Ристо Никовски
Добар беше потегот кога сегашната власт, тогаш опозиција, одлучно го одби бугарскиот диктат, подржан од Брисел, за промена на Уставот. Пораката беше јасна дека таквата политика не може да помине и ја постигна целта. Сега, меѓутоа, ситуацијата е целосно промената. Понудата за уставни промени, иако со одложено дејство, е спротивна на нашите суштински интереси. И да прифати Софија, што е речиси невозможно и незамисливо, одложеното дејство – ништо не менува, а ние си ставаме клинец во здрава нога.
Сами се заглавивме во ќор-сокакот, сами мора да го бараме и излезот. Грешките се на нашите претходни билмези, и ние треба да ги исправаме. Ако Македонија сака да го отвори патот кон Брисел, мора да го откаже вториот протокол со Софија, бидејќи е тој клучот во преговарачката рамка. Така, во вода паѓаат и ултиматумот за Уставот, и клучната улогата на историјата, којашто како критериум е вградена во рамката. Сегашните наши голготи, произлегуваат од вториот протокол.
Ситуацијата може да се надмине само со таков, радикален исчекор. Друг излез, Македонија – нема. Што побргу тргнеме во таа насока, побргу ќе стигнеме. Се’ друго е губење на време и заострување на состојбите во земјата, заради различните интереси. Дел од политичките фактори не се лојални на оваа наша држава, и играат на други опции. Тие сметаат дека државата треба да им служи ним, а не тие нејзе. Поволно е што ЕУ нема уште долго да се проширува и затоа имаме маневарски простор за исправање на грешките.
Уцената за Уставот воопшто не е случајна. На Софија и се потребни Бугари во Уставот за да може, преку нив, бескрајно да не уценува во текот на преговорите. Имаат издадено преку 120 илјади пасоши на наши граѓани, коишто потпишале дека се „Бугари по род“. Заедно со нивните семејства, тоа значи дека такви во земјава има најмалку 400 илјади. Во текот на преговорите, за „нивните“ речиси пола милион измислени „бугарчиња“, Софија ќе инсистира и ќе уценува со бугарски училишта, учебници, театри, пратеници, можеби министри, правична застапеност… и што ти уште не! По таа формула, покрај нив и Албанците, малцинство ќе станат – Македонците. Така, најлесно ќе нѐ бугаризираат!
Ако ги внесеме Бугарите во Уставот, без оглед дали со или без одложено дејство, во текот на преговорите Софија апсолутно ќе инсистира на тие свои барања. Со самиот чин, пак, ние практично ќе ја прифатиме нивната верзија за бројот на Бугари, според издадените пасоши. Ако се следат резултатите од пописот, нема никаква потреба за Бугари во Уставот. За нив, тоа ќе биде доказ дека толку ги има, и дека имаат право да им ги обезбедат сите барани права, најмалку по примерот на Охридскиот рамковен договор. Имаат докази колку пасоши издале, заедно со изјавите – за Бугари по род.
Така е бидејќи наш клучен проблем сега е самата преговарачка рамка, а не Уставот. Прво, преку неа, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Второ, со главната улога на историјата, рамката е одлична формула за бришење на Македонците. Еве ги доказите за тоа.
1. Во став 5 од рамката стои дека клучна ќе биде – „… посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучувајќи и преку постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според член 12“.
1. 1. Апсолутно е неприфатливо, рамката да обврзува спроведување на некакви годишни прегледи или протоколи, дури и такви коишто ќе треба (значи ќе мора!) да се потпишуваат во иднина. Тоа недвосмислено значи дека Софија: прво, ќе уценува со спроведување на вториот протокол, којшто е погубен за нас; второ, ќе инсистира да има нови годишни протоколи; трето, тие ќе бидат можни само ако има наши нови отстапки во Историската комисија (Гоце, Илинден…); четврто, ако нема нови протоколи, ќе значи дека не се спроведува договорот за (не)пријателство, што ќе биде крунски аргумент за прекин на нашите преговори.
1. 2. Ако е веќе нормално спомнувањето на двата договори во рамката, крајно неприфатливо е за нивно спроведување да одговара само едната страна. Обврската мора да биде двострана. Веќе има јасни докази дека другите целосно ги игнорираат своите обврски. Бугарија, на пример, место да го промовира членството на Македонија во Унијата, таа го блокира! Грција, пак, не спроведува ништо од тоа што прифатила. И двата договори се крајно еднострани, и ако не се откажат или ревидираат, уште долго ќе имаме тешки и непремостливи проблеми со нив.
1. 3. Годишните протоколи/прегледи единствено и целосно ќе зависат од резултатите на Историската комисија. Тоа е интересот на Бугарија. Македонија нема никаков простор за нови отстапки, а тоа значи дека нови протоколи – ќе нема. А, ги нема ли, и за Софија, ама и за Брисел, ќе биде знак дека договорот не се спроведува. Тоа ќе биде крај на преговорите.
