Кампањата „Здрав оброк за секое дете“ денеска имаше официјален почеток.  Утрово, низ сите градинки во државава веќе пристигнаа првите пратки со домашни македонско кајсии од Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2023 година.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска ги поделија првите 150 килограми кајсии за сите 150 деца од клонот „Панорама“ на градинката „Кочо Рацин“.

Кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од прва класа, произведени во нашите овоштарници, под строг мониторинг на ДИЗ и АХВ кои ќе го контролираат квалитетот и безбедноста, од денеска па се до декември, редовно, еднаш неделно, ќе се дистрибуираат до сите градинки, за сите 38.000 деца.

„Започнуваме со 90.000 килограми кајсии, кои денеска се дистрибуираат низ сите градови и села во државава. По дистрибуцијата на кајсиите, ќе започне дистрибуција на 175.500 кг праски, па потоа 168.000 кг сливи и на крај заклучно со декември ќе се поделат  74.000 кг круши и 370.000 кг јаболки. И тоа сите домашни, македонски, од прва класа и произведени во нашите овоштарници, од нашите земјоделци. Одгледани под ова наше парче небо и зреени со македонската сончева енергија, која раѓа вкус кој се памти цел живот. Годинешната Програма за откуп на овошје е продолжение на она што го започнавме минатата година, но сега со двојно поголем буџет. За оваа година, издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа свежо сезонско домашно овошје“ изјави министерот Николовски.

За потсетување, минатата година беа откупени околу 750.000 килограми наши домашни јаболка и беа дистрибуирани до 350 основни училишта, односно до сите 186.000 ученици.

„Здравата исхрана на децата од најмала возраст е од особено значење за нивниот правилен психо-физички раст и развој. Денеска започнавме со дистрибуција на  кајсии, а во текот на следниот период ќе следува дистрибуцијата на останатите овошки кои се карактеристични за нашето поднебје. Учествувавме во креативните работилници каде што со децата правевме сок од свежо овошје, колачиња кои исто така во составот содржат овошје и изработка на цртежи на тема овошје. Сето ова со цел да ја подигнеме свеста за значењето на овошјето во секојдневната исхрана и ги развиваме навиките за негова консумација од најмала возраст“ изјави министерката Тренчевска.

Со кампањата „Здрав оброк за секое дете“, придонесуваме децата да се хранат здраво, да стекнуваат навики и да растат здраво. Истовремено им помагаме на земјоделците со откупот на домашното производство.

Од следната година се планира освен овошје, да се откупува и зеленчук, а крајната цел е да се откупува и млеко и млечни производи и при тоа, освен децата од градинките и училиштата да се прошири опсегот и да ги опфатиме и болниците и армијата. На тој начин сите наши установи ќе подготвуваат здрави оброци од домашни македонски производи, а нашите земјоделци ќе имаат редовен откуп, бидејќи програмата јасно дефинира дека ќе се откупува само од домашно производство“ потенцираше Николовски.

Програмата за откуп на свежо овошје е една од седумте нови програми кои министерството ги воведе токму од оваа година, со цел зголемување на домашното производство и унапредување на земјоделскиот сектор.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.