На Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје денеска е отворен компјутерски центар, односно оддел за компјутеризирана томографија.

Со овој нов апарат Филипс Инсајзив којшто има висококвалитетна рентгенска цевка што работи со ниска енергетска моќ се овозможува јонизирачкото зрачење на самите пациенти и на персоналот да се намали за 80 проценти. Овозможува брзо скенирање не само на белите дробови туку и на целото тело, околу 15 секунди, и дава висококвалитетна слика којашто ни овозможува дијагностика и на интерспецијалните и други болести коишто досега беа недостапни за дијагноза, изјави денеска медицинскиот директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија Дејан Докиќ.

Тој посочи дека ќе работат во две смени, а резултатите ќе ги даваат веќе следниот ден.

Се надеваме дека на овој начин ќе придонесеме за подобрување на квалитетот на здравствените услуги од областа на компјутеризираната томографија затоа што ќе работиме во две смени и резултатите ќе ги даваме веќе следниот ден. На овој начин, пациентите ќе дојдат до побрза дијагноза и ќе се овозможи побрзо лекување, рече Докиќ.

На оваа Клиника во годината пред епидемијата, како што информира, се остварени 22.198 амбулантски прегледи и 5.060 контроли, што значи над 27.200 посети од пациенти. Од сите тие, во просек на 2.195 пациенти им се прави компјутеризирана томографија годишно.

Министерот за здравство Беким Сали додаде дека ова е донација на ЕУ преку програмата ИПА, во висина од 3,7 милиони евра како дел од програмата за брзо справување со ковид кризата.

Дел од оваа донација се и пет компјутерски томографи и три магнетни резонанци. Петте компјутерски томографи ќе бидат распредделени во општата болница во Куманово, во Прилеп, Кичево и Охрид. Ова е дел од нашиот проект кој веќе подолго време го објаснуваме дека многу е важна навремената дијагностика кај пациентите и снабдувањето со современа опрема. Ние овозможуваме рано детектирање и третирање на нашите пациенти, рече Сали.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.