски бренд, врзува за себе најмногу моќ, влијание и пари!
Брендот „Елизабета Втора“ за Британија е токму тоа, нејзиното највредно и најпостојано богатство! Да се поседува и негува тој бренд, еве конкретно во богатство и пари, може да се илустрира преку тековниот тренд да се поседуват недвижнини во центарот на Лондон, чии цени постојано вртоглаво растат и во моментот достигнуваат и над 100.000 долари од метар квадратен. Моќни арапски држави, како Катар, на пример, вложуваат милијарди и милијарди долари само во недвижнини во централното лондонско подрачје, најмногу поради престижот да се биде што поблизу до амблематичниот британски престол.
Брендот „Елизабета Втора“ е вграден и во високиот престиж кое го има британското високо образование, чии финансиски импликации се огромни, но политичките бенефити кои ù ги носи на државата, се бесценети! Некој пресметал дека дури 7 % од вкупниот број актуелни светски лидери се школувани на „Кембриџ“, а ако кон овој процент се додадат и студентите од „Оксфорд“ и лондонските универзитети, бројот на влијателни луѓе со британско образование што актуелно го креираат светот, станува и многу голем и многу сериозен, а влијанието на Британија – огромно.
И трет, но не и најмалку важен бенефит од брендот „Британска Круна“, е постојаниот растечки интерес на странските туристи за посета на Лондон и Англија. А, сето тоа во склоп со популарноста на британските: поп и рок музика, модата, филмот, театарот и дизајнот, претставува неодвоив дел од заедничката акција на британската културна дипломатија и нејзината моќна културна индустрија, во која неминовно е вграден и брендот за британската круна. Како во овој контекст, да не се потсетиме на свечената церемонија од отворањето на Летните олимписки игри во Лондон 2012 година, кога организаторите одлучија да ги спојат двете икони на британската поп култура: Кралицата и Даниел Крег, кој тогаш го глумеше Џејмс Бонд, а за затворањето на Игрите беа ангажираните најпознатите британски музички изведувачи.
Кралицата Елизабета Втора, во своето 70-годишно владеење со британскиот престол, беше современик на најголемите политички фигури: од Черчил и Сталин, до Нехру, Индира Ганди, Голда Меир и Нелсон Мандела, од Де Гол, Кенеди, Мао Це Тунг, Тито, Маргарет Тачер, Роналд Реган, Горбачов, па сѐ до Меркел и Путин и иако јавно не изразуваше политички ставови, беше една од највлијателните политички личности во двете столетија. Британската монархија, како и британската културна дипломатија и културна индустрија, успеаја сиве овие децении од нејзиното владеење, да создадат од ликот на кралицата не само моќен политички бренд, туку и поп-икона која со својата планетарна популарност се носеше рамо до рамо со најобожуваните холивудски актери, најпознатите музички ѕвезди или научниците и Нобеловците од највисок светски ранг, патем дозволувајќи им, на најголемите од нив, да бидат почестени со нејзиното присуство, во одредени пригоди организирани во нејзина чест.
Ретки се уметниците, кои одолеаја да не бидат дел од сеопштата фасцинација од британската круна, како Дејвид Боуви на пример, кој два пати ја одбиваше почестта да добие благородничка титула, притоа имајќи го предвид ризикот од традиционалната непопуларност кај британската јавност, Нејзиното Величество Кралицата, да биде игнорирана или одбивана.
И најтешко, барем во изминативе десетина денови и ноќи, им беше токму на оние кои никогаш не биле фасцинирани или уште повеќе, не врзале некаква емпатија кон едно од најмоќните светски семејства, како што е британското кралско семејство. „Круната“, Лондон и Британија, благодарејќи на беспрекорната културна дипломатија и непогрешливиот британски империјален протокол, изминативе десетина денови и ноќи беа неприкосновен центар на светот. И токму овие денови и ноќи, илјадниците загинати руски и украински војници престанаа воопшто да бидат важна вест, истиот момент како потполно да стивнаа сите пандемски вируси и нови светски болештии, кои до вчера беа главна светска вест (патем, Џо Бајден токму деновиве ја прогласи пандемијата од коронавирусот за завршена!), ни климатските лудила и упадите на зимски циклони во календарсково лето не се најважна вест, како што најавите за новиот моден тренд – носењето дебели зимски чорапи во претстојнава сезона есен-зима исто така не станаа важна вест, како што не стана вест ниту складирањето храна пред секој нов последователен бран поскапувања?! Знаат ли воопшто, оние индиферентните и оние кои ги презираат приказните од светот на најславните и најбогатите, дека тагата за смртта на Кралицата може да ја покрие сета останата светска трагичност и тага и некому да му биде – и најважна и најтажна вест?!
П.С. Веќе воопшто не е вест дека и по овој повод, не најдоа заеднички јазик: силно ужалениот „македонски џет сет“ и уште посилно ужалениот македонски политички крем, повеќе или помалку индиферентната академска заедница, мајтапски расположената чаршија, повлечената и преплашената за својата иднина маса свет, која тивко трепери и трепка пред своите монитори и тв-приемници, како некогаш пред своите сликовници од забавиште, и една маса свет која благовремено, уште во забавиште научила, дека животот се состои само од создавање сопствена успешна приказна – и секако во моментов, најбројната и најрезигнирана армија свет, на која ништо веќе не ù е забавно, а реализацијата на својата животна приказна ја гледа што подалеку од Македонија! И сите заедно, така идеално разединети, и во актуелната сеопшта, а уште повеќе во долготрајната сопствена тага!
А, круната мора да победи и никогаш не смее да падне…!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.