На петта седница на Главниот координативен кризен штаб беа усвоени повеќе заклучоци од одлуки и препораки на Комисијата за заразни болести. Заклучоците ќе бидат доставени до Владата која за нив ќе одлучува на следната Владина седница.

Помеѓу усвоените заклучоци кои Комисијата ги достави до ГККШ се и укинувањето на обврската за носење на маски за време на физичката настава во средните училишта, како и укинувањето на забраната за екскурзии и настава во природа.

Усвоен е и заклучокот за укинување на обврската за носење на заштитни маски во затворен простор, со исклучок на здравствените установи, јавниот превоз, аптеките и домовите за возрасни лица.

Од вкупниот број тестирања во текот на вчерашниот ден, позитивни се околу 2,4 проценти од новите случаи или 23 новозаболени на 953 тестирања, од кои еден е случај на реинфекција. Најголем број новозаболени има во Скопје – 19, како и најмногу активни случаи – 621.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во текот на вчерашниот ден починато е едно лице на 80-годишна возраст во болнички услови со коморбидитети.

Забележани се 190 оздравени пациенти, со што бројот на активни случаи на ниво на држава е 1.211.

Во Грција вчера беа утврдени актуелните мерки што ќе важат до 18 април оваа година. За влез во земјата потребно е европски дигитален сертификат за КОВИД-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен резултат по направен ПЦР или рапид тест. Непроменета останува и мерката за задолжително носење маска за сите затворени простори, а за влез во сите објекти, потребен е документ за Ковид-19 кој се скенира со специјална апликација. Исклучок се маркетите, аптеките, продавниците за храна и бензинските пумпи.

Досега во земјата се направени вкупно 1.984.493 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 307.817, бројот на оздравени пациенти е 297.354, на починати е 9.252, а бројот на активни случаи изнесува 1.211. ки/дма/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.