Во рамки на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството, 7 октомври, денеска во „Европска куќа“ во Скопје беше означен почетокот на проектот „Поддршка на системот на трансплантација“, финансиран од Европската Унија.

Преку симболично засадување на младо растение како синоним за нов живот кој треба да се негува, присутните оддадоа почит, како што беше кажано, на сите 19 донори и на нивните семејства, благодарение на кои во последниве три години, 67 лица добија орган и шанса за нов живот.

Педесет и седумгодишниот Иван Огњановски е еден од тие 67 лица. Во мај 2020 година му било трансплантирано срце од починат донор. Тој е првиот пациент во земјава кај кого беше направена трансплантација на срце.

Треба да сме свесни дека понекогаш некој крај значи и нов почеток. Нов живот. За нас како пациенти тоа е нов почеток, за семејствата е можеби утеха дека дел од нивните најблиски продолжува да живее. За сите останати е надеж и верба во добрина во ова малку тешко време кое го живееме. Денес, три години по трансплантацијата, семејството на дарителот е мое ново семејство. Постојано имам покани за дружби во Дојран. Тоа за мене значи и нов живот и нови пријатели. Тешко е на тие средби кога се навраќаат и на најблиските кои не се веќе живи, ама во исто време, зборуваме и за она што значи иднина, посочи Огњановски.

Дарко Голубовски, пациент кај кого била направена трансплантација на срце, се заблагодари на сите што му дариле, како што рече, нов живот.

Среќен сум со новото срце. Го дочекав. И се заблагодарувам на фамилијата. Благодарен сум на сите, ми дарија нов живот. Тоа е за мене благослов. Моето срце го изгубив, ама ова ќе го чувам. Верував кога ми викаа дека ќе ми биде подобро, откри Голубовски.

Процесот на трансплантација од починат донор во Македонија започна во 2015 година по донесените законски измени кои ја дефинираат оваа материја. Најголем напредок е направен во 2020 година со започнување на мултиорганската трансплантација, или трансплантацијата на повеќе органи од еден донор. Таа година е направена и првата трансплантација на срце, следната се направени првите трансплантации од коскени ткива, а минатата 2022 година за првпат е направена трансплантација на црн дроб. За период од три години, 19 семејства дале согласност за донирање и трансплантирани се 67 органи и тоа 34 бубрези, три црни дроба, девет срца и 20 коскени ткива.

Евроамбасадорот Дејвид Гир изрази задоволство од настанот и кажа дека донацијата на органи е тема што ги засега безброј индивидуи и семејства.

Како што посочи, последниот извештај за земјава од страна на Европската комисија, покажува дека имаме напредок изминативе години, кога станува збор за донација на органи и нивна трансплантација.

Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека за релативно краток период, од само три години успеале од речиси нула донори, да стигнеме до мултиорганска трансплантација.

Денес на нашите клиники се работи трансплантација на срце, црн дроб, коскени ткива и бубрези и сето тоа, успешно. Со гордост можам да кажам дека во Македонија постои систем во Министерството за здравство, кој е клучен предуслов за успех во трансплантациите на органи и ткива. Постои одличен систем за следење на органите и нивна распределба во склоп на „Мој термин“. Имаме транспарентни листи за чекање и софтвер за избор на реципиенти, подвлече Меџити пред присутните.

Трансплантациите, како што појасни министерот, се реализирани преку Програма за трансплантација од страна на Министерство за здравство.

Првата трансплантација на срце од кадавер е направена во април 2020 година. Досега се трансплантирани девет срца, три црни дроба и 34 бубрези, рече Меџити.

Тој упати благодарност до семејствата кои се согласиле во најтешките моменти, да ги донираат органите на своите блиски и со тоа да спасат животи.

Токму семејствата на донорите, ја подигнаа јавната свест за органодарителство во земјава, со што ќе спасат уште многу животи, за тоа сме им бескрајно благодарни. Сакам да упатам благодарност и до сите лекари, медицински персонал, кои учествуваат во процесот на трансплантации, со вашата стручност и посветена работа, направивте многу, додаде министерот.

Националниот координатор за трансплантација, Маја Мојсова – Мијовска го поздрави проектот, што ќе опфати и едукации, кампања, синхронизација на легислативата.

Таа рече дека треба да се поклониме на семејствата кои несебично во најтешките моменти дарувале, без да размислуваат кој ќе ги добие органите, едноставно „дале дел од себе, дел од нивното семејство, за други да продолжат да живеат“.

Јас сметам дека пораката е, вие спасивте животи, едноставно, без разлика колку експертизата е во нашите раце, во суштина, одлуката е таа прва што води кон трансплантација. Значи, трансплантацијата по себе не би постоела, доколку не постои органодарителство, истакна Мојсова – Мијовска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.