Министерот за здравство Арбен Таравари денеска за првпат откако е на функција дојде во Општата болница во Куманово и кажа дека е разочаран од нејзиниот изглед.
„Куманово после Скопје е вториот по големина град во Македонија. Јас првпат доаѓам во Општата болница во Куманово и изгледот е разочарувачки, искрено“, кажа Таравари кој дојде да промовира инкубатор на Одделението за неонатологија донација на чешката амбасада.
Тој додаде дека со ретки исклучоци, случна е состојбата и во повеќето болници во земјата, поради што треба што побрзо да се поправи состојбата.
„Ние немаме магично стапче, за да кажеме дека во оваа или идната година сѐ ќе средиме, бидејќи е невозможно. Многу работи зависат од финансиите и од буџетот кој го наследивме, но, се обидуваме оваа година да обезедиме апаратура, а другата година да ги довршиме болниците во Кичево и во Штип. За Куманово да видиме што можеме да реновиреме, како што тоа го правиме во Битола, Гостивар, Тетово, Струга, Охрид, тоа се одделенија на кои треба да се интервенира што побрзо за да се подобрат условите. Генерално како држава ни треба и стратегија, за децентрализација на здравството. Куманово е 30 минути од Скопје, тоа е позитивна страна, меѓутоа да видиме што е најбитно тука да инвестираме, да не правиме луксуз. Јас мислам дека не ни треба во сите градови да имаме секакви специјализации за покомплицирани случаи, бидејќи немаме човечки реурси“, кажа Таравари.
Директорот Стефан Трајановски кажа дека болницата има проблеми со недостаток на кадар и апаратура, како и пристапната инфраструктура и организациската поставеност на одделите во зградите, на што ќе работи во наредниот период за да ги подобри условите.
„Ние наследивме девастирано здравство. Овде кај што влеговме е сместен рентген апаратот, тука се сликаат со закажани преледи и итни случаи, иста е состојбата и со компјутерскиот апарат. На улицата која е слепа, одат итни случаи и термински, и излезот на улицата е лош, не можат да поминат санитетски возила со животно загрозувачки пациенти. Нашата болница е од павиљонски тип, и можеше да има друго решение. Тоа ќе ми биде основната задача идната година, покрај техничката опременост и екипирање на кадарот“, кажа директорот Трајановски.
Министерот Таравари на Одделението на неонатологија влезе на спореден влез низ Ургентиот ценар, а по промоцијата веднаш си замина и немаше можност да ги види другите згради во болницата кои се во полоша состојба.
Општата болница Куманово е изградена во 1964 и ги опслужува пациентите во Североисточниот регион, а работи во повеќе објекти кои не се меѓусебно поврзани. Дел од нив се реновирани, но повеќето немаат просторни услови за современа здравствена заштита на пациентите. Иако во кругот на болницата има место за нова болница, за 30 години, ниту една власт не се зафати со решавање на овој сериозен проблем.
Првата болница во Куманово е изградена во 1935 од белградскиот трговец Никола Спасиќ и во зградата сега е сместено Одделението за очни болести.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.