Васко Шутаров

Еден топол јулски ден во 2017 година, работев нешто во мојата канцеларија во нашиот КИЦ во Софија, кога секретарката ми јавува дека некој човек сака лично да се види со мене. Немавме чуварска служба и ако некој ни заѕвонеше на врата (а такви и преку летните месеци ги имаше и дузина дневно), го пуштавме во Центарот, без притоа да го легитимираме или да го распрашуваме кој е!

Секретарката Силви не може да се сети дали го познава човекот, но по гласот ѝ се чини однекаде познат („можно е да го имаме на списокот за телефонски покани за наши настани, ми звучи познато неговиот глас!“) и ми кажува дека човекот носи нешто завиткано со весници и во кеси, лично за мене!

Работев на мојот мал лаптоп и паметам дека правев план за есенските активности на Центарот, а истовремено и евалуација на работата во првата половина од годината, пред да заминам на годишен одмор. Имавме фантастично добро културно претставување таа 2017 година и уште ги средував впечатоците од нашето патување за Созопол, каде во рамките на „Фестивалот на Франкофонијата“ се претставивме со музички рецитал на пијано, изложба на охридски ракотворби со срма и една голема групна изложба на македонски ликовни уметници што живеат во Бугарија. Прекинувам со работата и одам да видам кој ме бара и сака да разговара со мене.

Гледам, во ходникот стои возрасен, но витален човек, со светол и питом лик, за кого имам чувство дека веќе однекаде го знам! „Дојдов само да ве поздравам и оставам нешто за вас! Немам кому, па ми текна прво на вас.“ Го поканувам да влезе во канцеларијата, да помуабетиме и да се напиеме кафе.

„Јас сум Македонец, синко, имам 85 години и овде живеам од мојата трета година, но веќе немам никој- децата си заминаа во странство пред десетина години и сè поретко се враќаат и ме бараат! Кога е вака убаво времето, ги шетам ридовите и планините, до таму каде може да ме носат нозете, собирам коприва и див лук, па набрав и донесов да ги пробате!“

И од полните кеси почна да одмотува внимателно собрани снопчиња коприва и див лук, едно тегличе со маринирани печурки и две пожолтени брошури, една за печурките, а друга за копривите!

Разговарајќи за печурките, за кои и не знам нешто многу, за дивиот лук за кого скоро ништо не знам, му раскажувам и за моето прво детско искуство, кога залетан по новата фудбалска топка, упаднав во бразда што ја одвојуваше дедовата и комшиската куќа и целиот жар-црвен, како препален бегав од  копривите од кои си ја спасив топката. Раскажувајќи му загледан во браздите на неговиот питомлик, го замислувам како влегува меѓу копривите и внимателно собира од нив и тогаш се сетив дека истиов овој човек го имам видено на наш поранешен културен настан – беше ист таков, тивок и ненаметлив. И ми надоаѓа еден таков бран од чиста радост и на испраќање, силно го гушнувам, како свој најблизок род! И, ни за име не стасав да го прашам!

(Две недели подоцна, пристигнува во официјална државна посета на Софија, скоро цела новоизбрана македонска влада! Пристигнува триумфалистички, за да го потпише Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, договор кој долго не успевавме да го усогласиме заради неколку познати спорни точки! Тие беа подготвени да го потпишат веднаш! Избришан сум од протоколарната листа на дипломати кои треба да присуствуваат на чинот на потпишувањето и јасно ми е, како бел ден, дека на враќање дома, во Скопје, прво што ќе потпишат, тоа ќе биде моето итно отповикување (се разбира, без никакво образложение!), без разлика што сум на средина на втор мандати сред успешна година од серија македонски културни настани, кои од кои поубави и кои од кои со убава и добра публика!)

Се пакувам најбргу што можам, имам добиено непримерно краток дипломатски рок да се вратам дома, немам време ни да им се одјавам на тамошните пријатели, а колеги дипломати ми се јавуваат да прашаат дали ова што се случува е вистина и збунето се нудат нешто да помогнат. Со селењето дома, не успевам да спакувам сè она што собирав од книги и планирам, барем уште еднаш да се вратам во Софија!

Тоа следно одење за Софија не се случи никогаш потоа! Поточно, само еднаш и на инсистирање на две невладини организации, за дводневна панел-конференција, на која веќе се бараа начини како барем малку да се затоплат веќе длабоко замрзнатите македонско-бугарски односи. На кратка кафе пауза, посакавувам да ги видам Силви и Иво, двајцата вработени во нашиот КИЦ, знам како се и знам што работат, ги следам редовно настаните на веб-страницата на Центарот. Пиеме кафе во хотелскиот лоби-бар и се распрашувам за сите мои пријатели, посетителии познати, дали се живи и здрави и ги прашувам дали можеби разбраа нешто за човекот, кој оној топол ден во јули, кратко пред да заминам, ми донесе свежо набрана коприва! „Никогаш потоа не се појави и никој повеќе не крена слушалка на оној телефонски број, за кој бев убедена дека е неговиот“, ми кажува Силви!

(денес и во многу наврати претходно, ги листам двете подарени брошури и за печурките, но посебно за копривите, знам веќе скоро сè! И денес ми одѕвонуваат, дури го пишувам ова, зборовите на незнајниот Македонец што тој јулски ден во 2017 година, ми ги кажа тивко, како за себе: Синко, гледам ти си учен и многу работи знаеш, но едно сакам да знаеш! Јас имам многу години и имам врвено многу низ животот и иако немам многу школо, многу работи знам и затоа се плашам и мир немам! Се плашам не за мене, еве останав сам и уште сам ги искачувам планините, но за нас Македонците се плашам, да не станеме како копривите! Секој од нас арно да види, а ние од никој арно да не видиме! Секаде да нè има, а ние свој дом да немаме! И на крајот од животов, сон не ме фаќа од тој страв!)

