Во Младинскиот културен центар денеска ќе се одржи четвртата, завршна вечер на „OFFest“ во чии рамки ќе може да се проследат концертите на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет ВОЛОСИ (VOLOSI) со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем КАЛАТА (KALATA), како и познатиот српски модерен етно колектив НЕЈКИД (NAKED), информираат организаторите на Фестивалот.

ВОЛОСИ, нагласуваат тие, е феномен на светската музичка сцена. Бендот е основан во 2010 година кога виолинистот Кшиштоф Ласон и виолончелистот Станислав Ласон, длабоко во срцето на Карпатите, запознале тројца исклучително талентирани традиционални музичари.

Нивното деби на фестивалот The New Tradition во 2010 година им ги донесе сите можни награди. Една година подоцна, нивното дело „Dusk“ ја освои Гран при наградата „Svetozar Stracina“ на Европската радиодифузна унија (EBU) во Братислава за најдобра европска фолк композиција. Во 2012 година нивниот прв албум беше рангиран меѓу водечките на World Music Charts Europe. Оттогаш, Волоси се постојано на турнеја. Со текот на годините тие создадоа оригинален стил кој ѝ пркоси на дефиницијата: динамичен, исполнет со страст и софистициран во исто време. Надминувајќи ги границите на гудачките инструменти, тие отидоа многу подалеку од тоа, постигнувајќи нешто уникатно, израснато од карпатските корени, а сепак модерно, моќно и емотивно. Нивната музика е под влијание на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, што резултира со прекрасни, емотивни и прогонувачки мелодии кои одушевуваат и фасцинираат. Но, Волоси немаат само слатки мелодии, тие едновремено носат силна доза на енергија што покренува движења. Тие имаат преку 820 концерти низ целиот свет, со настапи на најпрестижните фестивали и концертни сали. Иако музиката на Волоси звучи толку познато, таа e навистина целосно оригинална и неповторлива, се вели во соопштението од организаторите на „OFFest“.

КАЛАТА е неофолк бенд формиран во 2018 година во Скопје, кој почнува како проект на Симеон Ангеловски и Минела Богдановиќ.

Препознатлив по својот автентичен звук, овој состав во својата музика исцртува паралела меѓу источната и западната култура, со посебен акцент на традиционалната македонска музика. Музичарите, без ограничувања, се потпираат врз своите чувства и инспирација, слободни да го свират она што нивната имагинација ќе го побара. Целиот концепт на бендот се заснова врз сензибилитетот и креативноста на младите музичари, кои преку љубовта кон модерните ритмови и музиката на својот народ го обликуваат оригиналниот звук на Калата, потенцираат од Фестивалот.

Од 2018 година, Калата има настапувано низ целата земја, вклучително и на Д Фестивал, Музичката конференција ПИН, Здраво Млади, Македокс, како и на некои европски фестивали: Mercat de Música Viva de Vic / MMVV (Барселона, Шпанија) и Balkan Most Festival: Showcase & Conference 2023 (Веспрем, Унгарија). Нивниот деби албум „Калата“ е подготвен и ќе биде објавен наскоро, во текот на 2024 година, а концертно ќе биде претставен на 23. OFFest. Калата е, во исто време, дел од MOST Music Programme – балканска музичка експорт иницијатива што поддржува „world music“ уметници и бендови од Балканот. Бендот денес брои 6 членови.

Името НЕЈКИД , нагласуваат организаторите, е синоним за отворено срце и чиста душа. Идеите за слобода, надеж и љубов отсекогаш го инспирирале творештвото на овој српски бенд, еден од највиталните експоненти на денешната балканска world-music сцена.

Naked се формирани 2006 година во Белград. Бендот веднаш го привлече вниманието на домашната публика, отскокнувајќи од другите појави на српската музичка сцена, благодарение на повеќеслојниот и енергичен музички израз, приемчивите, но во исто време интригантни авторски композиции, како и на компактното, добро координирано свирење. Музицирајќи заедно речиси две децении, имаат издадено пет албуми, концерти настапи ширум светот, од Чиле до Ј. Кореја и на познати фестивали како Colors of Ostrava, EXIT, Red See Jazz Festival, ACC Festival и др. Стилот на бендот е комплексен, непосреден, еклектичен. Елементи од балканските традиции, со медитерански, африкански и источноевропски примеси, во синергија со контурите на џез, фанк, рок, слободната музика и импровизацијата – сето тоа заедно го чини препознатливиот НЕЈКИД звук. All About Jazz ја нарече нивната музика акт на љубов, опишувајќи го бендот како хипнотизирачка формација и колектив чија музичка обединетост континуирано сугерира дека тука не станува збор за неколку музичари, туку за еден, информираат организаторите на 23. „OFFest“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.