Петар Поп Арсов

 

Што да се каже после шокантните резултати од претседателските избори од првиот круг, а да не биде повторување на се што беше кажано преку бројните анализи, коментари и мислења на експерти, политичари, аналитичари и граѓани уште во текот на пребројувањето на резултатите во средата навечер. Сега, кога се смири првиот бран на еуфорија и разочарување (како за кого), кога настапува период на отрезнување и активност во правец на финалната пресметка која што ќе се случува на осми мај, би можеле да кажеме нешто плус кое што ќе даде придонес во креирањето на големата слика за состојбите на македонската политичка сцена.

Не ни е целта да зборуваме за тоа што ќе се случува во вториот круг од претседателските избори, односно првиот и единствен круг од парламентарните. Тоа е веќе толку јасно и очигледно. Целта е да повлечеме црта и да го направиме есапот за тоа кои беа главните фактори и причини кои доведоа до ваквите резултати. Целата е да се обидеме да разбереме кои се причините кои го предизвикаа историскиот минимум на гласови за една владејачка партија. Секако, целта е да разбереме и за обратното, за опозициската партија која постигна историски најголема победа од позиција на опозиција.

Резултатите дефинитивно се шокантни! Ги надминаа предвидувањата и очекувањата и на најоптимистичките анкети кои укажуваа на сериозната предност која што ја имаше опозицијата и опозициската претседателска кандидатка во однос на власта. Далеку ја надминаа дури и онаа проектираната разлика од сто илјади гласови која беше најавувана пред изборите. Гледано од оваа перспектива, анкетите делуваат дури пристојно и резервирано во однос на бруталноста на резултатот кој што го испорачаа граѓаните иако токму таквите анкети беа синхронизирано оспорувани и негирани од повеќе страни.

Разликата од над сто и осумдесет илјади гласови, што претставува повеќе од двојна разлика, говори за тоа што мислат граѓаните за понудата на македонската политичка сцена. Оваа разлика говори за тоа што мислат граѓаните за досегашните политики на актуелната власт и за постигнатите резултати од нејзиното владеење и за надежда која што ја полагаат на промените. Овие резултати претставуваат потврда и заверка на сите упатени критики од добронамерните луѓе, политичари и експерти кои постојано укажуваа на грешките, ароганцијата, игнорантскиот однос и штетноста на политиките кои што ги водеше оваа власт кон сопствените граѓани и држава.

За штетноста на политиките на оваа власт, за корупцијата и криминалот, за целосната недоверба во правдата и правосудството, како и за големоит број промашувања се зборуваше постојано и истите се добро апсолвирана тема.

Но, штетните политики не произлегуваат сами од себе. Тие имаат свои носители и репрезенти кои ги креираат и реализираат на персонално ниво. Штетните политики имаат свое име и презиме.

За попрецизно да ги лоцираме најодговорните ликови кои доведоа до оваа состојба во државата во последните неколку години и кои всушност беа еден од значајните фактори кои имаа свој придонес на изборните резултати од првиот круг, ќе се спуштиме малку на локално ниво, во Куманово. Тоа е сосема разбирливо од причина што двата најистурени и најодговорни функционери од власта, поранешниот премиер и актуелен претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, и поранешниот МВР и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, доаѓаат токму од Куманово.

Куманово е нивниот домашен терен, нивниот бастион со кој се гордееа. Град од кој што добија толку многу. Колку му вратија на градот, се гледа од резултатите. Но, тоа е друга приказна со локални импликации. Сега зборуваме за импликациите на нивната политика на државно ниво илустрирани преку односот, оценката и гласовите на нивните сограѓани со кои беа „наградени“ во првиот круг од изборите.

Имено, претседателскиот кандидат и протеже на кумановската двојка, освои само нешто над 7 000 гласови. Тоа е историски минимум на СДСМ во Куманово на сите можни избори (локални, парламентарни или претседателски) кои беа оддржани во Македонија од нејзиното осамостојување до денес. Резултатот на кандидатот на Оливер и Димитар, кој всушност е олицетворение на нивната политика, е резултат кој ќе биде запишан во историјата како најслаб до сега.

Нормално е некој да победи, а некој да загуби. Чесниот пораз е составен дел од секој натпревар во кој мора да има победник. Но, резултатот кој што кумановци им го испорачаа на своите сограѓани функционери, луѓе кои биле на највисоките државни позиции и нема кумановец кој бил повисоко од нив, говори за тоа дека не ја оправдале довербата.

Говори за тоа дека нивните штетни политики биле јасно препознаени. Говори за тоа дека правеле зулум во градот, се пресметувале со политичките противници од ВМРО, спроведувале реваншизам, бркале луѓе од работа и биле фокусирани на остварување само на својот личен интерес. Говори за тоа дека се пресметувале, до степен на политичко истребување и со својот довчерашен партиски другар, Димитриевски. Кумановци ги паметат одземањата на ингеренциите на локалната самоуправа и демонстрирањето на политичка моќ која што на најбрутален начин беше практицирана во Куманово.

Затоа резултатот е таков. Затоа Силјановска и Димитриевски се далеку пред Пендаровски според бројот на освоените гласови во Куманово, кое што како феномен највеќе говори за тоа како мнозинството Кумановци ја перцепира генералната политика на двоецот Спасовски-Димитриевски. Резултатот говори за поимањето на мнозинството граѓани за тоа каков е односот и остварувањата на двајцата кумановци кон државата и какво е влијанието на нивните политики врз севкупните состојби во државата.

Инфериорниот резултат на Ковачевски и Спасовски во Куманово претставува најверодостојната и најточната анкета за тоа што мислат граѓаните за нивните политики. Дебаклот кој што го доживеаа говори за тоа дека нивните најблиски најдобро го препознале погрешниот правец во кој што ја водат државата. Исто така, овие резултати не се само одраз на работењето или неработењето на актуелниот претседател, Пендаровски. Тие се одраз на вкупните политики кои што перманентно се наметнувани од власта на СДСМ, без претходно да добијат одобрување од страна на гласачите. Тоа се резултати кои ја отфрлаат политиката на меки државни удари преку кои постојано се дисторзираше волјата и поддршка на граѓаните која што ја давале за сосема други понуди и ветувања сервирани како предизборни лаги.

Кумановци испратија порака до цела држава за тоа што мислат за сопствените сограѓани, Оливер и Димитар. Ако некој сè уште не ги запознал, ако некој сè уште има каква таква доверба во овие два лика, доволно е да погледне како поминаа тие  кај своите најблиски и многу лесно ќе дојде до вистинскиот суд за тоа кои се политичките протагонисти кои се најодговорни за катастрофалните состојби во државата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.