Васко Шутаров
Јавната дебата и јавната полемика се огледало на едно општество и на една држава. Дебатата и полемиката на јавна сцена се и огледало на демократијата, бидејќи демократските општества се втемелени во јавната полемика и дебата, во слободата на говорот и слободата за изразување на мислата.
Од историјата на политичката мисла доволно е да се присетиме на две исклучително квалитетни, луцидни и, пред сè, интелигентни полемики кои биле spiritus movens на општиот развој на духовноста и политичката зрелост на човештвото во одредени историски периоди.
Антологиска е полемиката на славниот писател Виктор Иго во време на незаконското укинување на парламентарната дипломатија во Франција од страна на Луј Наполеон Трети, кога и покрај комодитетот што го имал како член на Француската академија и на уставотворното и законодавно собрание, Иго, целиот свој интелектуален, политички и книжевен капитал го вложил во борбата против антипарламентарниот устав и станал најголем политички опонент и најголема опасност за тогашните француски власти. Неговите јавни полемики биле толку моќни и влијателни, што морал од безбедносни причини, заедно со семејството, да ја напушти Франција и некое време прибежиште да најде, најнапред во Брисел, а до 1870 година и на малиот британски остров Гернзи во Ла Mанш.
Денес, неговите моќни интелектуални полемики се трајно вградени како нешто посебно вредно и значајно за моќта на слободната и независна мисла, како за Франција, така и за Европа и за целиот демократски свет!
Уште една јавна полемика од политичката историја на Франција оставила неизбришлива трага во светската историја на политичката мисла и развојот на демократијата. Тоа е интелектуалната и витешка борба на големиот писател Емил Зола, против неправдата нанесена на францускиот капетан со еврејско потекло, Алфред Драјфус. Обвинет, без ниеден валиден доказ дека шпиунирал во корист на Германија, Драјфус бил осуден на доживотен затвор, а Емил Зола ја започнува брилијантната јавна полемика и денес препознатлива преку неговото отворено писмо со наслов, „Обвинувам“! Во ова мало ремек-дело од јавната полемика и книжевната реч, Емил Зола бескомпромисно полемизира со погрешните и крајно штетни политики во кое тогашното судство, со политички налог влегува во антисемитска завера, во која невино е осуден капетанот Драјфус. После неколку години од ова писмо, Драјфус е ослободен од вина, а Драјфусовата афера и денес се спомнува како исклучителен пример за авторитетна и моќна јавна полемика која станува посилна од неправедното политичко обвинување и осудувањето невини луѓе.
Вештото полемизирање на Емил Зола со тогашните француски власти останува парадигма за неприкосновеноста на слободата на мислата, моќта на аргументот и силата на интелектуалната реч! Или, кога писателскиот збор на вистината станува помоќен од лагите на судската реч!
И на поблискиве балкански простори, се случувале моќни јавни полемики кои, или навестувале одредени општествени промени, или биле една од нивните причини. Хрватскиот книжевен бард Мирослав Крлежа со своето остро книжевно перо и профетски дух да антиципира важни општествени движења, се наоѓал повеќекратно во таква историска и корифејска улога. Познати се неговитејавни полемики со познати српски интелектуалци пред почетокот на Втората светска војна, во промоцијата на југословенската култура по војната, како и во иницијалните акции за посебност и самостојност на хрватскиот од тогаш службениот српско-хрватски јазик.
„На Балканот пред да започне жолчна расправа, секогаш се гасат фенерите“, ќе напише Крлежа во една своја позната книжевна полемика, но тој самиот лично, своите лични битки против она, што за него претставувало општествена неправда или политички неморал, ќе ги води на сите начини, што јавно и отворено, а што тајно и во затворени формации! И ќе успева во тоа!
Ако овие примери за моќта на интелектуалниот глас во јавната полемика, кој може од темел да го растресе едно општество и да ја ослободи потребата од јавно соочување на слободно изразената мисла, не се доволни, тогаш во прилог може да ја споделиме и најпознатата македонска јавна полемика во повеќе од тридеценискиот транзициски развој на државата.
Честа Македонија да влезе во антологиите на амблематични јавни соочувања и дебати ја имаат, никој друг, туку некогашните лидери на двете најголеми македонски партии, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Годината е 1998, а поводот се парламентарните избори, кога во завршниот ТВ-дуел на македонскиот јавен сервис, не само што не згаснаа фенерите пред типично балканската жолчна расправа во најава, туку пред цела македонска јавност се излеа канонада од лични навреди од најпримитивен можен вид: „Ти си шизофрен!“..„Tи си бугараш!“..„Tи си предавник!“..„Tи пиеш шише виски и се трезниш со грам кокаин!“
За жал и толку години потоа, останавме замрзнати во одразот на таквото напукнато огледало од сите наши македонски непремостиви поделби, а нивото на сите подоцнежни јавни полемики и дебати, само во исклучително ретки и, пред сè, критични моменти се надминуваше – и тоа најчесто со поттикнувања и поддршка од надвор! А најжално од сè е, што во овие силни пропуштени години за градење сопствена држава и развој на сопствени демократски капацитети, не ги осознавме најубавите можности кои се кријат во раскошот од дебатата и полемиката во различностите и спротивставеностите и не ја ослободивме таа акумулирана енергија содржана во нив.
