Васко Шутаров
Кога најстариот мудрец имоставил аманет на своите ученици: „Зачувајте го детето во себе!“, на светот и на сите генерации потоа, им ја оставил и највредната древна мудрост, злато вредна и до денешни дни. Додека е живо детето во вас и во најзрели години, вие ќе умеете да се играте, да лудувате и да сонувате, да создавате и да осознавате, да живеете и да му се радувате на животот! Нема побистро, почисто, подлабоко и подалековидо око, од окото на дете! Тоа дете кога е заиграно, си игра на создавање иднина и во многу животни ситуации може да биде ваше најголемо богатство и негов најсигурен водич во животот!
Кога мислиме на детето во нас, мислиме пред сè на дете внесено во некоја своја игра или љубопитно заитано кон некоја своја далечина. Децата и со ширум отворени очи сонуваат и освојуваат некои свои далечини. Растењето и освојувањето кај детето одат секогаш рака под рака.
Токму кога ми се будат сеќавања од детството во ваквите врели летни денови и ноќи како сегашниве, ми текнува, дека секогаш најчесто се фаќав за една многу пати читана и неброени пати прелистувана книга, а се викаше „Славните морепловци“. Не паметам кој беше автор на романот, но живо се сеќавам на морепловците Џејмс Кук и Абел Тасман, нивните авантури во освојувањата на далечните прекуокеански земји, борбите со природните непогоди, бунтовите на екипажот, средбите и борбите со домородното население во новооткриените земји и честите борби со гусарите кои им го загрозуваа патот. Под секое поглавје во романот имаше илустрации кои така впечатливо го визуaлизираа напишаното. Една од најдраматичните илустрации беше онаа каде славните морепловци се нападнати од пирати или гусари! Тие искривоколчени ликови од алчност за пљачкање, како пресликани од романот од детството, во реалноста, многу години подоцна, ги препознавав во многу македонски политичари.
(И кога со децении собираното знаење од политичките, социолошките или културолошките науки ќе крене раце од каков било научен третман во барањата одговори за крајно девијантното владеење на актуелните македонски власти, сè уште живото и љубопитно дете во мене само ќе ме потсети, дека тоа се само обични гусари, како и сите останати во долгата светска гусарска традиција.)
Многу години подоцна, истото живо и љубопитно дете, разбира која е разликата помеѓу пиратите и гусарите! Разбирадека пиратите ги имало уште во антички времиња (уште во Стариот Египет), дека се појавиле паралелно со првата трговија водена по морски пат и дека името што Старите Грци им го дале, во слободен превод значи:„да си ја пробаат среќата“! Историјата вели дека и Цезар бил грабнат од пирати, но бил ослободен со голем откуп, а дека римскиот генерал Помпеј, кога Римската империја вистински го посакала тоа, успеал да спроведе големо антипиратско чистење и да овозможи слободна трговија ширум Средоземното Mоре. И секогаш кога на големите светски и поморски сили пиратите им задавале проблеми и вршеле големи грабежи, тие и успевале во големи поморски акции комплетно да ги уништат! Тоа во антички времиња го правеле моќните Атина и Рим, а во својот најголем подем, во една таква акција кон крајот на 18 век, Британската Империја успеала сосемa да ги уништи вештите пирати од Индискиот Океан.
Еден век подоцна, во слична таква борба против британската империјална доминација, се раѓа и легендата за „Тигарот од Малезија“, легендарниот принц-пират од нашето детство, кого го следевме како маѓепсани на малите екрани и собиравме албуми со сликички од него. Нормално, станува збор за Сандокан, трајно мемориран лик за еден поинаков, харизматичен пират со благородна и праведна мисија и лик каков што (за жал!) не препознаваме меѓу галеријава од ликови на гусари кои актуелно владеат со нас!
Години и години подоцна, разбираме за тенката, но значајна линија на раздвојување помеѓу пиратите и гусарите-овие вторите освен што пљачкаат за себе, неретко во тоа се поттикнувани од страна, од нивни домашни или владетели од големите светски сили. Најдобрите гусари меѓу нив, не само што биле искористувани во ослабувањето на конкурентските и често непријателски поморски сили, туку биле и наградувани со високи државни позиции и одличја од нивните господари!
Познати се легендите поврзани со најпознатиот северноафрикански гусар Хајредин Барбароса – Црвенобрадиот, кој на врвот на својата гусарска слава, во средината на 17 век, станал адмирал во воената морнарица на Османлиското Царство. Англичаните и Французите, век порано, во најголемиот подем на шпанската колонијална моќ, помагале цели гусарски заедници, наречени „буканири“ кои ги населувале на Карибите, за да можат полесно да ги пресретнуваат и пљачкаат шпанските конвои бродови, натоварени со богат колонијален плен од ретки минерали и скапоцености, одземени од покорените Инки, Маи и Ацтеки. На Далечниот Исток пак, во почетокот на 19 век, крстосувале преку 150.000 кинески гусари под водство на легедарниот Ќинг Ји, еден од најуспешните и најславните во долгата историја на гусарството. Неможејќи да му се спротивстават, кинеските власти почнале да го поддржуваат во неговите гусарски потфати против британската бродска флота и трговијата со опиум, а во моментите на неговата најголема слава, заедно со најблискиот тим гусари, Ќинг Ји официјално влегува во највисоките ешалони на кинеската царска воена морнарица.