1. 4. Тоа ќе се случува и со, и без одложено дејство во Уставот. Така е според рамката. И во двата случаи ќе биде неспорно право на Софија да бара права за Бугарите. Ако не се промени рамката, апсолутно никој не може да гарантира дека сето ова нема да се случува. Нема теоретска шанса, пак, Бугарија да ги менува своите политики кон Македонија.
2. За да не остане нешто недоречено, во став 48, последен од рамката, се нагласува – „… Комисијата ќе посвети посебно внимание на заложбите на Македонија за добрососедски односи и регионална соработка како што е наведено во (цитираниот) став 5 и ќе ја информира Меѓувладината конференција за нивното спроведување“.
2. 1. Ова е недвосмислена потврда дека Договорот, и особено протоколите потпишани со Бугарија, ќе бидат клучни за напредокот на Македонија кон Унијата. Се’ ќе ни зависи од нивните историчари коишто, пак, никако не смеат да прифатат дека ние не сме креација на Тито! Поточно, Бугари по потекло.
3. Со таквите бугарски ставови, нема теоретска шанса Историската комисија да даде некакви резултати. Софија е свесна дека ова е нејзина историска можност да го кутне македонизмот. Со право на блокади и вета, ќе инсистираат на брзи резултати на Историската комисија, што е невозможна задача. Така ќе го блокираат напредокот на Македонија.
4. Во „Предлог – заклучоците“ на Советот, повторно се инсистира на – „видливи резултати и од спроведувањето на билатералните договори…“; „Советот го поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор“; „Советот ја поздравува намерата на Македонија, да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани… како што се Бугарите“; Македонија ќе ги започне преговорите – „веднаш штом ќе ја спроведе својата заложба за завршување на горе спомнатите уставни измени…“.
4. 1. Формулацијата дека уставните промени се „заложба“ на Македонија е срамно подметнување на Унијата. Македонија беше на силеџиски начин присилена да го прифати тоа.
5. И во четвртиот документ, усвоен на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, насловен „Заеднички став на ЕУ“, и поднаслов – „Воведна изјава на ЕУ за преговорите за пристапување“, повторно се нагласува важноста на вториот протокол со Бугарија. Тоа е нов додатен доказ дека напредокот на Македонија зависи од протоколите.
Разнебитувањето на Македонците, со цел тие да се бугаризираат, коешто Софија успеа да го подметне и во преговарачката рамка, не е нова политика. Прв пат јавно, таа е прецизирана во 2017 година, од Плевнелиев, набргу откако му престана мандатот претседател на Бугарија. Тогаш, тој ни го кажа тоа што, додека беше на функција, не смееше – „Македонија може во ЕУ, ама не и македонизмот“. Поточно – без Македонците. Тоа е точно ова што ни се случува сега. Процесот не е случаен, и зад него стојат и други фактори.
Преговарачката рамка е формулирана врз основа на максималистичките барања на Софија, коишто понизно ги прифатија македонските политички аматери и предавници. Факт е дека се’ се одвиваше под жесток притисок на Франција, тогашен претседавач со Унијата, која бараше сопствен успех. Затоа решението и се нарекува – „француски предлог“. Тоа не е никакво оправдување за нашата срамна капитулација.
Формално, таа се случи на 17 јули 2022 година, во Софија, кога Бујар Османи го потпиша вториот протокол. Тогаш, Македонија прифати да ги внесе Бугарите (како „Тројански коњ“) во својот Устав, а историјата да биде главен услов за нашето напредување кон Брисел. Така се дојде до рамката.
Денес, логично е прашањето – зошто Софија и Брисел би се откажале од своите драгоцени придобивки? Зошто да го враќаат пленот којшто им бил подарен од нашите некадарници? Немаат никаква причина за тоа. Проблемот е наш и ние треба да го решаваме. Тоа е можно само со исправање на направените грешки, и со барање на што поширока поддршка во Брисел и кај членките. Софија, доживеа незамислив дипломатски триумф од којшто сигурно нема да се откаже.
До сега, се’ правевме по туѓ диктат и – за лажни ветувања. Нѐ прекрстија, колку пати ни го сменија Уставот… и се’ за џабе. Ова ќе биде прв пат сами да одлучуваме. Тоа е неопходно, ако сакаме да преживееме како народ. Првичните реакции ќе бидат жестоки и дома, и особено надвор, ама друга реална алтернатива – нема. Нашите „стратегиски партнери“, до сега нѐ советуваа – морате да донесете непопуларни и тешки одлуки! За да нѐ прекрстат, де. На наша штета. И сега мораме да сечеме, ама во наша корист. Ние сме на потег.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.