…………………………………………………………………………………………………………………….

За куќа која е празна и напуштена, писателот ќе напише дека е „куќа обрасната во коприва“. За нешто за кое постои мала или никаква веројатност дека може да се случи, народниот мудрец ќе каже дека, „гром во коприва не удира“! Пече како коприва, лечи како коприва, здраво како коприва, такви епитети и изрази ја следат копривата од прастари времиња до денес!

Хипократ од коприва правел преку 60 лека, старите Римјани со неа ги ублажувале ревматичните болки, а во северните европски краеви, триењето со коприва спасувало и од најголеми студови. Во средновековна Германија славниот Албрехт Дирер на една од своите слики прикажал ангел како носи коприва на небесниот престол, а бројни жени во тој мрачен среден век се прогласувани за вештерки, затоа што секоја саботна вечер ги чистеле своите метли со коприва. Во 17 век копривата веќе им служи на луѓето како противотров против убоди од отровни животни, им служи за лечење на многу кожни болести, но најмногу служи како лек кој им се препорачувал на бремените жени и на оние кои страдале од камен во бубрегот.

Со оглед на тоа дека отсекогаш копривата му се наоѓала на човекот да се прехрани, да се заштити од студ, да ублажи болки и излекува од болести, во сите култури и цивилизации, важела и сè уште ја викаат, „чудо божје“! Неугледната и незгодна за берење, копривата всушност содржи таков неверојатен спој од хемиски супстанци и комплексни органски соединенија, минерали и витамини што ја прават и ден денешен, и покрај напредокот на фармаколошката индустрија, нејзин незаменлив додаток. Но, и не само тоа!

Во мојот крај, но и низ плодните земјоделски површини ширум Европа, кога земјоделците сакаат да произведат плодови за себе и за своите најблиски, чисти од разни пестициди и хемикалии, почвата ја ѓубрат со ферментирана вода од коприва, а лисната маса и плодовите ги заштитуваат со прскање со истата течност!

И тука веќе, имаме сериозен проблеми точка од која се одвојуваат сите знаења и мудрости на старите цивилизации и култури, за кои копривата беше кралица на здравјето – од законите на модерната цивилизација (читај моќната фармаколошка и хемиска индустрија), за кои лековитите и заштитни својства на копривата треба да бидат заборавени, а копривата – забранета?!

(Звучи надреално? Звучи малку одлепено и ненормално? Звучи, исто онака како што нам ни прозвучи францускиот предлогза наше евроинтегрирање, надреално и налудничаво, но, за жал, вистинито!)

Пркосот на копривата

Деновиве, покрај сите домашни и светски дебати, следам и една на социјалните мрежи, за која бев убеден дека е на границата, помеѓу верувале или не?! Прашањето и дебатата беа, дали навистина Французите имаат воведено забрана за употреба на старото традиционално ѓубриво од ферментирана вода од коприва како и забрана за јавно спомнување, распространување и промовирање на копривата како традиционална лековита билка?! За жал, да, тоа е вистината!

Со забраната за подготовка на препарати за ѓубрење и заштита од растително производство (читај коприва!) без посебно државно одобрување, со Аграрниот ориентационен закон од 2006 година, француските земјоделци ќе бидат казнувани и со драконски казни од 75.000 евра. И оваа законска норма, Французите ја преточија во своевиден француски предлог, па денес тоа е задолжителна норма што важи за сите европски земјоделци!

За среќа, во целава цивилизациска несреќа што ја продуцира глобалниот фармаколошки капитал и бизнисот врзан за вештачките ѓубрива и пестициди, копривата, посебно во Франција, денес станува и своевиден симбол на отпорот!

Копривата која по своето потекло е една од ретките која е со автохтоно европско потекло и вткаена длабоко во сите европски култури, традиции и народни медицини, станува билка за која треба посебно државно одобрување, да биде спомната како составен дел од некој препарат или лек за подобрување на животот на луѓето?!

Замислете, еден килограм коприви потопени во 10 литри вода, потиснати со камен и оставени 20-ина дена така, дури течноста не ферментира, станаа главен европски земјоделски проблем, покрај оној другиот, политичкиот проблем кого можат да го направат, милион и пол Македонци останати да живеат во Македонија (патем притисната од сите страни со бедем од камења!), ако се претопат со 500 милиони други граѓани на Европската Унија?!

(Како поранешен заколнат франкофон, кој исчитал скоро сè најважно што напишале француските надреалисти, од Бретон, преку Аполинер до Елијар, како некој што ја обожувал француската книжевност, уметност, култура, мода и стил на живеење и кој го разбирал и го бранел францускиот шик & шок и кога никој друг не го разбирал, денес ми прави и нелагода и неверување чувството, дека морам да ги спојам во една, овие две вистинити животни стории. Спојот е надреален и нормално е, за секој кој држи до добриот вкус, само да каже: Премногу сличности во препознавањето меѓу овие две приказни, нештата не ги прави случајни?!)

За нас Македонците се плашам, да не станеме како копривите! Секој од нас арно да види, а ние од никој арно да не видиме! Секаде да нè има, а ние свој дом да немаме!

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.