Како држава сосед посакуваме Бугарија да избере политичка влада, која што ќе биде стопроцентно ориентирана кон придржување на принципите на ЕУ, кон принципите на проширување на Унијата, на почитување на сите свои соседи и градење на добрососедски односи и со нашата држава и со другите соседи, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција во Љубљана со неговиот словенечки колега Роберт Голоб. 

Како што јави известувачот на МИА од Љубљана, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за изборите во Бугарија, Ковачевски рече дека Северна Македонја верува дека една европска влада во Софија ќе се залага за сите тие принципи, исто како што Словенија се залага за зачленување на целиот Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа е единствената алтернатива за економски просперитет на сите граѓани од нашиот регион.  

Тој истакна дека односите на Македонија со Бугарија се базираат на институционална комуникација.

-Тоа значи комуникација на влада со влада, институции со институции, претседател со претседател и доколку погледнеме наназад голем број прашања коишто беа од клучно значење за граѓаните и за справувањето со кризата беа направени и со претседателот и Владата на Бугарија, како што беше непреченото снабдување со гас, либерализација на пазарот на снабдување со гас во нашата држава, која што одеше преку Бугарија, непречено функционирање на прекуграничните капацитети за снабдување со електрична енергија во текот на целата зима, во време кога имаше недостиг на електрична енергија, што исто така беше договорено и испочитувано, како и соработката на многу полиња, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека имало еден еден проблем, а тоа е дека во Бугарија немало политичка волја.

-Тие веќе подолго време функционираат со влада во технички мандат. Вчера таму завршија избори. Ние како држава сосед посакуваме Бугарија да избере политичка влада која што ќе биде ориентирана кон стопроцентно придржување на принципите на ЕУ, на принципите на проширување на ЕУ, почитување на сите своите соседи и градење на добрососедски односи и со нашата држава и со другите соседи, истакна Ковачевски.  



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.