За гусарите кои пљачкале за себе, но работеле и за домашни и за туѓи владари, се раскажува дека им немало рамни во суровоста. Не почитувале никакво витештво во борбите, не признавале никакви правила на морското војување, грабеле и товареле секакво богатство до кое доаѓале, обесчестувале, понижувале и сквернавеле, а на своите владари, нивните вистински господари, како дар и доказ за лојалноста им ги положувале симнатите симболи и обележја на уништените славни бродови.
Македонскиот прилог во модерното гусарство
И каков може да биде придонесот на Македонија, во долгава светска историја на пиратството и гусарството, според напишаново погоре?!Некој буквалист веднаш би рекол: „Ма, ајде, како може во една земја без море и без поморска флота и бродови да има гусари?!“ Без оглед на тоа што буквалистот нема да сака ни векови наназад, ни во денешниве дни да ги види полните бродови непроценливи богатства кои од Македонија се краделе,се товареле и се изнесувале- и уште се краде, се товари и се изнесува, сè највредно што земјата и државата имаат. Сосе најважните симболи, сосе специфичните идентитетски обележја, сосе автентичните суштински карактеристики, сосем во склад со некогашната најдобра гусарска практика и уште толку во склад со потребите на актуелниот геополитички ред и поредок!
Кога мислиме на македонскиот придонес во историјата на пиратсвото и гусарството, доволно е за почеток да се присетиме, кој сè „си ја пробал среќата“ (од слободниот превод за пиратите) и успеал да стекне богатства, не оставајќи ѝ за возврат ништо вредно на државата! А за гусарите – „наше горе лист“, не може, а да не помислиме најнапред на четите гусари водени од првиот премиер и неговиот прв заменик-премиер! И првата слика која стана симбол и одлика на нивното владеење – онаа, со ништо непредизвиканата, разулавена и збесната маса фудбалски навивачи што дивее во големата сала на Македонскиот народен театар! Денес треба да ни биде потполно јасно, дека тоа сквернавење на македонскиот храм на културата, требаше да биде своевидна промоција на еден новокомпониран гусарски филм, кој реално веќе го живееме и на кој немаме право ниту да му се исчудуваме – како тоа Македонија од срцето на континентална Европа, во 21 век стана гусарска оаза и вистински гусарски рај?! Овде владеењето на правото е гусарско право, овде борбата против криминалот и корупцијата е гусарска борба, овде реформата на судскиот систем е гусарска реформа, управувањето со институциите е гусарско, а севкупното владеење – апсолутно гусарско!
И затоа, денес, стана така нормално, на ликови кои и вистински наликуваат на друмски разбојници да им се доверуваат улоги на главни актери во градењето автопатишта, бидејќи умеат само со „чесен гусарски збор“, совршено и за себе и за своите господари, повеќе да крадат, отколку нешто да изградат. Кога мислиме на новокомпонираниов брод со гусаришто владее со Македонија, може ли да не помислиме на стариот и недопирлив езерски гусар од градот на браќата Миладиновци, кој си владее надвор од секаков закон, останувајќи недопирлив за 30-ина сомнителни кривични недела, за кои судската власт не успеала да отвори и затвори ниту еден? Кога мислиме на македонскиот дел од пеколот поврзан со процутот на модерното гусарство, може ли да не ни падне на памет експлоатацијата и трговијата со македонското рудно богатство-апсолутно во склад со најдобрата традиција на првобитното и најславно гусарско време?! На „чесен гусарски збор“ се убедиле министрите во типично гусарскава влада, дека е така нормално и толку пожелно да се актуализира отворањето на т.н. „рудници на смртта“, во најубавиот и најплодоносниот регион во државата.
Кога мислиме на Македонија како вистински гусарски рај за грабење, крадење, товарење и пустошење, на ум ги имаме и најсвежите анкети, на кои граѓаните со високи 90% процентисе изјасниледека сиромаштијата, нискиот стандард, високитецени, економскатаситуацијаи невработеностасе нивен најголем животен проблем и патем, дека само 4% од граѓаните имаат доволно приходи за комотен живот?! Кога мислиме на Македонија, загосподарена и завладеана од гусари, мислиме на македонско образование без учебници и свидетелства, мислиме на македонско здравство без лекови за животно најзагрозени пациенти, мислиме на македонска полиција која од животна и егзистенцијална мака, домашната униформа ја менува за некоја обезбедувачка во странство, мислиме на хектари и хектари плодно земјоделско земјиште, необработено и запуштено, мислиме на стотици и стотици запустени македонски села и преполовени македонски градови, од демографската чума која оди рака под рака со гусарското господарење и владеење.
П.С. Кога најстариот мудрец имоставил аманет на своите ученици и им ја споделил највредната мудрост: „Зачувајте го детето во себе!“, сакал светот да има иднина, да има игра, да има слобода, да има спокој и креација, сакал светот да има обмислена иднина! Посакал сè она што децата на Македонија, на „чесен гусарски збор“, во меѓувреме го изгубија!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.