Клиниката за гастроентерохепатологија стана еден од 100-те референтни центри за проучување на хроничната црнодробна слабост кои се лоцирани во 26 европски држави. Активностите кои се спроведени во рамките на клиниката имаат крајна цел за подобрување на квалитетот на живот и зголемување на преживувањето на пациентите со цироза на црн дроб.

– Низата активности кои беа преземени за унапредување на дијагностиката и третманот на болестите на црниот дроб кои ги направивме во изминатиот период, како и поднесување апликација за членство за добивање сертификат минатата година, е доказ за високата стручност и посветеност на нашите доктори и истражувачи, кои се рамо до рамо со европските колеги. На крајот најголема придобивка, секако имаат пациентите преку продолжување на нивниот живот и подобрување на неговиот квалитет, и покрај тоа што имаат тешко заболување, истакнува проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката на гастроентерохепатологија.

Таа открива дека сознанијата кои се добиваат во различните научни центри доведуваат до заедничко идентификување, карактеризирање и воспоставување на дијагностички критериуми, како и дизајнирање на нов начин за разбирање на механизмите на хронична црнодробна слабост, која се смета за главна причина за смрт од цироза.

– Минатиот месец беше отворен и посебен Центар за болести на црн дроб. Тој е комплетно опремен со медицинска опрема и апарати, меѓу кои фиброскен и ехо – апарат со еластографија, кои се особено значајни за прецизна и навремена дијагностика на различни заболувања на црниот дроб, изјави директорката.

Во март годинава заврши и темелно реновирање на едниот кат на Клиниката, со што пациентите и вработените добија модерен простор кој целосно ги задоволува највисоките стандарди за медицински третман и нега.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.