Васко Шутаров
Секоја година во светот се убиваат околу 400.000 луѓе! Зборуваме за оние години во кои немало големи војни и зборуваме само за оние убиства кои убијците ги правеле намерно, пресметано и целно! Во оваа сурова збирна бројка не влегуваат насилно прекинатите животи од сообраќајни незгоди, елементарни непогоди или други животни несреќи! Статистиката е немилосрдна и кога чисто математички укажува дека убиствата се „само 15-ти на листата“, кога се во прашање причините за смртта – први се кардиоваскуларните заболувања, потоа туморите, па респираторните болести! Статистиката исто така вели, дека, само околу 0,2% од убиствата – односно секое осумстото – може да се нарече атентат. Според дефиницијата, атентат претставува убиство на јавна личност, поврзано со некаква политичка или општествено-влијателна активност.
Статистиката уште вели, дека најмногу убиства по глава на жител се случуваат во Ел Салвадор и во Јамајка, а најмалку – во Сингапур и во Јапонија. Во Европа, најмали се шансите да бидете убиени во Луксембург, Швајцарија и Норвешка, многу поголеми во некоја од трите балтички држави, а најголеми во две нам блиски држави, во Црна Гора и во Албанија! Неумоливата статистика вели и дека седум од десетте најпознати атентати во поновата историја се случиле во најмоќната држава во светот, Соединетите Американски Држави!
……………………………………………………………………………
Откако постои светот и векот, се случувале обиди за убиства на моќни политички и верски водачи и можат да се напишат томови книги за тој непрегледен историски серијал од предвреме завршени човечки животи! Историјата нè потсетува на бројни римски императори што ретко доживувале длабока старост и биле убивани во нивната полна сила и тоа најчесто од нивни блиски роднини или дотогашни верни поддржувачи. Доволно е во овој контекст да се присетиме на Гај Јулиј Цезар, кој бил убиен од својот посинок Брут, а историјата го памети и Јулиј Непот, последниот западно-римски император, кој бил убиен од сопствените војници во Салона. Политичкиот атентат може да биде и средство со кое послабиот противник се обидува да му се спротивстави на посилниот. Можеби најпознатиот пример е библиската приказна за Јудита која го заведува Холоферн, командантот на вавилонскиот император Набуходоносор II, за потоа да му ја отсече главата. Цела плејада врвни уметници наоѓале инспирација во овој чин на убиство – во ликовната уметност тоа биле Микеланџело, Донатело, Караваџо, Сандро Ботичели, Џорџоне, Тицијан, Густав Климт, а во музичката уметност со митот за Јудита се занимавале Антонио Вивалди и Волфганг Амадеус Моцарт.
Уште едно врвно уметничко дело, за своја тема има политички мотивирано убиство! „Мртвиот Марат“ е познато масло на платно од сликарот Жак Луј Давид од 1793 година, а сликата е базирана на вистински настан од 13 јули 1793 година во Франција, кога Шарлот Кордеј го искасапува со нож, во неговата бања, еден од лидерите на револуционерната јакобинска диктатура, Жан Пол Мара!
Иако Америка ја носи медиумската слава за најпознатите атентати во светот, на Европа никогаш не ù биле туѓи политички мотивираните убиства! Уште помалку туѓи и непознати биле атентатите на Балканот! Од 1900 до 1913 година само во Европа биле убиени 40 важни и влијателни луѓе, меѓу кои и четворица кралеви, шест премиери и тројца претседатели на држави! Почетокот на векот го одбележуваат и солунските атентати на велешките гемиџии, кои имале за цел да го привлечат вниманието на големите европски сили за македонското прашање и за таа цел бомбашки нападнале познати објекти во Солун. Убиството на австро-унгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд во Сараево 1914 година, битно го одредува текот на политичката историја и бил директен повод за започнување на Првата светска војна. Во полниот ек на таа војна и во разгорот на Октомвриската револуција во Русија, убиени се сите членови на руското царско семејство Романови! Во Марсејскиот атентат, во кој во октомври 1934 година бил убиен југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ, сè уште важи за еден од најдобро организираните атентати во 20 век и за многумина претставува настан што предизвикува пресвртница во меѓународните односи, кои подоцна водат до Втората светска војна.
Поновата европска историја во живо сеќавање ни остави два атентати извршени на територијата на Италија. Едниот, во 1978 година, врз премиерот на Италија, Алдо Моро, кој најпрво беше киднапиран од италијанската терористичка организација „Црвени бригади“, а малку подоцна убиен и во Рим. Три години подоцна, во 1981 година, повторно во Рим се случи и атентатот врз Папата Јован Павле Втори („Папата што го сруши комунизмот“!) извршен од Турчинот Мехмед Али Агџа. Поранешниот шведски премиер Улоф Палме во 1986 година беше убиен на неделна прошетка со сопругата, во една од најпрометните улици во Стокхолм. Во 1990 година беше извршен атентат врз еден од највлијателните и најмоќни германски политичари Волфганг Шојбле – човек од најголема доверба на канцеларот Хелмут Кол, а подоцна и на канцеларката Ангела Меркел. Во неразјаснети околности, на 3 октомври 1995 година, извршен е атентат врз првиот македонски претседател Киро Глигоров, во кој за среќа, претседателот преживува и продолжува да ја врши својата функција. Во уште понеразјаснети околности, на пат за Мостар, на 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа загинува вториот македонски претседател Борис Трајковски!
Со убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година, а неколку месеци подоцна и на шведската шефица на дипломатијата, Ана Линд, започнува новомилениумскиот крвав серијал од атентати врз познати и влијателни личности, што трае и ден денешен!
