Ристо Никовски

Пред да стане дел од ЕУ, Владата на Словенија своите седници ги започнуваше со еден час посветен на подготовките за членство. Надлежните реферираа што е во меѓувреме направено, кои се проблемите и се донесуваа задачи за сите. Тоа е корисно искуство. Кај нас, со оглед дека членството во ЕУ е, сепак, далечна иднина, истата практика може прво да ја спроведеме за борбата против криминалот и корупцијата. Во истиот „пакет“, би можело да се стават и владеењето на правото, со реформа на правосудниот систем.

Откако поминаа првите 100 дена на Владата, може да се оцени дека се враќа надежта, иако очекувањата се големи. Државата беше во тотален хаос. Ем ништо не функционираше, ем насекаде имаше масовни злоупотреби. Кога слушаш и читаше што се’ се правело, просто не можеш да веруваш! Катастрофа од општ карактер.

Новата власт започна со сериозни иницијативи, и за тоа заслужува признание. Отворија многу фронтови и постигнаа првични резултати ама, се чини, се’ уште немаат јасна слика како да ја водат главната битка, а таа е против криминалот и корупцијата. Прво, не е јасно кој е носител на тој клучен проект. Второ, тоа мора да биде вицепремиер со најшироки овластувања, којшто ќе формира и еден вид на државен штаб, или центар, за оваа обемна и долготрајна операција.

Се чини дека таквиот застој, ако така може да се нарече, е резултат на преокупираноста со реформата на правосудниот систем, за која не е најдено решение. Сепак, тоа не е оправдување зошто нема офанзива против криминалот и корупцијата. Мора да се разликува расчистувањето со минатото, што е веќе започнато, со спречувањето на праксата, што е поважна задача, Правосудството е суперструктурата во оваа борба, а таа мора да се води во базата, таму каде што се остварува. Треба да се средува и правосудниот систем, за да ги дочека спремен криминалите што ќе бидат откриени.

Системот за борба против криминалот и корупцијата треба итно да се структурира и веднаш да започне најинтензивно да функционира. Тоа е рак – раната на нашето општество и, иако за ракот се’ уште нема лек, за корупцијата секако има. Зависи, исклучиво од нас. Брзото делување е важно бидејќи без радикално намалување на овие две зла, државата нема побрзо да напредува.

По формирањето на системот, првиот чекор мора да биде подготовка на соодветна, добро осмислена стратегија за борба против ова зло. Без тоа, ќе се вртиме во маѓепсан круг.

Вториот чекор треба да биде изработка на список на сите институции каде се знае или се претпоставува дека има корупција. Тоа не е тешка задача. Сите знаеме кои се тие.

Потоа, со решение/упатство на Владата, или на друг начин, сите тие институции треба да имаат обврска да формираат комисии за борба против корупцијата. Една на ниво на институцијата и поткомисии, се’ до најситните организациони единици, таму каде што ќе има таква оперативна потреба.

Четврто, сите овие комисии ќе мора да поднесуваат редовни извештаи (месечни, тромесечни, полугодишни…), за тоа што преземале, и што постигнале. Поткомисиите до централната во институцијата, а таа до државниот штаб или центар.

Деновиве, беше објавено дека во Катастарот имало преку 3.000 нерешени барања и дека за кусо време, новиот директор тој број го намалил на околу 800. Што мислите, зошто имало толку нерешени предмети? Одговорот е јасен – од странките, на коишто нормално им се брза, се чекало да дадат рушвет!

Со голема сигурност може да се тврди дека веднаш, штом ќе започне една ваква, масовна операција – ќе има позитивни резултати! Ќе има намалување на криминалот и корупцијата можеби и од неверојатни 50 проценти! Јавноста ќе ја следи акцијата на дневна основа, и на сите ќе им биде јасно дека анархијата – заврши. Секој ќе се замисли пред да прими, уште повеќе пред да побара рушвет, или да мести тендери. Во сите институции се знае и кој е корумпиран, и кој работи чесно.

