За пет години во Македонија, од 2016 до 2021 година смртноста кај предвреме родените бебиња е намалена од 25 на 8 отсто, кажа денеска д-р Денис Ал Калили, претседател на организацијата „Лулка“, Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца.

„Лулка“ 10 години го организира и одбележува Светскиот ден на предвременото породување 17. Ноември во Македонија (WPD – World Prematurity Day). Оваа година слоганот гласи „Родителската прегратка: Моќна терапија“.

За таа цел организираме Донаторска недела од 10 до 17 ноември годинава и ги каниме сите со донација да ги поддржите нашите напори да влијаеме на состојбата на предвреме родените бебиња, на квалитетот на лекувањето и негата и на целокупната добросостојба на семејствата кои се засегнати од предвременото породување, рече д-р Денис Ал Калили.

Со зголемување на бројот на преживеани предвреме родени бебиња и деца, се наметнува прашањето за следење на развојот на предвреме родените деца во првите години од животот, водење на евиденција, лесен пристап до задолжителните прегледи, третмани и услуги.

Бројот на предвремени породувања од година во година постојано расте, и глобално и кај нас во Македонија. Процентот на предвремени породувања од вкупниот број на раѓања варира во различни региони и држави во светот и се движи од 5 отсто во развиените европски земји до 18 отсто во земјите во развој. Со се поголемиот број на прематурни новородени, се наметнува и потребата за отворање на дискусија за навремена детекција на ризичните бремености и превенција на предвременото породување. Силната поврзаност на демографските, социо-економски фактори со предвременото породување, овозможува со едноставни и релативно евтини превентивни мерки да се намали товарот од предвременото породување, во споредба со интензивното лекување и третман на овие бебиња, кое е една од најскапите услуги во здравствениот систем насекаде во светот, смета д-р Денис Ал Калили.

Од „Лулка“, преку донаторката недела очекуваат да обезбедат финансиски средства, со кои ќе овозможат континуирано одржување на средбите за поддршка на трудници со ризична бременост и на семејства со предвреме родено бебе или дете.

Средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат насочени за средби на групи за поддршка за семејствата коишто навистина имаат голема потреба, но и за оние кои имаат ризична бременост. Дел од средствата ќе бидат насочени и за опрема и третман на овие бебиња во болниците, но исто така и за обука на лекарите и медицинските сестри кои работат со предвремено родените бебиња. Тоа што ќе биде донирано, ќе биде насочено кон современите типови на нега или на лекување, како што се користење на мајчино млеко, неинвазивна вентилација со цел овие бебиња да имаат подобар развој, рече д-р Ал Калили, додавајќи дека е многу важно да се следат предвемено родените бебиња откако ќе ја напуштат болницата, третманите со дефектолог, логопед, развојно советување.

Во светски рамки, на предвременото породување влијаат социо-економските и демографските фактори, како што се возраст на мајката, националност, живнотни навики, брачната состојбба, вработеност, сиромаштија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.