Сѐ уште се чека официјална потврда за тоа дали новиот сој на коронавирусот „кракен“ пристигнал во Србија, а српскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ веќе ги откри сите информации околу оваа варијанта.
Сојот на коронавирусот XBB.1.5 ја загрижи Светската здравствена организација, која го прогласи за најзаразната подваријанта на ковидот што е некогаш откриена.
Експертите го нарекоа „кракен“, а овој сој наводно веќе пристигнал на Балканот, а најверојатно и во соседна Србија.
Епидемиологот Зоран Радовановиќ вели дека кракенот е најпреносливиот сој, но тоа не значи дека е најопасниот.
Клиничките слики се слични една на друга, разликата тешко се препознава, но се очекува пораст на бројката на заразени. Сметам дека се создаде непотребна паника, бидејќи ако не се појавеше кракенот, сигурно ќе се појавеше некој друг сој. Точно е дека има мутација и механизам кој му овозможува полесно да се вгнездува во ќелиите, а и преносливоста е многу ефикасна. Но, треба да ни биде јасно дека зголемениот број на заразени не е резултат на овој сој, туку во прашање се повеќе варијанти кои доведоа до тоа да ни се случи седмиот бран. Тоа практично се деца и внуци на тој BA.5 сој. Во моментов тие доминираат во Европа, особено во Америка – објаснува д-р Радовановиќ.
На прашањето како да разликуваме кракен од останатите соеви, епидемиологот вели дека тоа е многу тешко.
Сите варијанти доведуваат до иста клиничка слика и сѐ се сведува на омикрон. Мали се разликите, сите омикрони лесно се пренесуваат од оној оригинален сој и се спуштаат на белите дробови. Кракенот не е опасен, но постои една многу важна работа. Поради тоа што е малку поразличен, отпорноста што евентуално сме ја имале сега дополнително се намалува. Затоа е важно да се примаат двовалентни вакцини. Вакцините даваат заштита од 4 до 6 месеци, така што тие што не се вакцинирани од летоска, треба тоа сега да го направат – советува д-р Радовановиќ.
Епидемиологот вели дека никако не смееме да ги игнорираме симптомите.
Пораката е дека треба да се чуваме, бидејќи дури и да имаме лесна клиничка слика, сепак се работи за системска болест. Таа ги оштетува крвните садови, вирусите се во целиот организам. Третина од заразените, дури и ако пројдат без тешкотии, можат да имаат долг ковид. Тоа значи дека со месеци ќе се чувствуваат малаксано, исцрпено и ќе ја губат меморијата. Тоа се сериозни последици и затоа е подобро што помалку пати да се заразувате со коронавирусот – вели д-р Радовановиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.