Аерозагадувањето е високо деновиве, посебно во главниот град, па заради заштита на потенцијалните штетни здравствени ефекти на суспендираните (лебдечки честички), во моментите кога нивните концентрации се драстично зголемени, Институтот за јавно здравје има низа препораки за населението кои треба да се почитуваат.

 

 

„Во градовите со „екстремно лош (сиромашен)” индекс на квалитет на воздух, населението треба да остане дома. Намалете го физичкиот напор, посебно на отворено и посебно ако почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото. Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Бремените жени треба да останат дома“, наведено е во препорааките.

Исто така, се препорачува луѓето со астма почесто да го носат нивниот инхалатор со нив.

„Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност. Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница. Избегнувајте престој и активности на отворено. Ова се однесува не само на чувствителните групи, туку и на децата и младите кои што повеќе време поминуваат надвор на отворено, и особено на лицата кои професионално се ангажирани и работат на отворено. Од маската ефектот е двоен, и како заштита од суспендираните (лебдечки) честички и од сезонските вируси (грип, настинки, вклучително и SARS-CoV). Не ги отворајте прозорците во вашиот дом. Користете прочистувач на воздух“, гласат некои од препораките.

Освен тоа, неопходно е да се консумира храна богата со витамини (антиоксиданти – витамин А, витамин Ц и Е, бетакаротен, ликопен, лутеин, селен, манган и други), главно присутни во овошјето и зеленчукот.

Според Европскиот Индекс за квалитет на воздух (Евроспка агенција за животна средина – ЕЕА), Индексот за квалитет на воздух се категоризира како: „екстремно лош (сиромашен)“, „многу лош“, „лош“, „умерен“, „прилично добар“ и „добар“.

Влошениот индекс на квалитет на воздухот (најчесто означен со портокалова до темно пурпурна/виолетова боја) на мапите кои го прикажуваат Индексот за квалитет на воздух, укажува на можноста дека некои поединци од пошироката јавност може да доживеат/почувствуваат одредени здравствени ефекти. Сепак, поединците кои припаѓаат на чувствителните групи, може да доживеат посериозни здравствени ефекти.  На вложувањето или подобрувањето на Индексот, особено влијае временската прогноза односно метеоролошките фактори (состојбата во наредните 24 часа).

Најчувствителни групи население се децата помали од 5 години, постарите граѓани (над 65 годишна возраст), бремените жени, лицата со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени категории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати. Оние со веќе постоечки респираторни проблеми се изложени на особен ризик.

Иако помладите лица и децата над 5 годишна возраст не спаѓаат во високоризичните групи на население, тоа не значи дека и нивното здравје не може да биде афектирано при краткотрајни изложености на високи концентрации на загадувачки материи.

(Мета)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.