Турција во 2016 година, на два пати беше мегдан на крвави настани, најнапред со обидот за воен преврат од 15 јули против Реџеп Таип Ердоган, а на крајот од годината и со убиството на рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, кој беше убиен за време на отворање на изложба во галерија во Анкара. Во Индија, во брутални атентати, насилно беа прекинати животите на двете најзнаменити индиски политички личности! Во 1948 година беше убиен Таткото на нацијата, Махатма Ганди, а во 1984 година, во дворот на својата резиденција, беше убиена Индира Ганди, најпознатата политичарка на 20 век. Истата судбина ја имаше и премиерката на Пакистан, првата жена-премиер во доминантно муслиманска земја, Беназир Буто. Беше убиена во 1976 година, во крајно контроверзни околности и за многумина, со тој крвав чин, завршија сите надежи за демократизација на оваа многумилионска земја!
Во Јапонија, која важи за една од најбезбедните држави во светот, пред точно две години беше убиен, сред кампања за парламентарни избори, поранешниот, исклучително популарен премиер Шинзо Абе. Пролетва се случи атентат на словачкиот премиер, Роберт Фицо кој беше застрелан со четири куршуми во гради и само Божјо чудо го спаси, остана жив и продолжи да ја врши премиерската функција. Пред неколку месеци, иранскиот претседател Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа во многу чудни и неразјаснети околности, а според неодамнешни непотврдени вести од саудиски медиуми, спречен е обид за атентат и врз саудискиот принц Мухамед Бил Салман. Коинциденција или не, сите погоре споменати политички лидери, биле во добри или исклучително добри политички односи со Владимир Путин!
Како да ме водат на стрелање!
Последниот во низата атентати, оној од минатата недела, извршен на предизборен митинг во Пенсилванија врз Доналд Трамп, повторно ја актуелизираше дебатата за политички мотивираните убиства, кои често играле и клучна улога во обликувањето на политичките и општествените трендови низ светот, претставувале пресвртни точки кои го менувале текот на историјата, уништувале империи, предизвикувале војни и револуции и оставале длабоки траги на цивилизацијата! Така и денес, атентатот врз Трамп побудува убедливо најголем интерес кај светската јавност, што заради важноста на САД на меѓународната политичка, финансиска и воена мапа на светот, што заради моќта на американските мас-медиуми поткрепени со новите дигитални алатки (во најголем дел креирани во САД), што заради долгиот историјат на атентати врз поголем дел од американските претседатели.
„Како да ме водат на стрелање!“, така го опишал чувството првиот американски претседателот Џорџ Вашингтон кога ја преземал извршната власт во САД, на 4 февруари 1789 година. Само 76 години подоцна, на Велики петок (14 април 1865 година), за време на театарската претстава „Нашиот американски братучед“ во Вашингтон, е смртно застрелан претседателот Абрахам Линколн. Атентатот го извршува актерот Џон Вилкс Бут, пет дена откако се става крај на американската граѓанска војна и на црнечкото ропство! Ова е еден од атентатите во долгата американска историја на политички убиства, кој речиси целосно е расветлен!
Во американската историја има уште три фатални атентати на американски претседатели, на Џејмс Гарфилд во 1881 година, на Вилијам Мекинли во 1901 година и Џон Ф. Кенеди на 22 ноември 1963 година. Oбиди за атентати, кои за среќа немале фатален крај, доживеале и претседателите Теодор Рузвелт, Френклин Рузвелт, Хари Труман, Џералд Форд (два обиди во 1975 година), Ричард Никсон и Роналд Реган во 1981. За жал, атентат не преживеа лидерот на движењето за граѓански права Мартин Лутер Кинг, како и братот на Џон Кенеди и претседателски кандидат Роберт Кенеди (и двајцата се убиени во „револверашката 1968“ година). Атентат беше причина и за смртта на легендарниот „Битлс“ и една од иконите на светската поп и рок музика Џон Ленон, кој беше убиен во Њујорк во 1980 година. Најголем дел од овие убиства или обиди за убиства, останаа во пределите на теориите на заговор, како мешавина од реални факти и филмски фикции, неприфатливи како вистина за најголем дел од јавноста.
Несомнено и последниот атентат од 13 јули 2024 година, ќе влезе во аналите на големите приказни кои одново и одново ќе се раскажуваат, дополнително ќе се драматизираат и филмуваат, и за жал, ќе ја држат јавноста на пристојна одалеченост од вистината за причините кои довеле до овој обид за политичка физичка ликвидација.
Сцената во која Трамп со раскрвавено лице и стисната тупаница извикува „Борба! Борба!“, а неговите поддржувачи скандираат „САД, САД!“, ќе стане антологиска и ќе биде лајт-мотив за „Претседателот – маченик и херој“, барем до остварувањето на победата на претседателските избори, во ноември оваа година.
И двајцата претседателски кандидати повеќе ќе внимаваат на она што го зборуваат и нивните зборови ќе ја немаат бруталноста на испукани куршуми, како досега, кога дополнително ги разгоруваа отворените рани во силно поларизираното американско општество.
Соединетите Американски Држави и понатаму ќе имаат проблем со зголемената лесна достапност на огненото оружје, а „вториот амандман“ на Уставот на САД (според кој секој поединец има право да се брани и да се вооружува) никој нема ни да го спомнува и во оваа политичка кампања! Исто, како што нема да бидат спомнувани ни моќните лобисти од Националната асоцијација за оружје, ни моќното лоби од најмоќната воена индустрија во светот, а ниту лошите момци „со рака која не затреперува и око кое не трепнува“, од стандардниот арсенал на ликови од американската филмска индустрија!
Како што ќе си врви и овој претседателски карван, во кој никој нема да ги спомнува сите останати жртви, милиони и милиони на број, од почетниот вовед во колумнава…!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.