Вчера, во просториите на Хотел Парк во Скопје се одржа тркалезна маса на тема „Ментално здравје и благосостојба кај средношколците“. Настанот беше дел од пошироката кампања, „Твоја приказна, наша поддршка“ организиран со цел да ги обедини релевантните чинители и носителите на одлуки за заедничка дискусија и креирање системски решенија за подобрување на менталната здравствена поддршка во училиштата.

На настанот учество зедоа повеќе релевантни чинители меѓу кои: Министерката за образование Весна Јаневска, заменик министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, претставници од ХЕРА, претседателот на Сојузот на средношколци Берин Мухамед, Александра Филипова – програмски менаџер во Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), како и претставници од Фондацијата за демократија на Вестминстер, Бирото за развој на образованието и Колективот на стручни соработници предводени од психологот Ана Попризова.

Во своето обраќање, министерката за образование Весна Јаневска истакна дека државата веќе обезбедува поддршка за менталното здравје на учениците преку Програма за психосоцијална поддршка во основните и средните училишта. „Постојат стручни тимови на психолози и педагози во училиштата кои заедно со наставниците посетуваат обуки од оваа област. Исто така, училиштата имаат годишни програми кои предвидуваат активности посветени на менталното здравје на учениците,“ рече Јаневска. Таа додаде дека Министерството моментално води јавна дебата за нови законски решенија, меѓу кои и законите за основно и средно образование.

Заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, ја потенцира важноста на интегрираниот пристап кон менталното здравје кај младите. „Потребно е институциите заеднички да делуваат со цел да создадеме здрава и поддржувачка средина за младите. Мораме да ги зајакнеме ресурсите и да воведеме иновации кои ќе овозможат училишните психолози, како и останатите стручни лица, да работат ефикасно со учениците,“ изјави Велковски.

Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“, додаде: „Целта на тркалезната маса беше да ги обединиме сите чинители кои работат на полето на ментално здравје и благосостојба на младите за да поттикнеме вмрежување и создавање системски решенија. Важно е што институциите веќе покажуваат свесност за темата и веруваме дека заедно ќе успееме да изградиме училишта кои активно ќе се грижат за менталното здравје на младите.“

На настанот беше нагласено дека е потребно преминување од дискусија кон акција, со цел младите да добијат конкретни ресурси за поддршка на нивното ментално здравје.

Клучни заклучоци кои беа донесени на тркалезната маса:

Постои добра основа за создавање системска поддршка за младите, која ќе ги поттикне да се грижат за себе и своето ментално здравје.
Потребен е систематизиран и координиран пристап за справување со менталните здравствени проблеми, преку вмрежување на знаењата и ресурсите.
Училиштата треба да прераснат во средини кои поттикнуваат позитивен пристап кон менталното здравје. Важна е континуираната обука на наставниот кадар и воведувањето на нови методологии за работа со младите.
Настанот беше организиран со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер, ХЕРА и Фондот за население на ООН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.