Секој четврти човек во светот со дијабетес не ја добива потребната помош, покажува новото истражување објавено на Светскиот ден на дијабетесот, 14 ноември.
Меѓународната фондација за дијабетес (ИДФ) наведува дека околу 26 отсто од луѓето не добиваат доволно информации за нивната состојба откако ќе им биде дијагностицирана.
Овој факт може да доведе до лош третман на дијабетесот, зголемувајќи го ризикот од физички компликации како што се мозочни удари, откажување на бубрезите, слепило, ампутација на долните екстремитети, како и да влијае на менталното здравје на една личност.
Истражувањето е засновано на онлајн прашалник од 3.208 луѓе кои или имале дијабетес или биле здравствени работници од различни земји, меѓу кои Бразил, Индија и Нигерија.
Светскиот ден на дијабетесот се одбележува на денот кога е роден Фредерик Бантинг, научникот кој го откри инсулинот со Чарлс Бест во 1922 година.
Дијабетесот е незаразна болест која е потенцијално опасна по живот и може да има тешки последици за поединците, нивните семејства, здравствените системи и националните економии.
Секој десетти возрасен во светот (537 милиони) има дијабетес. Се очекува до 2030 година бројот на заболени да се зголеми на 643 милиони, а до 2045 година на 783 милиони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.