Ристо Никовски

Веќе може да се оцени дека Владата ја враќа надежта. Отворени се многу фронтови и постигнати првични резултати, ама и очекувањата се огромни. Државата беше во голем хаос. Ништо не функционираше и насекаде имаше масовни злоупотреби и криминал. Катастрофа од општ карактер.

Предизвици, меѓутоа, има премногу и приоритетите мора да се селектираат на многу внимателен начин. Борбата против криминалот и корупцијата е секако еден од врвните. Тоа е рак – раната на нашето општество и ако сакаме да успееме, треба под итно да се структурира систем за нивно елиминирање. Без радикално намалување на овие две зла, плус враќање на владеење на правото – нема побрз напредок.

Еве и едно туѓо искуство. Владата на Словенија, пред да станат дел од ЕУ, своите седници ги започнувала со еден час посветен на членството. Надлежните реферирале што е направено, кои се проблемите и се донесувале задачи за сите. Со оглед дека нашето членство во ЕУ е, сепак, далечна иднина, оваа корисна практика ние можеме да ја спроведеме прво во борбата против криминалот и корупцијата. Во ист „пакет“ нека биде и владеењето на правото. Силен е впечатокот дека реформите така најбргу би напредувале.

Борбата мора да започне на теренот, таму каде што царуваат криминалот и корупцијата. Расчистување со минатото тргна, ама најважно е спречување на раширената пракса. Реформата на правосудниот систем треба да оди паралелно. Тоа е суперструктурата каде ќе финализираат процедурите.

Прво, мора да се одреди носител на целиот проект. Тоа мора да биде вицепремиер, кој ќе има најшироки овластувања. Препорачливо ќе биде да се формира и соодветен штаб.

Второ, веднаш треба да се работи на стратегија, без која ќе се вртиме во маѓепсан круг. Таа секако и ќе се прилагодува.

Третиот чекор треба да биде подготовка на список на сите институции каде се знае или се претпоставува дека има корупција. Тоа не е тешка задача. Сите знаеме кои се тие.

Четврто, со решение/упатство на Владата, или на друг начин, сите тие институции ќе мора да формираат комисии за борба против корупцијата. Една на ниво на институцијата, а таму каде што ќе има оперативна потреба – и поткомисии.

Петто, сите овие комисии ќе мора да поднесуваат месечни, тромесечни, шестмесечни и годишни извештаи за тоа што преземале, и што постигнале. Поткомисиите до централната во институцијата, а таа до државниот штаб.

Ова може да изгледа комплицирано и бирократизирано, ама не мора да биде така. Во прашање е канцер кој не се лечи со политики или со убави зборови. Мора да се сече. Беше објавено дека во Катастарот имало преку 3.000 нерешени барања, а новиот директор ги намалил на 800. Ви тврдам дека се чекал рушвет бидејќи на сите им се брза!

Штом ќе започне една ваква, масовна операција, следена со широк публицитет – веднаш ќе има позитивни резултати! Ќе има намалување на криминалот и корупцијата можеби и од неверојатни 50 проценти! На сите ќе им биде јасно дека анархијата – заврши. Секој ќе се замисли пред да прими, уште повеќе пред да побара рушвет, или да мести тендери. Во сите институции се знае и кој е корумпиран, и кој работи чесно.

Најголемиот криминал е секако во тендерите. Според некои информации, на тој начин државата годишно троши повеќе од милијарда и половина евра. Ако само еден процент од тие пари се злоупотреби, тоа се веќе 15 милиони евра!? Сумата е сигурно повеќе пати повисока.

Тендерите масовно се злоупотребуваат и затоа мора да се бара радикално решение. Дали тоа треба да биде на ниво на државата? Дали за сите потреби, вклучувајќи ги и општините, и јавните претпријатија, треба да има некој вид на централна државна комисија за тендери? Барем на привремена основа? Или, да ги има неколку, поделени според висината на средствата наменети за тендерот…? Прашања има премногу.

Тешко е да се донесе квалификувана одлука. Треба да се консултираат домашни експерти и да се бараат странски искуства како да се спречи овој тежок криминал. Од сите наши ДКП во странство, со циркуларна телеграма, може да се побара да се интересираат кај надлежните во земјите на акредитација како тие го решаваат проблемот со корупција при тендерите? Тоа може да помогне. Проблемот е светски.

Ако се оди на централно решение, може да се регрутира и поширока група од 100-тина експерти, од разни области, кои би добиле одредени лиценци за таа функција. Може да се ангажираат и пензионери – експерти!? Според видот или областа на тендерот, од нив би се формирала потребната комисија, плус претставник/ци од институцијата носител.

Ова се гласни размислувања. Треба да се бараат што повеќе предлози. Ако има разни опции, надлежните ќе одбираат. Треба да се преземе се’ што е можно, за да се дојде до оптимално решение. Заради наместени и корумпирани тендери, и државата, ама и сите граѓани се длабоко оштетени.

Мора да ни биде јасно дека директно земениот поткуп е најмалиот проблем. Вистинските последици се неквалитетно изградените објекти, со коишто потоа мораме да живееме. Ако се стави асфалт четири и пол сантиметри, место пет, патот нема долго да трае, и пак ќе возиме низ дупки! И ако договорениот квалитет на асфалтот, цементот… се намали за неколку проценти, пак сите сме жртви. Тоа редовно ни се случува и затоа нашите патишта се најлоши во регионот.

Еве пример, близок за сите. Кога кај нас се обележуваат улиците, пешачките премини, патиштата… место квалитетна бела боја, се користи некаков сурогат којшто трае три, четири месеци. Во светот, одбележаното белее подолго од година дена. Затоа, нивните градови личат на урбани центри, а нашите на 19 век. Патиштата, пак, ни се небезбедни бидејќи нема средна линија, и на нив масовно се гине. Ќе да има рушвет, што мислите? Нечија ситна пара ни го уништува урбаниот живот, а патувањата ни ги загорчува! Страшно.

Во сите случаи, ќарот на изведувачите е огромен а, заради малата корупција — којашто ја дале, подмитените не се осмелуваат да го контролира квалитетот на нивните изведби. Ете ти маѓепсан круг.

Со цел да се обезбеди максимална чесност во работењето на централната тендерска комисија, ако се оди на такво решение, или на членовите на сите комисии, особено за тендерите од поголема вредност, би можело да им се контролираат комуникациите, врз основа на нивна согласност.

Во Југославија, во Државниот секретаријат за надворешни работи (МНР), каде имавме пристап до строго доверливи документи, потпишувавме изјава дека сме согласни нашите комуникации (телефони, писма…) да бидат контролирани. Ова искуство може да се користи и при оваа акција.

Досега, Јавното обвинителство (ЈО) не реагирало на извештаите на Државниот завод за ревизија, а во извештаите – едно чудо злоупотреби! Тоа мора да оди по автоматизам, инаку – чуму Државен завод за ревизија? Во општина Тетово, на пример, Теута Арифи имала десетици „вработени“ партиски војници и пријатели, коишто земале плата, а не оделе на работа! Некои работеле и во странство!? И никому ништо!

Традиционално, државата не го реализира процентот од Буџетот наменет за инвестиции бидејќи главен проблем се токму тендерите. Заради корупцијата, тие се одолговлекуваат, компликуваат, измислуваат, одбегнуваат… и работите не одат. Се чини дека со радикален пристап, максимално ќе може да се зголеми и ефикасноста на власта и квалитетот на градбите.

Ние сме на потег.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.