Глобалното движење Fashion Revolution (Модна револуција) годинава одбележува 10 години активизам и залагање за етичка, одржлива и фер модна индустрија за сите. Во текот на Неделата на модната револуција што годинава ќе се одржи од 15 до 24 април, тимот на Fashion Revolution Macedonia како огранок на глобалното движење, организира неколку настани во Скопје со што градот станува дел од глобалната акција за одржлива мода.

-Овој 20 април станете модни револуционери со тимот на Fashion Revolution Macedonia. Организираме размена на облека во Бафо! Изберете ТРИ парчиња од вашиот гардеробер кои веќе не ги носите, а се во нослива состојба, и донесете ги да ги размените, чисти и уредни. Ве охрабруваме на секое парче што ќе го донесете за размена да ставите етикета со кратка приказна за тоа парче, кој е најдобриот начин за негово одржување и зошто го сакате. Овојпат ќе разменуваме само облека, па ако имате обувки, чанти и модни додатоци чувајте ги за следната размена која можете да ја организирате и самите, најавуваат организаторите.

Паралелно со размената на облека во Бафо, ќе се одвива Работилницата – Mend in Public Day со еко пријателите од Театар Сенки и Облаци, за која е отворен повикот за пријавување , а на која посетителите ќе можат да ги совладаат основните техники за поправка на облека од искусни шивачи.

На тема одржлива мода на 16 и 17 април во Europe House во Скопје ќе се одржи и дводневната ревија на моден филм.

-Горливите теми во модната индустрија, кои се движат од експлоатација на работници до деградација на животната средина, претставуваат застрашувачки етички и одржлив предизвик. Сепак, филмот нуди моќна алатка за анализа на овие сложености и поттикнување на акција. Ве покануваме на дводневната ревија на моден филм што ќе се одржи на 16 и 17 април во удобниот простор на нашите еко пријатели Europe House во Скопје. Покануваме претставници на медиумите, студенти, ученици активисти, инсајдери во индустријата и секој кој сака да дознае нешто повеќе за одржливата мода да ни се придружи на проекциите, велат организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.