Клиниката за неврологија од денеска има три нови апарати. Станува збор за електроенцефалограф ЕЕГ – современа, неагресивна метода за следење на мозочната функција што се користи за рана дијагностика на невролошките заболувања, потоа апарат со којшто ќе се третираат пациентите заболени од поливоспалителна невропатија, како и апарат за електрофореза, за потребите на биохемиската лабораторија.
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ги посети реновираните амбуланти и нагласи дека оваа здравствена установа напредува и се осовременува со цел да се подигне стандардот на услугите што ги добиваат пациентите.
Како специјалист- невролог можам да кажам дека неврологијата бара користење на врвни алатки, бидејќи се соочуваме со сложеноста на човечкиот мозок и нервниот систем и токму затоа, од голема важност е постојано да се надградува опремата што се користи во работењето, подвлече Меџити.
Министерот изрази задоволство што во процесот на унапредување на работата на Клиниката за неврологија, заедно се вклучени и институциите и приватниот сектор и здруженијата на пациенти.
Според Меџити, новите услови за работа и новата современа опрема, ќе придонесат за уште поголем напредок во работата на Клиниката за неврологија, од што најголем бенефит ќе почувствуваат пациентите.
Директорот на клиниката, Висар Мифтари соопшти дека во текот на изминатите месеци во оваа клиника било извршено реновирање на специјалистичко консултативните простории – амбуланти.
Во моментот реновирани се три амбуланти простории, од кои едната е амбуланта за итни и приоритетни случаи – ургентна амбуланта, останатите две амбуланти се наменети за прегледување на пациенти закажани со термин, преку електронскиот систем „Мој термин“. Дополнително извршено е реновирање и на Дневната болница, каде се третираат амбулантските пациенти, рече д-р Мифтари.
Се заблагодари до Министерството за здравство за набавка на новиот апарат за електроенцефалографија, до Здружението за ФАП за придонесот кон донацијата на апаратот „SUDO SCAN“, како и до обложувалницата „Моцарт“ за несебичното заложување и помошта во набавка на апаратот за електрофореза, за потребите на биохемиската лабораторија установа.
Дејан Бојаџиевски, претставник на Здружението за ФАП, информираше дека Здружението е основано во март 2019 година, во моментов има 50 членови, претежно пациенти и нивни блиски роднини, главна цел во периодот од формирањето биле активности за побрзо набавување на терапија за болните.
Бројот на пациенти кои имаат клинички симптоми и знаци на оштетување на периферните нерви – таканаречени периферни невропатии, секоја година сѐ повеќе расте, оштетување на малите нервни влакна. Ваков тип на невропатии – автономни невропатии – се јавуваат кај лицата со шеќерна болест, односно дијабетична периферна невропатија, но и кај други причинители за невропатии, во прв ред невропатии асоцирани со хемотерапија кај малигни болести, фамилијарни амилоидни полиневропатии и лицата кои боледуваат од Паркинсонова болест, соопшти тој.
Доктор Васко Алексовски, специјалист по клиничка биохемија, кој ќе работи со новиот апарат за рана дијагностика на мултипла склероза, информираше дека апаратот ќе овозможи рано откривање, пред да се појават симптомите кај пациентот.
Со тоа рано откривање, рано дијагностицирање, ќе дојде и рано воведување во терапевтски третман и намалување на инвалидитетот, што е карактеристика за оваа болест, појасни Алексовски.
Претседателката на националното здружение за мултипла склероза, Ана Карајанова Димитрушева рече дека станува збор за болест на млада работоспособна популација, најчесто се дијагностицира од 20 до 40-годишна возраст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.