Руската Федерација е суспендирана од Светската туристичка организација (UNWTO), со што веднаш ги губи правата и привилегиите како членка на специјализираната агенција на ОН за туризам.

Одлуката за суспензијата што беше предложена минатиот месец од Извршниот совет на UNWTO, е донесена на вонредното Генерално собрание на организацијата што се одржува во Мадрид.

На најавите од Извршниот совет на UNWTO за суспензија, руската делегација одби да ја брани својата позиција, најавувајќи повлекување од Организацијата уште пред дебатата по предлогот.

Собранието на UNWTO со повеќе од двотретинско мнозинство ја изгласа суспензијата, така што одлуката стапува во сила веднаш, додека доброволното повлекување стапува во сила една година откако членката преку соодветни канали ќе поднесе такво официјално барање.

Генералниот секретар на UNWTO, Зураб Пололикашвили, истакна дека членството на Организацијата со одлуката испратило јасна порака дека туризмот е столб на мирот и меѓународното пријателство, а членките на UNWTO без исклучок мора да ги почитуваат тие вредности или да се соочат со последиците.

Ова вонредно Генерално собрание покажува дека дејствијата на Русија се неодбранливи и спротивни на принципите на UNWTO и меѓународното раководење, рече тој.

Од UNWTO се нагласува дека сите членки се посветени на развојот на туризмот „со намера да придонесат за економски развој, меѓународно разбирање, мир, напредок и универзална перспектива и почитување на човековите права“.

Притоа се појаснува дека со губењето на правата и привилегиите за членство Русија нема да да може да добива услуги од UNWTO – вклучувајќи техничка помош, ниту пак ќе може да учествуваат на какви било состаноци или активности организирани од Организацијата. Исто така, на Русија нема да и биде дозволено да предлага свои кандидати за членови на телата на UNWTO.

Одлуката за суспендирање на членството на Руската Федерација е донесена согласно Статутот на UNWTO во кој, меѓу другото, се наведува дека секоја земја-членка може да биде суспендирана доколку две третини од членките проценат дека некоја држава опстојуваа во политиките спротивни на основните цели на организација.

Суспензијата е привремена и може да биде укината, но само со одлука на Генералното собрание и според истата процедура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.