Првата европска брошура за ендометријален карцином денеска беше промовирана на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во рамки на одбележувањето на јуни – месецот за подигнување на свеста за ендометријален карцином – рак на ендометриум на матката. Од понеделник таа ќе биде достапна во печатена форма за пациентите на ГАК и на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Доктор Игор Алулоски на прес-конференција посочи дека пациентки во менопауза, над 50 – 55 години, најчесто се соочуваат со оваа болест.
Какво било крварење треба да биде прегледано. Но, не секогаш карциномот почнува со крварење. По менопауза, барем еднаш во година, да се направи ултразвучен преглед. Обезитет е ризик фактор. Боди маст индекс над 30, дијабетес, хипертензија, исто така го зголемуваат ризикот од овој карцином, истакна Алулоски.
Докторите апелираат на превентивни прегледи кои можат да помогнат во раното отркивање на болеста. Генерално, овој тип карцином има добра прогноза, благодарение на раното дијагностицирање. Во споредба со ракот на грлото на матката, сè уште не постојат скрининг-методи за превенција од ендометријален карцином.
Брошурата, како што беше појаснето, е наменета за жени со ендометријален карцином, базирана на најнови научни сознанија и добрата клиничка пракса. Изработена е од страна на Европската мрежа на претставници на пациенти со гинеколошки малигни заболувања ESGO ENGAGE, преведена на македонски јазик и ревидирана од страна на професор доктор Игор Алулоски.
Инциденцата на ендометријалeн карцином бележи значителен пораст во последната деценија. Бројот на новодијагностицирани случаи во Европа во 2020 година изнесува 130.051 согласно податоците на Global cancer observatory – IARC.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, бројот на новодијагностицирани случаи со ендометријален карцином во 2021 година изнесува 254, споредено со 2012 година имало 128 новодијагностицирани случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.