Јавната полемика може да биде моќна и општествено влијателна, кога во отсуство на други јавни расправи и дебати неа ја водат бескомпромисни интелектуалци од посебен ков: интелектуалци со стамен интегритет и сосеопшт респект! Но за жал, таквите моќни и влијателни полемики кои знаат да прекорат, а кога треба и да ја жигосаат власта за водењето некоректни и штетни политики, се исклучително ретки, а денес се и максимално релативизирани од актуелните власти и освен во потесни интелектуални кругови остануваат без посебно влијание во пошироката општествена заедница.
Денес, ќе беше каде каде понормално (еден и пол век по Виктор Иго и Емил Зола!) местото на индивидуалната јавна полемика, организирано и одговорно да го пополнуваат државата и властите, со водење јавни расправи и дебати по сите отворени или контроверзни општествени теми и случувања! Тоа е една од најсуштинските одлики и мерни единициза квалитетна модерните демократски општества! Државите и владите кои знаат и умеат да градат демократски капацитети, во ваквиот контекст посебно го негуваат и поттикнуваат гласот на академската средина, гласот на науката и независната граѓанска јавност. Во таквите јавни расправи и дебати на високо респектабилно ниво, основната аргументација секогаш е заснована во знаењето, научните, материјални иискуствени податоци или (у)верувањето! Или што би рекле: „Со аргументи, господо, а не со трици и кучини!“
Но, и најдобрите аргументи ако нема кој да ги слушне, соочува и арбитрира – чуму ќе ни се! Тоа е и најчестата болка на веќе доволно первертираните транзициски демократии, како македонската, во кои наместо суштински, најчесто се водат само формални расправи и дебати, колку да се слушне за нив и исполни некаква обврска или бројка! Ни повеќе ни помалку од тоа! „Кој ќе ги слуша сега како попуваат, аман више од нив”, тоа е најчестата мантра на најслабата алка во водењето редовна, суштинска и квалитетна јавна дебата, заедно со уште потоксичната мантра: „Отсекогаш ние така сме го правеле тоа, што има сега некој да ни дава ум како треба?!“
Таа најслаба алка во синџирот од јавни полемики и дебати, неопходни за здрав демократски развој за секое општество, во македонскиов случај е длабоко усидрена во власта и структурите на власта – токму во она родно место кое треба да генерира промени кон подобро и постојано да води отворени јавни дебати како на најдобар и најлесен да се оствари тоа општо подобро! Слабоста на таквата алка во синџирот од водењето јавни расправии дебати е во нејзиниот кревок интегритет, тенкиот академско-интелектуален кредибилитет, слабата и површна професионална подготовка и суштинско непознавање на проблемите кои треба да се менаџираат и решаваат. Во ваквиот контекст од комплекси и слабости, природно си доаѓаат анимозитетот, презирот и стравот кон сите кои повеќе или подобро знаат и ги познаваат темите и проблемите, па таквите или се обидуваат да ги претворат во нивна постојана клиентела, или ако не успеат во тоа, ги доживуваат како нужно зло. А тоае најдобро кога е потполно маргинализирано или потполно отстрането и замолчано!
Доволно ли е во овој контекст, да се сетиме на сите наши промашени и изјаловени јавни дебати кои требаше да донесат реформи, а наместо тоа, нè доведоа до ова трајно транзициско, никогаш до крај реформирано и комплетно имобилизирано за промени општество, во кое е создаден идеален законски меѓупростор да царуваат криминалот и корупцијата, волунтаризмот и клиентелизмот, полтронството, некомпетентноста и неодговорноста! И сите наши дебати, од неодамнешните образовни, преку уставните, до дебативе за родовото сензибилизирање деновиве, се водат по истиот ред на нештата и само кобајаги: „Дај види таму, свикај некоја расправа – викни ги нашите и нешто од граѓанските – и гледај да не се расплинуваат многу – колку можеш побргу завршиго тоа – еве, прашуваа пак странците завчера, до каде смесо ова?!“ Звучи искарикирано и карикатурално?! Во пракса е и повеќе од тоа!
Зад отсуството на јавна полемика и јавна дебата најчесто се крие многу длабок и интимен страв, конкретни ликови од власта да не доживеат јавен срам – што од незнаење, што од неумеење, што од некадарност за водење квалификуван дијалог и конструктивна полемика! И штитејќи ги таквите, токму од нас избрани, останавме на нивото на симулирани јавни расправи, колку некој однадвор да вкалкулира некаков плус или некаков напредок, или кога јавноста крајно ќе се констернира, па „ајде, да симулираме некаков дијалог, дури не стивнат страстите?!“
Секоја чест на ретките исклучоци од главново правило, претставници на академската заедница, политичари или медиумски работници кои се обидуваат сè уште да го надминат веќе стандардизираното ниво на дебата од славниот ТВ-дуел од 98-та, но генерално, линиите на поделби и нивото на полемика си останаа исти! За жал! А, ние како држава и општество, не се променивме ни за јота и не исчекоривме квалитативно напредни за милиметар!
А требаше само да научиме меѓусебно да разговараме, да се разбереме и да правиме добри дела! И преку постојана дебата, ако веќе мора – и со ракија и со салата!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.