Мерењето на очниот притисок да се воведе во редовните систематски прегледи, побараа денеска офтамолозите на одбележувањето на Светскиот ден на глауком кое на плоштадот во Скопје го организираше Клиниката за очни болести.
Апелираме на редовни офталмолошки прегледи. Барем еднаш во годината, прегледите да бидат рутински. Луѓето да не се јавуваат кај офталмолог само кога имаат потреба, туку еднаш во годината да бидат рутински прегледани. Како што се мери крвен притисок секоја година, да се мери и очен, изјави офтамолог д-р Ирина Богданова од Клиниката за очни болести.
Според д-р Богданова, граѓаните треба да се запознаат со ова заболување бидејќи претставува втора причина за слепило во светски размери, исто така и кај нас.
Секојдневно на Клиниката се соочуваме со нови илјадници пациенти кај кои се дијагностицира ова заболување, случајно. Го напоменувам ова случајно бидејќи заболувањето оди асимптоматски, рече д-р Богданова.
Денеска на пладне во центарот на Скопје беше организирано бесплатно мерење очен притисок. Професионални офталмолози и обучени медицински сестри им мереа очен притисок на лица од сите возрасти, со цел подигнување на свесноста за навремено откривање на глаукомот.
Како што беше нагласено, станува збор за сериозна офталмолошка болест и ако не се третира, може да доведе до слепило, а најчест причинител е покачениот очен притисок. Особено треба да се има предвид дека глаукомот не покажува знаци и симптоми во почетокот, па токму затоа најдобар начин за откривање на ова болест е скринингот и превенцијата.
Доцент д-р Богданова информираше дека преку 200 прегледи биле реализирани од утрово.
Акцијата ќе продолжи во другите градови низ државата. Утре во Битола, во среда на ред е Тетово, Куманово во четврток, а Штип во петок. Истата акција, бесплатно мерење. Интересот е многу голем. Драго ми е што луѓето се запознаваат со болеста, има голем дел и што не слушнале дека оваа болест постои. Треба да се зголеми свеста, баш и заради тоа ја правиме оваа акција, подвлече Богданова.
Таа кажа оти и изработени се флаери со податоци околу заболувањето, колку често треба да се оди на преглед, како да се врши скринингот и слично.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.