На Универзитетската клиника за хематологија од денеска ќе биде пуштен во употреба новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки. Центарот има модерна медицинска опрема со која може да се третираат 120 нови пациенти годишно.

Сместен е на целосно нов кат на површина од 800 м2, и е донација од Амбасадата на САД, кои преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата со еден милион евра. Останатите средства се обезбедени од ФЗО со поддршка од Министерството за здравство и Владата.

Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис информираше дека станува збор за регионален Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки кој освен осигурениците на Македонија, има капацитет да лекува и пациенти од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, земји каде што овие интервенции уште не се достапни.

фото: Министерство за здравство

Ова е една од најважните инвестиции во јавното здравство во последните години. Со отворање на овој Центар за трансплатација на хематопоетски матични клетки, на нашата Клиника се воведуваат највисоки светски стандарди за лекување на една од најтешките хематолошки заболувања. Трансплантација на хематопоетски матични клетки претставува најсложена биолошка интервенција, при која клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки на здрав донор, со што може да се излекуваат најтешките малигни хематолошки заболувања, рече Пановска Ставридис за време на свеченото отворање на Центарот.

Како што посочи, за потребите на овој Центар се планираат и 30 нови вработувања на медицински кадар.

Таа информираше дека од 2018 година до денес извршени се вкупно 320 трансплантации. Од денес, посочи, оваа бројка очекуваат да се зголеми за двојно повеќе трансплантации во следните неколку години.

Министерот за здравство Фатмир Меџити во своето обраќање рече дека годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и 10 до 15 лица од соседните земји, кои до сега установата немала простор и капацитет да ги прифати.

фото: Министерство за здравство

Со оваа значајна инвестиција го означуваме почетокот на работа на ова ново Одделение, со што за пациентите обезбедуваме услови за лекување како што нудат најсовремените центри од ваков вид во светот. Новиот капацитет заедно со поставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, овозможува Клиниката да служи не само на јавното здравство, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот, додаде Меџити.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска посочи дека денешниот настан покажува дека сојузништвото и стратешкото партнерство со САД ги надминува сите граници и ја покажа својата хуманитарна димензија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.