Ламбе Арнаудов
Мојот животен пат, понекогаш поплочен, рамен и прав, најчесто полн со препреки, стапици и неизвесност, лесно но сигурно се движи кон крајот. Сега кога зад мене има останато многу повеќе од што ме чека пред мене си поставувам две прашања:
Првото, од насловот, има ли во МАКЕДОНИЈА живот пред смртта? Зошто за по смртта сум убеден дека има.
Второто, дали како мене исто и вас другите врсници мои, тешко, мачно и потајно ве напаѓа проклетството на СОВЕСТА бидејќи сите знаеме кога ГОСПОД ни праќа проблеми истовремено ни праќа и решенија, а ние, не знам со сигурност и точно Дали сме слепи и не можеме да видиме? Или сме премногу горди па не сакаме да гледаме? Или пак можеби најлесно ни е да импровизираме и го држиме под контрола возот што стои на шините, свесни дека така никаде нема да стигнеме.
И така МАКЕДОНИЈА крупна, скапа, непроценлива приказна, безброј пати прераскажана, секогаш недовршена, никогаш завршена.
За жал, никогаш незавршена приказна извајана по желба на МАКЕДОНЦИТЕ но и за среќа, никогаш незавршена, како што сакаат ДУШМАНИТЕ.
Јас добро го познавам својот народ и затоа сум оптимист и убеден сум дека приказната ќе ја завршиме ние МАКЕДОНЦИТЕ и сите граѓани кои што МАКЕДОНИЈА исто како ние ја чувствуваат за своја, рамноправни, еднакво лојални и со искрено родољубие.
За да има живот неопходна е совршена интеграција и нераскинлива симбиоза во меѓусебното живеење, но и зависност од едни со други помеѓу луѓето кои го живеат својот живот, природата и татковината со сите свои вредности што ни ги става на располагање на нас за да го поминеме овоземниот живот безгрижно, среќно, радосно, секако најпожелното, долговечно.
И тогаш во годините на нашата најголема продуктивност и пружената благосостојба (ретко) од државата го градиме и уживаме во животот но и секој различно го доживуваме.
Имаме безгрижно детство, потоа се едуцираме, се образуваме да создаваме за семејството кое во меѓувреме сме го оформиле за себе но и со подеднаква страст и умешност тоа да го правиме за татковината како благодарност кон неа што ни ги овозможила тие услови и погодности.
И тогаш доаѓа до ДЕФЕКТ во навидум рамноправните односи помеѓу поединецот и татковината, се пореметува или целосно запира двонасочноста на флуидот еден кон друг.
Ваквата нарушена рамнотежа во односите секогаш доаѓа од страна на поединецот, сам или организиран во форма на власт, и бидејќи корисникот на животот е разумно битие но со кого завладееле лакомоста, среброљубието, суетата, себичноста, агресивно и безмилосно удира по татковината, приграбува сé за себе и полека но сигурно го уништува својот единствен добротвор кој за возврат не бара ништо освен да го сакаш.
Тогаш, додека си се завртел околу себе, одеднаш немаш ништо, празен си во душата. Тешко опстојуваш, децата ти заминале по бел свет, дворот ти е празен без детски жагор, внучињата одат во градинки или училишта каде и машките чеда и женските се “еднакви“, исто се облекуваат, играчките не им се разликуваат, зборуваат “светски“ јазици, а мајчиниот го забораваат.
Се оддалечуваат родителите од своите деца, полека од род од прво колено стануваат само блиски пријатели со кусок рок на траење.
Заминуваат ли заминуваат. Ние броиме колку отишле. И секогаш погрешно. Оти кога заминале двајца за три генерации заминале триесет и двајца (32). Двајца, момчето се оженило, девојчето се мажило, им дал ГОСПОД по две, три деца, тие пораснале и создале семејства сопствени со 2 или 3 деца и така во недоглед. Нас во МАКЕДОНИЈА ни ја нарушуваат драстично демографската состојба а рапидно ја подобруваат таму некаде во туѓина заборавајќи се себе и своите вистински.
Ти, кој мислиш дека живееш наеднаш, имаш широки дворови, доволно паркинг, станови, апартман дуплекси, куќи со парно греење, неизградени патишта, ти се широки и удобни бидејќи се празни, твоите коли и џипови со години се нови затоа што немаш кого да возиш. Никнуваат старачки домови, се множат диспанзери специјализирани и разни прифатилишта, туѓи негувателки ти менуваат памперс пелени за возрасни, живееш во заедница со многу луѓе, а си потполно осамен, никого не познаваш и згора на сé убеден си дека живееш живот пред смртта. НЕ!
Ај, што не ќе живееш и гробот нема да ти се знае, не ќе има кој да го посети, да раздаде за душа, свеќа да ти запали и да те почести со Христовите тајни светии: леб, пченица и вино.
ГЕНЕРАЦИЈО мила, на која јасно припаѓам, ви се обраќам со “изгубената генерација“ по II Светска војна, направете не нешто туку СÉ за Татковината, таа ќе ви обезбеди живот пред смртта. Други нема кој. Направете го што побргу зошто сигурно чекориме во бездната што ни ја ископа оваа ненародна, непријателска власт последниве шест години. Учествувај во рушењето на оваа власт за да се чувствуваш горд пред другите но и пред себе си и обезбеди живот пред смртта во МАКЕДОНИЈА за твоите, за себе, за тукашните сегашните и идните генерации кои што доаѓаат.
Тоа ти е ДОЛЖНОСТ! И тоа СВЕТА.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.