Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди за зголемен ризик од сексуално преносливи инфекции како и несакана бременост поради намалената употреба на контрацептивни средства кај младите.
Според извештајот на СЗО, речиси една третина од адолесцентите (30 отсто) изјавиле дека не користеле ниту кондом ниту контрацептивни таблети во текот на сексуалниот однос, односно, помеѓу 2014 и 2022 година, уделот на сексуално активните млади луѓе кои користеле кондом во текот на сексот паднал од 70 на 61 отсто кај младите мажи и од 63 на 57 отсто кај девојките.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави дека овие податоци се загрижувачки, но не и изненадувачки.
– Сеопфатното сексуално образование прилагодено на возраста сè уште е запоставено во многу земји, а онаму каде што е достапно, во последниве години е сè повеќе на удар поради лажните премиси дека поттикнува сексуално однесување – рекол Клуге.
Во извештајот објавен денеска се наоѓаат и препораки за креаторите на политиките, едукаторите и здравствените работници, кои опфаќаат широк спектар на теми, вклучително и сеопфатното сексуално образование, што треба да се спроведува во секое училиште.
Главниот автор на извештајот Андрас Келто од Универзитетот во Голвеј (Ирска) рече дека образованието мора да биде повеќе од само обезбедување информации и предложи да се отворат „сигурни простори“ за младите луѓе да разговараат за сите прашања поврзани со интимните односи, пренесува „Еуроактив“.
– Владите, здравствените и образовните власти и граѓанските организации треба да им помогнат да ги развијат клучните животни вештини, вклучувајќи транспарентна комуникација и донесување на одлуките без осуди – додал тој.
Освен едукацијата на тинејџерите, потребна е финансиска и политичка поддршка за развој на силни програми за образование за побезбеден секс, додаде СЗО.
Студијата од 2022 година нарачана од Комитетот на Европскиот парламент за правата на жените и рамноправноста на половите (ФЕММ), исто така, ја истакна потребата да се вложува во наставниците и персоналот што работи во училиштата.
Според комисијата на ФЕММ, институциите на ЕУ треба да обезбедат средства за промовирање на сексуалното образование и размената на најдобрите практики меѓу земјите членки.
Како што е наведено, пример е Каталонија, каде што училиштата воведоа пилот-програма за сексуално и емоционално образование за сите деца на возраст од 3 до 15 години.
– Имаме докази, алатки и стратегии за подобрување на сексуалните исходи од сексуалното здравје на адолесцентите. Она што ни е потребно е политичката волја и ресурсите за да го оствариме тоа – рекла Маргрет де Луз од Универзитетот „Утрехт“, една од коавторите на извештајот.
Се додава дека сексуалното образование е задолжително во 19 земји на ЕУ и дека во многу е групирано заедно со образованието за сексуалната ориентација и родовите улоги, наведува Европската комисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.