Директорот на Клиниката за детски болести, д-р Реџеп Мемеди вели дека во изминатиот пеприод имало кампања против Клиниката и лично против него, иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини.
Тие поединци многу добро знаат дека за дезинформациите, клеветите и расистичките натписи кривично се одговара и затоа немаат смелост да излезат јавно со име и презиме, туку се кријат позади лажен фејсбук профил. Имаше тенденција да се прикаже дека наводно за време на моето директорување, само три месеци, во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на детска клиника. Но, фактите го говорат спротивното. Животот на секое дете вреди повеќе од се, но за воља на вистината и за правилно информирање сум принуден да објавам официјани статистички податоци од Детската клиника, изјави Мемеди на денешната прес-конфренција.
Во последните месеци имаше три смртни случаи на деца на Клиниката за детски болести. Прво почина 14-месечното девојче и беа суспендирани две медицински лица. Потоа почина бебе од Струмица старо осум дена, но стручниот надзор не утврдил никакви пропусти при третманот. За случајот со петгодишното девојче, следната недела го очекува извештајот од стручниот надзор и ќе биде соопштен на јавноста.
Д-р Мемеди пред новинарите прикажа статистички податоци од минатите години.
Од прикажаната табела, јасно се гледа дека сега имаме двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години, односно трипати помала смртност во споредба со пред девет или десет години, кога имало во просек и по девет умирања месечно, т.е. на секој трети ден по еден смртен исход просечно. Во време кога други директоруваа на Детска клиника имаше друга власт во државата. Не смее да дозволиме некои злонамерни поединци да нанесат шетата на угледот на детска клиника и на целиот персонал кој деноноќно работи најпрофесионално и се грижи за здравјето на сите деца, изјави д-р Мемеди.
Средбата со новинарите д-р Мемеди ја искористи да каже за состојбата на Клиниката која ја затекнал во изминативе 3-4 месеци откако е на функција.
Кујната каде се спрема храна за деца и за бебиња е во комплетна амортизирана состојба. Јас ќе ви покажам фотографии. Значи, со инвентар што е преку 20 години стар, што е тешко можно да се одржува по стандарди како што треба, со простории што се руинирани и замислете, во вакви простории на Детската клиника, со години се спрема храна за деца, ова не е високоризично? Преземав мерки и сме во фаза на обезбедување нова опрема и инвентар. Кај пумпите за вода, има една пумпа хидрофор која од 2018 не е во функција. Ако имаме пожар, ќе немаме притисок за вода за гаснење на високите спратови. Секоја недела имале проблеми со притисок за вода. За кратко време ќе имаме нова станица со пумпи. Лифтовите се преку 40 години стари, пациентите ни се качуваат по скали. Ќе има решение набрзо за 2 лифта. Низ просториите на Клиниката има еден куп стара хартија документи стари 10-15 години кои не се расходувани. Тоа бара работа и внимание, изјави дирекорот.
Мемеди информираше дека кога стапил на функцијата, имал десетици барања, немало апарати за мерење притисток, монитори.
Сега обезбедив монитор, ЕЕГ апарат што е амортизиран комплетно, за среќа јас почнав постапка пред два месеца, сега од другата недела ќе имаме нов ЕЕГ апарат, а стариот за жал оваа недела откажа. Имаме нов рендген апарат, донација од Јапонската амбасада, обезбедив во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување – хормон за раст за сите деца кои со години чекаа на листа за чекање и тој проблем го решивме, потенцираше Мемеди.
На прашање дали специјализанти сами се оставаат на дежурство, тој одговори дека специјалистите биле секое време присутни, бидејќи и тие дежурале.
Недостаток на кадар е системски проблем што се провлекува со години. На нашата клиника, да, дежураат и специјализанти, меѓутоа во секое време тука се достапни специјалистите, кои исто така дежураат. Значи, не дека немаме специјалисти дежурни кои апсолутно дежураат. Меѓутоа, секако дека имаме сериозен недостаток на кадар. Во последните 14-15 години од нашата клиника заминале 40 специјалисти, половина од нив во пензија, а половина во приватното здравство и се поставува прашањето, зошто се случил ваков егзодус на стручен кадар од Детската клиника?, смета Мемеди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.