Најголемиот криминал е секако во тендерите. Според некои информации, државата на тој начин годишно троши повеќе од милијарда и половина евра. Ако само еден процент од тие пари се злоупотреби, тоа се веќе 15 милиони евра!?

Проблемот бара радикално решение бидејќи сите знаеме за масовната злоупотреба на тендерите. Дали тоа треба да се бара на ниво на државата? Дали за сите потреби, вклучувајќи ги и општините, и јавните претпријатија, треба да има некој вид на централна државна комисија за тендери? Барем на привремена основа? Треба да се консултираат домашни експерти и да се бараат странски искуства како да се спречи овој тежок криминал. Со циркулар, од сите наши ДКП во странство, може да се побара да се интересираат кај надлежните во земјите на акредитација како тие го решаваат проблемот со корупцијата при тендерите? Нема дилеми дека проблемот е светски, а не само наш.

Ако се оди на централно решение, може да се регрутира и поширока група од 100-тина експерти, од разни области, кои би добиле одредени лиценци за таа функција којашто, барем поголемиот дел од нив, би ја извршувале надвор од работното време. Според видот или областа на тендерот, од нив би се формирала потребната комисија, плус претставник/ци од институцијата, којашто го распишува.

Ова е само лаичко размислувања на тема којашто е моментално клучна за државата. Корисно е да се развијат разни опции. Кога ќе се помисли какви непроценливи и трајни штети има државата заради наместени тендери, секој трошок би бил ситен. Впрочем, директно земениот рушвет е најмалиот проблем. Вистинските последици се неквалитетно изградените објекти, со коишто мораме да живееме. Ако место пет сантиметри асфалт се стават четири и пол, патот нема долго да издржи, и пак ќе возиме низ дупки! Истото важи и ако договорениот квалитет на асфалтот, цементот… се намали за пет проценти. Не е случајно што квалитетот на нашите патишта е најлош во регионот.

Или, поблизок пример за сите. Кога се обележуваат улиците, патиштата, пешачките премини… место квалитетна бела боја, се користи некаков сурогат којшто трае три, четири месеци. Во светот, одбележаното белее цела година и подолго. Затоа, нивните градови личат на урбани центри, а нашите на 19 век, а патиштата ни се небезбедни и на нив масовно се гине.

Во сите тие случаи, ќарот на изведувачите е огромен а, заради малата корупција којашто ја дале, никој не се осмелува да го контролира квалитетот на нивните изведби.

Со цел да се обезбеди максимална чесност во работењето на централната тендерска комисија, ако се оди на такво решение, или на членовите на сите други комисии, особено за тендерите од поголема вредност, би можело на ангажираните да им се контролираат комуникациите, врз основа на нивна согласност.

Во Југославија, на пример, во Државниот секретаријат за надворешни работи (МНР), каде имавме пристап до доверливи, и строго доверливи документи, потпишувавме изјава дека сме согласни нашите комуникации (телефони, писма…) да бидат контролирани. Ова искуство може да се користи и при оваа акција.

Традиционално, државата реализира мал процент од Буџетот наменет за инвестиции бидејќи главен проблем се токму тендерите. Заради корупцијата, тие се одолговлекуваат, компликуваат, некои ги избегнуваат… и работите не одат. Со еден радикален пристап, се чини, максимално ќе може да се зголеми и ефикасноста на власта.

За крај, уште еден парадокс, којшто може веднаш да се надмине. Досега, Јавното обвинителство (ЈО) не реагирало на извештаите на Државниот завод за ревизија! А извештаите регистрираат едно чудо злоупотреби во голем дел од државните институции. Во општина Тетово, на пример, во времето на Теута Арифи, имало повеќе десетици „вработени“ коишто земале плата, а не оделе на работа! Некои си работеле и во странство!? И никому ништо. Владата мора да обезбеди овие извештаи по автоматизам да бидат поле за акција на ЈО. Инаку, чуму Државен завод за ревизија?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.