На филмот ќе му претходи свечениот дел и прогласувањето на победниците во компетитивните селекции на Фестивалот, односно Официјалната селекција на долгометражни филмови и Официјалната селекција на краткометражни филмови. За обете селекции стручното жири ја доделува наградата „Златен був“, додека во краткометражна селекција се доделува и специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“. Годинешното стручно жири го сочинуваат домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Славица Србиновска (компаративист), Иван Миленковиќ (филозоф, Србија) и Јане Спасиќ (режисер). Дополнително, после секоја од проекциите од овие две селекции, публиката имаше можност да гласа за Најдобар долгометражен филм и Најдобар краткометражен филм, награди што, исто така, ќе бидат доделени на затворањето.

Фестивалот ќе го заокружи своето годинешно издание со третиот филм од Ревијалната програма. Филмот се случува во време на златната треска, некаде кон крајот на деветнаесеттиот век, кога еден сиромашен човек заминува во планините на Алјаска со надеж дека таму ќе си ја најде среќата: некакво мало богатство кое би му го сменило самотниот, беден живот.

Откако преживува една страшна бура – која ја минува во состојба на константен стрес, засолнет во колиба со озлогласен криминалец и добродушен но прегладнет трагач по злато – се вљубува во Џорџија, прекрасна салонска танчерка. Чисто заради забава (а и за да налути еден свој агресивен додворувач), таа почнува да танцува со него. Но, сепак, и покрај даденото ветување, заборава да го посети малиот човек за време на новогодишната ноќ, иако тој возбудено ја чека во колибата, со спремна вечера и подарок. Комплетно дело на Чарли Чаплин (режисер, сценарист, монтажер, продуцент и главен актер), „Златната треска“ е инспириран од неколку фотографии од последната голема миграција од овој вид, масовната потрага по злато во Клондајк, како и од приказната за трагедијата во Сиера Невада од зимата 1846-1847, кога група завеани мигранти се принудени да јадат кожа од сопствените чевли за да преживеат, а потоа и човечко месо. Тоа што во „Златната треска“ овие потресни настани се претворени во две незаборавно комични сцени (во првата Чаплин го готви својот чевел, а во втората Големиот Џим, неговиот прегладнет пријател, го замислува како печена кокошка) е само уште едно сведоштво во прилог на Чаплиновата теза дека комедија е она во што трагедиите се преобразуваат со време и, уште повеќе, врвен доказ за неговиот ненадминат филмски гениј.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.