Продолжување со набавка и навремена достапност на најсовремената терапија за третман на дијабетес и едукација во центрите за дијабетес, побараа денеска од Сојузот на здруженија на дијабетичари.
Ние како сојузно здружение на дијабетичари, после шест месеци преписки, дописки со Министерството за здравство решивме да почнеме да излегуваме надвор бидејќи сакавме да бидеме конструктивен елемент, достоинствени бидејќи знаеме дека сме голема маса на луѓе, да не правиме дополнителни трауми. Решивме да искреираме приоритетни пет барања што сакаме годинава да се остварат. Знаеме дека треба Министерството и Владата да спроведат процедури, но тоа се прави за брзо време, рече на денешната прес-конференција Димче Велев, претседателот на Сојуз на здруженија на дијабетичари.
Тој информираше дека во текот на вчерашниот ден имале работна средба со министерот која ја оцени како многу конструктивна. На состанокот бил и претседателот на Националната комисија за дијабетес, Ирфан Ахмети којшто дал поддршка на соодветните барања. Сега, во најбрз рок Сојузот на здруженија преку Националната комисија која е работно тело на Министерството за здравство по закон, треба да ги доработи овие барања и заеднички да се поднесат конкретните предло решенија кај министерот. Тој додаде дека бараат продолжување со набавка и навремена достапност на најсовремената терапија за третман на дијабетес.
Знаете доцнеа инсулини, доцнеше и антидијабетна терапија и се уште доцни. На министерот му кажавме дека нас не ни е јасно зошто, особено антидијабетната терапија се уште доцни кога е стасана во државава, потпишани договори. Нас не не интересираат компјутери, Мој термин, нас не интересира константноста, резервите да си бидат каде што треба и таа терапија навреме да ја добиваме. Министерот рече дека најбргу што може ќе изреагира. Таа терапија треба да се појави и утре или наредниот во аптеките, додаде Велев.
Од Сојузот на здруженија побарале и поддршка за едукација откако над 70 проценти од опфатените со анкета лани за квалитетот на животот на лицата со дијабетес во однос на здравјето изјавиле дека нема едукација.
Сојузот бара глукомерите да бидат достапни за сите лица со тип 1, а предност да имаат децата. Во Македонија има околу 5000 лица со дијабетес тип 1.
Второто барање, кое што за министерот е прифатливо да се доработи и да се види моделот, а тоа е референтна цена. Тоа значи како за сите други помагала, очила, корсети, нас докторот ни дава потврда, ние со таа потврда одиме во аптека, државата во аптеката ги овозможила лентите, апаратите по цената што ја има во самата потврда да го има, но да ги има и сите други посовремени глукомери. Околу 30 ги има во соседна Грција и Србија, околу 30 типови на глукомери. Во Македонија има осум до 10 глукомери и тие се стандарните што ние до сега сме ги добивале, соопшти тој.
Тој рече дека како Сојуз можеле да обезбедат 400 апарати како донација за најзагрозените лица со дијабетес.
Јордан Синадинов, претседател на Здружение на дијабетичари од Кочани, рече дека проблемите важат и за нивната општина.
Навистина ние веќе шест месеци немаме ленти. Еве денеска проверив немаме и игли, и за жал немаме сетови за инсулински пумпи, значи најмладата категорија, децата, не можат да дојдат до инсулин. Се снаоѓаме меѓу себе, комуницираме, имаме заеднички контакти, си помагаме, кој има на залиха по едно по две пенкала, се снаоѓаме, нагласи тој.
Запрашан што е со оние најзагрозените, како тие се снаоѓаат и колку пари требаат за да се исфинансираат ленти, игли и се друго, Синадинов вели зависи од квалитетот на лентите и бројот на мерења што се вршат на ден.
Едно пакување на ленти е најмалку 700 денари за 50 лентички. Сега кој како е одговорен и како мери. Некои мерат по еднаш дневно за што е доволно едно пакување ленти, меѓутоа за жал кај дечињата и кај оние што се на инсулин имаат по 4, 5 мерења дневно. Така да тоа се околу 2000 до 3000 денари дополнителен трошок. За жал тоа оди на терет на семејните буџети, мора да одделуваме од нас за самите да си купуваме, подвлече Синадинов.
Во Кочани, како што соопшти тој, на инсулин се околу 700, а на останатата терапија има уште 2500-3000 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.