Се разбира, никој не сака непријатна вагинална миризба, па кога ќе почувствуваме дека „таму долу“ нешто не е во ред, разбирливо е да посегнеме по производи што ветуваат „неодолив мирис и свежина“.

Но внимавајте: дезодорансите за вулва и вагина, како и некои од геловите за интимна нега, во основа само ги прекриваат непријатните мириси, без да ги отстранат, при што може да предизвикаат иритација и пецкање. Значи, наместо да го маскирате мирисот, идентификувајте што го предизвикува и решете го!

МИРИСА НА… РИБА
Зошто се случува: вагиналниот микробиом претежно е населен со лактобацили – „добри“ бактерии што произведуваат млечна киселина, која, пак, ја одржува pH-вредноста здрава, спречувајќи на тој начин развој на „лоши“ бактерии, како што е Gardnerella vaginalis, а токму таа може да е предизвикувач на лошата миризба на риба, иритацијата, јадежот и на вагиналниот исцедок. Предизвикувачи на висока pH-вредност, која овозможува оваа бактерија да се размножува, се хормоналните промени, менструалната крв и половиот однос, затоа што спермата има висока pH-вредност. Прекумерното размножување на Gardnerella може да доведе до бактериска вагиноза.

Како да се ослободите од оваа миризба: ако pH-вредноста опаднала толку колку да се појави оваа непријатна миризба, без да се развие и бактериска вагиноза, ќе ви помогне вагинален гел како Canesbalance. Сепак, единствен начин да бидете сигурни е да закажете преглед на гинеколог.

МИРИСА НА… КВАСЕЦ
Зошто се појавува: поради намножување габички во вагината, како што е Candidа albicans. Мошне веројатно е да почувствувате и интензивен јадеж и да забележите белузлав, урдест секрет. Овој проблем е почест во бременоста, во случај на шеќерна болест, примена на антибиотици или во случај на имуносупресивна терапија.

Како да се ослободите од миризбата: избегнувајте долна облека од синтетика и тесна облека и плакнете ја вагината. Ако често ви се јавуваат споменатите симптоми, размислете за промена на исхраната – шеќерот е одлична подлога за развој на габички, па доколку не го консумирате, тоа може да помогне. Се разбира, клучна е посетата на гинеколог.

МИРИСА НА… АМОНИЈАК
Зошто се случува: мирис сличен на амонијак обично не е поврзан со исцедокот од вагината. Многу е поголема веројатноста дека станува збор за инконтиненција (неволно испуштање урина). Станува збор за многу чест проблем, за кој жените ретко зборуваат. Факт е дека од инконтиненција страдаат 50% од жените, а многу од нив не се ни свесни.

Како да се ослободите од оваа миризба: како превенција се советуваат Кегелови вежби и одржување здрава телесна тежина. Доколку неволното испуштање урина продолжи, обратете се на гинеколог со кого ќе поразговарате за начините за решавање на овој проблем.

За крај, мора да истакнеме дека е нормално вагината да има одреден мирис, а знак за аларм е само ако стане поинтензивен.


Извор: Убавина и здравје


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.